Нема македонско семејство кое не го плаши најавата за зголемување на цената на струјата и сите размислуваат како да ги намалат сметките. Особено оние што живеат во куќи и размислуваат кои струјата ја користат за разладување или затоплување на домот. Во вакви услови, се повеќе доаѓаат до израз фотоволтаичните системи. 

Од пред два месеци, навидум се поедноставија условите за граѓаните да можат да ги инсталираат ваквите системи во своите домови, без да регистрираат фирма. Односно, од една страна да бидат производители, а од друга страна, пак, потрошувачи, намалувајќи ја сопствената сметка. 

Процедурите сепак, барем засега,  не делуваат едноставно. Прво треба да се упати барање до општината. Од документација, објектот мора да биде запишан во Катастар, да има имотен лист и да се наоѓа на локација која има веќе постоечка инфраструктура од ЕВН. Пред воопшто да размислувате да поднесете барање до општината, потребно е да се направи проект, кој чини од 700 - 1 000 евра, велат експертите од областа кои ги консултиравме. Тоа е проекти застатика на покривната конструкција и проект за електрика на фотоволтаичната електрана. Досегашната пракса покажува дека поднесувањето на барањето се до неговото одобрување може да поминат и три месеци. Тоа е затоа што општините чекаат и нови напатствија од Владата и надлежните министерства. 

„Треба да најдете проектантска куќа која ќе ви го изработи проектот, потоа компанија која ќе направи ревизија на тој проект. И двете мора да бидат лиценцирани. Таквиот проект се поднесува до општина и да се побара решение за поставување на опрема на покривот, вели професорот на ФЕИТ, Димитар Димитров. 

Потоа, барањето го резгледува и ЕВН, кое чини до 7 000 денари. Потребно е да се внивама да не е на локација која не дозволува ваков тип на броило. Решението за приклучок од моментот на поднесување на документите го добивате за две недели. Издавање на нова енергетска согласност ќе ве чини 360 денари. Но ова е цена само кога веќе има капацитет на постојната мрежа и трафостаница која ја има ЕВН. Кога нема капацитет, треба да се надгради потребната мрежа и ќе ви бидат наплатени реалните трошоци. 

Следен чекор е изведба на систем до 6 киловати. На компанијата која ќе и платите за да го изведе системот, ќе треба да и платите 5 000 до 8 000 евра, во зависност од квалитетот на инсталираната опрема. 

Откако ќе ги завршите сите бирократски процедури и ќе ја добиете дозволата, склучувате договор со ЕВН за преземање на вишокот струја. Инвестицијата се враќа од 5 - 10 години во зависност од цената на струјата. 

„Со поставување на фотоволтаичен систем не може да се заработи, туку да се заштеди на сметката. Ако имате висока сметка тогаш трошите многу електрична енергија и во тој момент пости можност да се заштеди. Државата треба да ја олесни процедурата и потреба од толку обемна документација“, смета професорот Димитров. 

Има можност и самите да поставите панели за да ја намалите сметката, односно да имате приклучок без двонасочно броило да не го испорачувате долот од призведената струја кон ЕВН. 

Во однос на компаниите, од ЕВН информираат дека до втората половина од август има зголемен број на барања за приклучок на фотоволтаични системи во дистрибутивната мрежа. Од почетокот на годината има 392 барања од компании за добивање согласност за фотоволтаично производство на електрична енергија. Досега, издадени се 307 согласности за приклучок на компании производители, од кои со 175 се и потпишани договори од двете страни и почната е процедура за нивна реализација, а за 132 издадени согласности се чека прифаќање на договорот од страна на инвеститорите, велат од ЕВН.