Од денес, 15 септември па до 17, се одржува голем „Соларен саем“ во Скопје Сити Мол, кој воедно е и еден од организаторите заедно со „Македонската Соларна Асоцијација“. На саемот се очекува учество на преку 20-тина компании, кои ќе бидат распореени на 24 резервирани локации, на приземјето во Молот. Тие пред посетителите ќе ги презентираат најновите технологии од соларниот сектор.

На настанот ќе се претстават производители и трговци на соларна опрема, која опфаќа: фотоволтаични колектори, термални колектори, акумулаторски батерии, топлински пумпи, фототермални колектори, громобранска заштита, системи за греење, ладење и вентилација, бакарен фитинг за термални системи, инвертори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди и електрични полначи, конструкции за монтажа на соларни колектори и соларни бојлери.

-Соларниот саем е место кое ги поврзува домашни производители, трговци, инвеститори, поддржувачи на употреба на обновливи извори на енергија и експерти од соларниот сектор со цел да ги споделат своите најефикасни решенија, искуства, стратегии и иновативни трендови, напишале од „Македонската Соларна Асоцијација“

Со енергетската криза и зголемените инвестиции во обновливите извори на енергија се отвара широк спектар за работа на сите активни чинители од ова поле. За таа цел во рамките на самиот саем од Асоцијацијата најавуваат дека ќе биде прикачен и климатско неутралниот прирачник со сите битни информации за инвестиции во соларна опрема. А, во истиот се опфатени и презентации на најповолните кредитни линии од банкарскиот сектор за инвестици во енергетско ефикасна опрема.

Македонска асоцијација за сончева енергија „Солар Македонија“  е основана во 2006 година и има 21 член  индивидуалци и компании. Самата Асоцијација претставува стручно, научно, образовно и невладино здружение во чиј фокус е зајакнување на соработката меѓу македонските компании во секторот за сончева енергија (производители, изведувачи, увозници, трговци), како и поврзување на експерти и научници од сите научни гранки за промоција на обновливите извори на енергија. Организацијата работи на секое ниво во синџирот на добавување, од производство до сервис и одржување на сончевите енергетски системи, како и на промоција на сончевата енергија како одржливо решение за енергетските потреби.