Современите технологии создаваат зависност кај децата. „Дигитализацијата ни го олеснува секојдневието. Но, нејзината прекумерна употреба може да има и штетни влијанија кај развојот на децата во предучилишна возраст, сметаат психолозите“.

Неспорно, децата се повеќе употребуваат технолошки уреди по пандемијата со ковид-19. Но, последиците можат да бидат многу штетни по нивниот развој, предупредуваат стручњаците. Тие говореа на дебатата „Современи технологии – зависност или корист“, организирана од здружението „Ајнштајн“.

На децата им треба физичка активност

Од втората до шестата година, се развиваат сите домени во рамки на личноста. Пред се’, се развива говорот, потоа когнитивниот и емоционалниот аспект и себството. Во тој период, почнуваат да усвојуваат морални вредности и правила на однесување.

Претераното користење технологија кај децата создава регрес или стагнација, вели Фрицханд

 

„Кај децата од предучилишна возраст, секој од развојните домени треба да биде оптимално стимулиран за да се развива. Ако говорот интензивно се развива, детето треба да биде поттикнувано да зборува. Ако имате дете кое со часови молчи е окупирано со мобилен или таблет, нормално е дека ако тоа трае, да стане константно однесување. Потоа потешко зборуваат или имаат потешкотии во некои зборови. Говорот сам од себе нема да се јави ако не се поттикне. Доминантното сетило е видот и користењето на овие електрични уреди најмногу влијае на развојот на визуелниот домен. Но, до извесна мера. Се’ што е премногу, станува штетно и наместо да поттикнува развој, може да предизвика стагнација или регрес“, смета проф. др Ана Фрицханд, раководител на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Нејзина препорака е децата до две години да не бидат изложени на какви било електронски уреди. Кај децата во предучилишна возраст овој пристап да биде под сериозна контрола на родителите и временски ограничена. Бидејќи според Фрицханд, првите пет години се критични за развојот на мозокот.

„На децата им треба физичка активност. Прекумерното користење на технологијата и седење со часови пред компјутер не поттикнува физички развој, развој на мозокот. Тоа поттикнува друг тип на живот од кои произлегуваат, попасивни, потромави деца. Тие брзо се заморуваат и со тек на време се губи желбата да излегуваат надвор и да играат. Тоа е уште еден негативен аспект. Децата не може да се изолираат од технолошките достигнувања. Но, возрасните да водат сметка и да воведат контрола и за тоа колку што и како гледа, вели Фрицханд.    

Децата се осамени со своите телефони

Според логопедот Силвана Филипова, која е директорка на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, проблемите се појавуваат кога компјутеризацијата е замена за се’. Посочува дека мал е бројот на деца кои покажуваат интерес за игра со играчки. Во спротивно, телефоните им претставуваат задоволство.

Со технологијата децата се осамени, треба да играат друштвени игри, смета Филипова

 

„На тој начин не ја развиваат симболичката игра, а преку играта децата најдобро учат. Се помал број деца играат друштвени игри, туку се осамени со своите телефони. Родителите забележале дека сликата во движење многу брзо ги смирува децата. На тој начин тие го купуваат својот мир со поклони на смарт телефони. Содржините кои ја смируваат физичката активност на детето, набрзо го престимулираат мозокот и создаваат зависност. На тоа дете, за кратко време само телефонот ќе му биде интересен, а се останато досадно. Ако го пуштиме во соба полно со играчки, нема да знае како да се однесува и што да прави со нив“, смета Филипова.

Како што објаснува, за да се развие говорот, потребни се и стимулации од надворешната средина, покрај биолошката основа. Телефоните ги оценува како најлоши стимулации за развој на мозокот. Нејзиното објаснување е дека децата преку нив слушаат дигитален говор преку микрофони со слаб квалитет и на тој начин доаѓа до нарушување на аудитивната перцепција која се развива во првата година.

„За развој на говорот, потребно е и развој на фонолошката свесност, правилната артикулација за развој на фонолошката свесност, семантичкиот и синтаксичкиот развој. Дете кое има нарушено аудитивна перцепција, подоцна ќе покаже говорно јазично нарушување. Децата на таблетите гледаат дводимензионална слика, наместо сликата да биде тродимензионална. Децата до пет години треба да гледаат тродимензионална слика, да играат со играчки, да ја развиваат третата димензија на длабочина која е потребна за фокусираното внимание, а кое подоцна е потребно за совладување на техниката за читање, објаснува Филипова.

Долгото време поминато на таблет, според Филипова создава кај децата ограничени моторни движења. Се’ повеќе стануваат неспретни, имаат слаба фина моторика, која пак е во корелација со развој на говорот.