Никола Јошевски е еден од ко-сопствениците и генерален менаџер на „СН Финансии“. Неговата прва компанија која ја основал во далечната 2006-та година е туристичката агенција „ЈК травел“, која и денеска успешно функционира. По завршувањето на факултетот, заминал за САД каде живеел и работел две години. Со заштедените пари се вратил назад во Македонија и ја основал туристиката агенција. Извесно време, подоцна, се пробал и во банкарскиот корпоративен сектор, но му недостигала слободата во донесување на одлуки. Во тие моменти, се појавил Законот за финансиски друштва и првите компании од тој тип. Така е основана „СН Финансии“.


„Тоа е пофлексибилно банкарство. Во 2016-та ја основав „СН финансии“ која и денеска е успешна компанија. Тоа е првата фин-тек компанија, основана со домашен капитал во Македонија, и доаѓа од Битола. Кога се вратив од Чикаго да живеам во Битола, сите ми велеа “ луѓето сакаат да живеат во САД, ти се враќаш тука“. Ми беше чудно, но таков ни е ементалниот склоп. Потоа и напуштив директорска позиција во банка за да основам приватна фирма и истото ми го кажуваа“, го раскажа Јошевски своето искуство на Глобалната недела на претприемништво, што се одржава неделава.

Од денешна перспектива, смета Јошевски, ништо не би направил поинаку. Грешки во раководењето се прават, но, вели дека грешките креираат проблеми, а нивното решавање ја прави компанијата поиздржлива и пофлексибилна во нејзиниот раст. За неуспесите, вели дека ги научиле дека треба да се промени нешто во начинот на функционирање.


„Иако сме финансиско друштво и ние имаме кредитни производи. Креирањето на тие кредитни производи се клучни за успехот на нашата компанија. Не можам да кажам дека сите се успешни. Но, оние кредитни производи кои се креирани и ни покажале дека се неуспешни, ни покажале што треба, а што не треба да правиме. Клучно е да ги слушаме клиентите и трендовите на пазарот. Ако ги слушаме клиентите и трендовите, неуспесите се сведуваат на минимум. Ние сме неколку ко-сопственици во неколку фирми и имаме договор луѓе директно да ги управуваат фирмите, а другите сопственици не се мешаат. Си добиваат директни извештаи и си добиваат дивиденда. Имаме менаџерска поставеност во компаниите. Менаџерот е одговорен за работата и успесите и неуспесите на секоја од нашите компании. “, изјави Јошевски.

Според него, успехот на „СН финансии“ се должи на повеќе моменти. Напорната работа како и континуираното учење.

„Иако сум банкар и економист, ова е сосема нова дејност. Ад хок ги решаваме работите и постојано мора да се едуцираме. Постојано мора да читаме. маркетингот ни е многу важен дел. Бидејќи ние се пробиваме кај помладите луѓе кои се на социјалните мрежи. Ако не вложуваме во маркетинг, тешко да стигнеме до нив“, вели Јошевски.

Ширење на бизнисот и надвор од државата

Генралниот менаџер на „СН Финансии“ очекува дека наскоро планираат да ја прошират и фин тек индустријата во Македонија. Но, и надвор од државата, односно на Балканот и во Европа.

„Во моментот се сведуваме на финансиски друштва. Но, ни недостигаат некои делови кои ќе ни помогнат да ја прошириме и засилиме фин-тек индустријата со B2B платформите. Работиме на платформа за побрзо и поефикасно да растеме“, изјави Јошевски.

Според него, за бизнис, треба храброст. Тој е на ставот дека во Македонија бизнисите не се развиени, а има многу полиња за работа. Препорачува по отворање на компанија, во првите три до пет години многу напорно да се работи, за компанијата да застане на нозе. Потоа, вели, се' зависи од желбите.