Нашиот северен сосед во последните две години стана светски рекордер по прилив на кинески капитал и кредитно задолжување од Кина, а во регионот на Западен Балкан големо присуство на кинески капитал е забележливо и во Босна и Херцеговина.
Ова се податоци од истражувањето China Global Investment Tracker спроведено од American Enterprise Institute и Heritage Foundation.

Според истражувањето, во Босна и Херцеговина се инвестирани 3,05 милијарди долари, а забележливо е дека инвестициите и заемите од Кина драстично се зголемиле по 2019 година.
Што се однесува до инвестициите во БиХ, од Кина се слеале 610 милиони долари, меѓу кои „Пауер Чајна“, „Синомах“, „Кајна Нонфероус“ и „Шандонг Гаосу“ во транспортот, енергијата и металите. Кинеските инвестиции се однесуваат на периодот од 2019 до 2021 година.
БиХ зела повеќе од 2,44 милијарди долари како заеми од Кина за изградба на автопати, хидроцентрали, инвестиции во гасификација и производство на јаглен. Подигнатите кинески заеми го покриваат периодот од 2010 до 2022 година.
Кинеските кредити во Србија се со огромна вредност од 13,98 милијарди долари. Земјава користела кинески средства за изградба на автопати, железници, комунални услуги, гасификација, енергетски проекти, но и за инвестиции во Електропривреда Србија и Телеком Србија, се вели во опсежна анализа на Недељник.
Покрај кинеските заеми, Србија во изминатите неколку години привлече директни кинески инвестиции во износ од над три милијарди долари.
Инвестициите од 2016 година до денес опфаќаат пред се инвестиции во рудникот „Бор“ и Железарницата во Смедерево, како и во фабриката за автомобилски гуми. Главни инвеститори се Zijin Mining Group, Hesteel Group и Shandong Linglong Tire.
Во изминатите три години, Северна Македонија нема значајна инвестиција од Кина, ниту заем подигнат од надлежните органи. Албанија и Косово се на самото дно по прилив на кинески капитал.