Стартуваше програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ . Дваесет млади луѓе  од вчера започнаа да ги следат обуките во рамки на програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“. Целта е да се овозможи градење на вештини кај младите со трансфер на знаења овозможен преку соработката на Претседателот на државата како покровител на програмата и Советот на странски инвеститори,  при Стопанска комора на Македонија.

Стартуваше програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“

Право на учество во програмата имаа студенти коишто се во последната година од нивните додипломски студии, дипломирани студенти, студенти на магистерски и докторски студии на универзитети/факултети по економија, право, човечки ресурси, менаџмент, јавна администрација, бизнис или научна област со која се занимаваат компаниите, вклучени во оваа програма. 

Како што вели Претседателот , - се работи за млади луѓе кои ја заслужуваат и ќе ја оправдаат довербата. А, на државата останува обврската да им овозможат услови на овие млади луѓе кои сакаат да останат во државата, да ја добијат првата шанса тука.

„Ваквите проекти не претставуваат замена за образовниот систем. Меѓутоа, треба да ја добијат нашата поддршка, затоа што се значаен додадок на теоретското образование. Односно тоа е  можност студентите да бидат директно вклучени во процесите, во креирањето на  политиките и во функционирањето на соодветни сектори во компаниите. Така што, од оваа програма ќе има двоен бенефит. Од една страна, компаниите ќе имаат можност да ги чујат размислувањата на младите, а, од друга, младите кадри ќе имаат можност да стекнат нови, практични знаења. 

Крајната цел на сите нас е дипломираните студенти да ги задржиме тука. Затоа треба да дадеме предност на квалитетот и професионалноста над импровизацијата и полтронството. Само на тој начин ќе спречиме емиграција на квалитетни и способни кадри“, смета Претседателот. 

Програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ во наредните два месеца предвидува обуки за стратешко планирање и лидерски вештини, вебинари, подготовка на студија на случај и посета на различни сектори во рамки на компаниите.