Иницијативата за стипендирање млади математичари од ПМФ е на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Целта е промоција, подигање на свесноста и афирмација во јавноста на актуарската професија која е дејност од суштинско значење во осигурувањето, а воедно и високо ценета и добро платена. 

Студентите на математичките катедри на ПМФ се потенцијални актуари кои по завршување на соодветна обука што ја организира АСО можат да станат овластени актуари. И на тој начин да добијат вработување во осигурителни компании, друштва за управување со пензиски фондови, банки и други финансиски институции.

Иницијативата на АСО за стипендирање на студенти годинава ја поддржаа 14 од вкупни 16 осигурителни компании и тие се: Триглав осигурување живот, Кроација осигурување – неживот, Еуролинк, Триглав осигурување неживот, Граве неживот, Уника Лајф, Граве живот, Халк Осигурување, Уника, Евроинс, Сава Осигурување, Кроација осигурување – живот, Винер Лајф и Македонија осигурување ВИГ.

Ова е втора година по ред осигурителната индустрија да доделува стипендии по повод денот на осигурувањето, а лани беа доделени 11 стипендии на студенти на Економскиот факултет при УКИМ.

Убава приказна со изразита филантропска компонента

Настанот го отвори Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО со мислата од познатиот иноватор, претприемач од револуционерни размери, Хенрик Форд: „Не е успешен бизнисот што не може да создаде ништо друго освен пари“. -Водени од ваквата максима, а знаејќи дека основниот супстрат на осигурувањето е солидарноста, од минатата година започнавме со воведување на убава пракса - осигурителните друштва стипендираа 11 најдобри студенти на Економскиот факултет во Скопје.

Сега сме помасовни и поорганизирани. Годинава 14 осигурителни компании ја прифатија и поддржаа иницијативата на АСОМ за стипендирање 14 студенти на Природно математичкиот факултет. За студентите покрај стипендијата што ја добиваат тоа ќе значи и можност да се докажат и остават впечаток преку праксата во компаниите. За осигурителните друштва важно е тоа што ќе добијат можност да лимитираат кадри со потенцијал од кои ќе можат да добијат идни актуари. А, за сите нас заедно е важно што креираме тоа што ова е убава приказна со изразита филантропска компонента. Придонесуваме за заедницата, се грижиме едни за други, покажуваме емпатија. Придонесуваме младите, перспективни и квалитетни кадри, да одлучат да останат во земјава, тука да се реализираат професионално, да основаат семејства и да придонесуваат во развојот на нашето општество. Веруваме, а посветено работиме заедно со членовите на Советот на експерти на АСО и  со сите вас од индустријата, на тоа да создаваме општествено корисни практики. Тие се алатки со кои во перцепцијата на домашната јавност осигурувањето ќе се позиционира како општествено одговорна дејност. И тоа, сериозно, значајно придонесува за градењето на довербата и тоа како е потребна за квалитетен раст на овој бизнис.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод денот на осигурувањето истакна:

-Сметам дека е навистина од големо значење тоа што денеска зборуваме за тоа како растот на осигурувањето да го трансформираме во долгорочен развој бидејќи само така ќе ги промовираме потенцијалите на оваа област, но и ќе ги презентираме можностите пред овие млади луѓе. Токму тие и нивната неисцрпна енергија се носителите на нашиот развој и носителите на нашата иднина.

Присутните ги поздрави и Ралица Губерова, претставник на осигурителниот бизнис и претседател на групацијата за осигурување при Стопанската комора: -Единствено преку заеднички активности на сите учесници на пазарот на осигурување, со поддршка и координација од страна на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурување, заедно можеме да влијаеме за зголемување на бројот на осигуреници, зголемување на стапката на пенетрација на осигурувањето, за крајно да обезбедиме развој на целокупниот пазар на осигурување. Ова секако ќе ја подигне важноста и значењето на осигурувањето, ќе имаме се повеќе задоволни осигуреници, а друштвата за осигурување ќе станат поатрактивно место за работа на квалитетен кадар кој ќе биде мотивиран да го вложи своето време и труд во развој на овој значаен сектор за економијата и општеството во целина.“

 

Универзитетот во служба за потребите на стопанството 

Во име на студентите-стипендисти се заблагодари Даворин Трпевски, декан на ПМФ.

-Верувам дека оваа соработка со АСО и осигурителните компании ќе продолжи да се развива и во иднина. Благодарност од наставно-научниот совет и деканатската управа на Природно математичкиот факултет УКИМ за иницијативата, соработката со нашиот  факултет и за доделувањето на 14 –те стипендии од 14-те осигурителни друштва на нашите математичари. Ова е вистински момент да се истакне улогата на Универзитетот како институција која работи во служба за потребите на стопанството. Соработка на која во иднина мора многу сериозно да се работи.  Имено на мислење сум дека спрегата, стопанството – универзитет треба континуирано да се зајакнува и да се трудиме да биде двонасочна, истрајна да се базира на мериторни критериуми кои ќе бидат видливи за двете страни. Во случајов Природно математичкиот факултет докажува дека кадрите кои ги создава се компатибилни со потребите на пазарот на трудот, а АСО заедно со своите партнери со нивниот потег и односот кон нашите студенти ни дава огромно признание.

Во склоп на одбележувањето на денот на осигурување се одржа и панел- дискусија под работен наслов „Како растот на осигурувањето да го трансформираме во развој“. На панелот учествуваа Шајноски, претставник на регулаторот АСО, Бранко Азески, претседател на „Стопанската комора“, Филип Николоски, заменик министер за финансии, а претставници на осигурителните друштва беа: Христина Џамбазовска Анастасов, директор на „Триглав живот“ и Климе Попоски, директор на „Винер неживот“. На панелот особено внимание предизвика темата за донесувањето на новиот Закон за осигурување што треба да ја приближи осигурителната индустрија кон европските стандарди и работа по правила содржани во ЕУ директивите кои ја регулираат оваа област.

На панел дискусијата се разговараше и за секогаш актуелниот реформски процес за либерализација на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта. А, паралелно беа опфатени и значајни теми од областа на осигурувањето живот, дејност која иако помала од неживотното осигурување во континуитет има поголем раст на вложувањата. На оваа тема особен акцент беше ставен на квалитетниот прием на штети како катализатор за раст и развој на осигурувањето живот.

Награден научно-истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување

Во рамки на настанот беше презентиран и наградениот научно-истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување за кој АСО, традиционално низ годините, доделува награда. Автор на наградениот труд, годинава, е Антонио Крстаноски студент на насоката за осигурување на факултетот во Охрид, кој е дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола (УКЛО) Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. На настанот Шајноски на Крстаноски му додели плакета, а од АСО беше доделена и парична награда од 80.000 денари.

 Националниот ден на осигурувањето, 1. ноември воедно е и денот на кој пред 14 години почнала со работа Агенцијата за супервизија на осигурувањето. АСО е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.