Не, ова не е уметничка слика „Штикла на платно“, туку е нашата срамота „штикла во реката Треска“ која веќе не може да го издржи товарот на ѓубрето што се фрла во неа и знаците на умирање на една од најчистите и најубави наши реки се видливи и вознемирувачки.

Инспекците го знаат ова, граѓаните негодуваат и приговараат. Како една култура на почитување на чистата вода, што ја имавме порано, се претвори во крајна некултура, дивјаштво и неразбирање на значењето да имаме чисти води, за напојување, за полевање и за пиење? Па, не гледаме ли дека во светот жедта зафаќа се’ повеќе големи делови од планетава, не гледаме ли дека цели реки пресушуваат, а ние се’ правиме сами да ги пресушиме и да го уништиме рибниот фонд, да немаме каде да се оладиме или да спортуваме.

На составот на реките Треска и Вардар, на источниот крај на СРЦ „Сарај“, Ѓорче Петорв, живееше трофејниот и легендарен кајак-клуб „Ластовица“, школа за огромен број млади од овој дел на градот, но сега и тој е напуштен и никој не навраќа во него, старите чамци висат како скелети, се’ мириса на апокалипса. Токму и сликата „штикла во Треска“ е од тој дел на реката, во кој со децении, откако селото Крушопек почна нагло да се гради и да се шири, се фрла отпад од секаков вид, од бетони, тули, огради, тракторски гуми до домашно ѓубре кое скапува и од него се шири смрдеа. Жителите на околните населби, се жалат на зголемено присуство на смог, муви и комарци летно време, а никој не ја кажува вистинската причина, зошто работата се остава да се движи по некоја лоша инерција.

На долготрајната и настојчива иницијатива на „Анторис“, со пишување писмени пријави и со телефонски јавувања,  пред две и пол години на местото, во СРЦ „Сарај“, дојде четиричлена инспекција од Градот, и откако ја виде состојбата (се виде дека таа состојба им е добро позната на инспекторите) ветија дека ќе преземат мерки, со забелешка  дека ситуацијата по течението на цела река е очајна. До ден-денес ништо се нема случено, градската власт се семни и сигурно „предметот“ е некаде фрлан или зафрлен, ако воопшто и бил оформен!

Пред неколку дена медиумите објавија дека невладините организации го вклучиле алармот за неопходна акција за зголемување на еколошката свест кај граѓаните и нивните постапки. Тие рекоа дека ги имаат индентификувано и докумнетирано депониите на кои граѓаните покрај реката фрлале секов вид отпад. Ја поздравуваме иницијативата на невладините организации, со заблешка дека свеста нам ни е апстрактна категорија, па така и тој ангажман ќе остане како еден добронамерен обид, зашто свеста се формира со векови, а не веднаш по и најдобронамерната иницијатива .

Власта пак, информира дека при крај е нов закон за водите кој, наводно, ќе бил усогласен со европските слични закони, но и дека општините траба да си ја вршат својата работа и да ги применуваат своите надлежности што се однесуват на ѓубрето во нивниот атар.

Во иницијативата на „Анторис“ пред две и пол години стигнавме и до општинската инспекција на оштина Сарај. Инспекторот не’ замоли да не го објавуваме неговото име, затоа што би можел да има последици од претпоставените, но и дека, наовдно, инспекторите дежурале покрај Треска, ама само до плноќ, зашто потоа ги фаќала дремка. По полноќ, наводно, доаѓале камиони од другите делови на градот со отпад и таму го фрлале ѓубрето, па така никој од општината нема одговорност за нападот врз реката и врз  околната природа. Жителите на селото со кои разговаравме, велеа дека ни тие не можат да сторат ништо, затоа што во селото имало „некои“ на кои никој не смеел да им писне!  

За овој проблем известивме и некои национални телевизии да дојдат и да ја прикажат сиката, но ниедна не прифати. Имеме впечаток дека таа тема за нив не е достојна за обработка и дека само политичките теми и темите на денот, во кои само се „малти празна слама“ се вредни за на програма. Значи, за телевизиите екологијата е на мергините на нивниот интерес, иако тие можат најверодостојно, со жива слика, да ја прикажат работата!

Вака ли во ЕУ?

Кога мисиите на Европската унија ќе ни укажат дека треба од коран да се менуваат некои работи, ние веднаш тоа го толкуваме како некој одбрамбен механизам на Унијата за да не оддалечи од тој пат, па често се разочаруваме од нејзините барања, а никако не се разочаруваме од самите нас. Работиме како за инает на Унијата и никако да ни текне дека работиме во корист на сопствената штета.  

Европската Унија на македонските институции кој знае  колку пати ни го има предочено фактот што укажува на тоа дека комуналниот отпад кај нас воопшто не се рециклира и покрај парите што ги добила државата за реализација на вакви проекти. Значи, некој треба да одговори – кај се парите наменети за таа потреба?  

И на крајот, дали на нашата македонска цивилизација и се потребни закони за да ја заштитат придродата од нас. Дали ние не знаеме дека природата треба да се штити и да се чува? Дали кога ќе пројавиме желба да се одмориме или да се рекреираме во нeјзините прегратки, не знаеме дека не траба да ја изгнасиме и да го оставиме отпадот, најмногу платичниот, кој не се разградува ни по илјада години. Ако бараш љубов од некого, треба и да му вртатиш со љубов. Во спротивно, природата знае сурово да казни, како што веќе ја казнува планетата со суши, со поплави со земјотреси и со други апокалчиптични појави.

Новиот закон со кој се пофали власта, дали ќе се применува, или ќе биде само форма, ќе се види многу бргу. Веројатноста е дека нема да се применува, као и сите одредби во другите закони со кои треба да се санкционира криминалот и корупцијата. Затоа граѓаните се чувствуваат незаштитени и несигурни во сопствената земја, затоа бегаат.     

Потоа, прашање е на висината на казнените одредби што ги пропишува тој закон, дали се симболични или се само за плашење врапци, па Треска ќе си тече и чемер ќе си влече.