За таа цел, државата им доделила пари на повеќето државни студентски домови „за подмирување на трошоци за тековно работење во однос на режии за греење, електрична енергија и потрошена вода, а кои не можеле да се предвидат и планираат во буџетите на студентските домови“.

- Државниот студентски дом „Скопје“ - 3.582.017 денари 

- Државен студентски дом „Пелагонија“ - 1.733.507 денари 

- Државен студентски дом „Томе Стефановски Сениќ“ - 970.383 денари 

- Државен студентски дом „Никола Карев“ - Охрид - 665.779 денари 

- Државен студентски дом - „Кочо Рацин“ - Битола - 508.445 денари 

Вкупно: 7.460.131 денар или 120.300 евра. 

Од Министерството за образование и наука велат дека ќе направат анализа на целокупната состојба во студентските домови и колку реално се зголемени трошоците за одржливо функционирање на домовите.

Според моменталниот Закон за студентски стандард, средства за финансирање на државните студентски домови се обезбедуваат од Буџетот како и од корисниците на услуги - студентите.

Од Националниот младински сојуз на Македонија (НМСМ), кој претставува мрежа 51 младинска организација велат дека државата секогаш потфрла во имплементација на добрите практики и на усвоените закони, па така и за финансирањето на студентските домови.

„Дефинитивно треба да се размислува и за нови модели за финансирање кои ќе комбинираат бизнис елементи, јавно - приватно партнерство и други опции за диверзификација на изворите на финансирање. Секако може да се разгледаат и можностите за домување во станбени единици во приватна сопственост со кофинансирање од државата или пак усвојување на мерки за намалување на трошоците за ваквото домување“, вели за РСЕ Филип Ивковски, претседател на Националниот младински сојуз.

На тоа неколку месеци претходно предочи и Државниот завод за ревизија. Во ревизорскиот извештај од крајот на март 2024 година, посочи дека МОН нема изработено ниту посебен стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата.

На тоа неколку месеци претходно предочи и Државниот завод за ревизија. Во ревизорскиот извештај од крајот на март 2024 година, посочи дека МОН нема изработено ниту посебен стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата.

Во моментов, се реконструираат два студентски домови во Скопје - „Кузман Јосифовски- Питу“ и „Стив Наумов“. Во наредниот период, ќе се реконструираат и студентските домови низ државата. За таа цел, државата планира да потроши над 18 милиони евра. 

И од МОН потврдуваат дека во следниот период планираат да работат на подобрување на условите во студентските домови.

Домовите без услови за современо живеење

Државниот завод за ревизија утврдил значително намалување на сместувачките капацитети во сите домови во периодот 2019-2022 година, односно од 5.812 легла на 4.490 во 2022 година.

Исплатата на средствата на државните студентски домови не се врши врз основа на ажурирани списоци за сместените студенти кои се одобрени од страна на Министерството.

„Објектите кои ги користат студентите во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живење. Постои незадоволство на студентите во поглед на исхраната, сместувањето и функционирањето на студентските домови“, се вели во ревизорскиот извештај.

Националниот младински сојуз веќе подолго време предлага создавање на нов и сопфатен Закон за младински стандард, кој би ги опфатил прашањата од Законот за студентски и ученички стандард. Според Ивковски, моменталната законска рамка подразбира само стипендии и ученички и студентски домови и ништо повеќе.

„Според нас, под младински стандард би се подразбирало квалитетни работни места, можности за културно-забавни активности, олеснување за самостојно домување, финансиска независност, мобилност, сексуално и репродуктивно здравје, ментално здравје и други аспекти кои влијаат на секојдневниот живот на еден млад човек. За ова веќе имаше иницијатива и се формираше и работна група во склоп на МОН, меѓутоа со оглед на честата промена на владеачката структура во МОН процесот е заглавен во институционалните лавиринти од 2022 година“, вели Ивковски од НМСМ.

Државниот завод за ревизија спровел и анкета меѓу студентите кои на скала од 1 до 5 го оценуваат сместувањето во студентските домови.

На анкетата одговориле 286 студенти, што е 8, 25% од вкупниот број на студенти во домовите, а просечната оценка е 2. Оценката за храната е 2,6, за хигиената 2,4, за техничка опрема 1,6, за интернет 1,8, а условите за учење се оценети со 2,5.