Климатските промени претставуваат голема опасност за светското  стопанство, индустрија и економија. Според проценките презентирани во истражувањето на организацијата „Climate Central“ до 2050 година, недвижности во вредност од 35 милијарди ќе бидат под вода во Америка, додека според друга студија објавена како дел од „Race to Zero“, земјоделските компании и трговци поради климатските промени би можеле да загубат вредност до 150 милијарди долари до 2030 година.

 

 
Поплавени брегови

Непрофитната истражувачка организација Climate Central спроведе уникатна студија за подигнувањето на нивото на морето, предвидувајќи дека количината на недвижен имот, згради и даночни приходи што стотици крајбрежни окрузи ќе ги загубат затоа што плимата ќе ги зафати тие развиени области. Утврдено е дека околу 4,3 милиони хектари - област речиси со големина на Конектикат - ќе биде под вода до 2050 година, вклучувајќи недвижен имот во вредност од 35 милијарди долари.

„Поголемите поплавни води допираат подалеку во внатрешноста, поплавувајќи ги имотите и зградите кои никогаш претходно не биле поплавени“, напишаа истражувачите од Climate Central, пренесува „Scientific American“

Тексас, Луизијана, Северна Каролина и Флорида се некои американски држави кои би можеле да бидат особено погодени од зголемувањето на нивото на водата. Се проценува дека над 30 држави во САД би можеле да изгубат повеќе од 10 отсто од нивната вкупна површина до 2050 година.

Според извештајот, Луизијана би можела да биде особено тешко погодена, со 2,4 милиони хектари под вода до 2050 година.

Во округот Даре на надворешните брегови на Северна Каролина, на пример, 27 отсто од областа ќе биде во опасност од поплави до 2050 година, потенцијално потопувајќи имот и згради во вредност од 875 милиони долари. Се предвидува дека 19 отсто од површината на Округот Монро во Флорида Кис може да биде поплавена, што претставува 700 милиони долари во недвижен имот и згради.

До 2100 година, речиси девет милиони хектари – односно површина речиси со големина на Њу Хемпшир - ќе бидат под вода, вклучително и 3,2 милиони хектари во Луизијана, или околу три отсто од нејзината површина, се вели во извештајот. Практично, девет милиони хектари опфаќаат околу 300.000 згради и недвижен имот во вредност од 109 милијарди долари. Генерално, државите во Нова Англија и брегот на Пацификот се соочуваат со најмала потенцијална загуба на земјиште.

Истражувачите на Climate Central ги комбинирале најновите модели на покачување на нивото на морето објавени минатата година од Меѓувладината комисија за климатски промени со податоците на NOAA кои ги покажуваат нивоата на крајбрежните плими. Тие ја комбинирале својата анализа со евиденцијата за данок на имот за да утврдат кои парцели се соочуваат со идна закана од поплави и вредноста на погодените имоти.

 Земјоделство

Најдобрите земјоделски и прехранбени компании би можеле да изгубат до четвртина од нивната вредност до 2030 година, доколку не успеат да се прилагодат на новите владини политики и однесувањето на потрошувачите поврзани со климатските промени, велат активистите поврзани со Обединетите нации во новиот извештај.

Истражувањето, кое ќе биде претставено днеовиве, покажува како 40 големи компании, вклучително и земјоделски производители и трговци на храна, би можеле да поминат според сценарија, коишто се сметаат како клучни за намалување на емисиите, како што се владите кои наметнуваат цена на емисиите на јаглерод или ако потрошувачите го намалуваат користењето на  месо.

Студијата, што ја анализира Ројтерс, покажува дека вредноста на компаниите ќе се намали во просек за околу седум отсто до 2030 година, што е еквивалентно на загубите на инвеститорите од околу 150 милијарди долари, доколку не ги прифатат новите практики.

Студијата беше објавена во склоп на „Race to Zero“ кампањата поддржана од ОН за справување со климатските промени. Истражувачите користеле податоци од Vivid Economics, која е дел од консултантската фирма McKinsey & Co. Извештајот ќе биде претставен на Климатската недела во Њујорк, како дел од настаните поврзани со собирот на светските лидери.

Според аналитичарите наодите ја покажуваат важноста на претходните повици до инвеститорите и компаниите да ги елиминираат стоките поврзани со производи како што се добитокот, палминото масло и сојата кои придонесуваат за уништување на шумите. Повеќе од 100 глобални лидери минатата година ветија дека ќе го запрат и поништат уништувањето на шумите и деградацијата на земјиштето до крајот на деценијата.

Кафето е еден од најдобрите примери за важноста на климата за одгледување на самиот производ. Намалениот принос на кафе во Бразил, најголемиот производител во светот, може да предизвика нагло зголемување на цените на кафето ширум светот во наредните месеци. Фјучерсите на кафето се зголемија за речиси 90 отсто минатата година, откако сушата и мразот го погодија бразилското производство, покажуваат податоците за тргувањето.

Покрај Бразил, плантажите во Колумбија, уште еден голем извозник на кафе, беа погодени од влажното време што не е вообичаено. Слична е ситуацијата и со оризот во Индија. Оваа држава го забрани извозот на оризот поради намалениот обем на производство поради обилните монсуни.

Според некои процени , како што наведува Волстрит журнал се очекува дека овогодишните приноси на некои фарми ќе бидат намалени и за 50 отсто. (Блиц)