.Што да се очекува од пазарот на станбен простор? Дали е вистинско време за инвестиција? Ова се основните прашања на кои се темели Анализата на консултантската компанија Cushman &Wakefield ФОРТОНМКА
„Пазарот на станбен простор останува најдинамичен сегмент од пазарот на комерцијални недвижнини во Р.С. Македонија. Овој сегмент е позициониран како еден од најзначајните двигатели на градежништвото во државата во изминатите неколку години. Земајќи ги предвид сите набљудувани параметри, пазарот на станбен простор во Скопје е најдинамичен како во поглед на понудата, така и во поглед на побарувачката“– велат од врвната консултантска компанија за комерцијален недвижен имот, ФОРТОНМКА, која е дел од алијансата Cushman &Wakefield.
Што да се очекува од пазарот на станбен простор? Дали е вистинско време за инвестиција?
Стабилен пазар со континуиран раст
Официјалните податоци за 2020 година (првите три тримесечја), и покрај пандемијата, укажуваат на стабилен пазар, со континуиран пораст:
-Во 2020 говина во Р.С. Македонија продадени се 4.590 станови. Тоа претставува раст на продажбата за 10 отсто споредено со истиот период во 2019 година;
-Бројот на станови во градба порасна за 13 отсто во споредба со предметниот период од 2019 година;
-Цените на становите се зголемени за три проценти во однос на истиот период од 2019 година;
-Во 2020 година продадени се вкупно 2 088 новоизградени станови. Со тоа уделот на новите станови во вкупниот број продадени станови порасна од 26 отсто во 2019 година на 36 отсто во 2020 година;
-Продажбата на станови во Скопје претставува 63 отсто од вкупните трансакции на станови во целата држава забележани во првите три тримесечја од 2020 година;
Бројот на издадени одобренија за градба на станбени единици во Скопје за 2020 година изнесува 2.789. Бројка која покажува намалување од 12.6 проценти во споредба со 2019 година. Овој процент се појавува како резултат од моратиориумот и ревизијата на деталните урбанистички планови. Најголем број на издадени одобренија за градба на станбени единици (1161) се во Општина Аеродром.
Становите во Центарот на Скопје, најскапи
„Што да се очекува од пазарот на станбен простор во Скопје? Тој е стабилен за потенцијалните инвеститори. Интересот е најголем за главниот град, а развојот води кон проширување на границите на Скопје. Истиот е поддржан од банкарскиот сектор со нови подобри услови за станбени кредити, со 10 годишна фиксна каматна стапка. Согласно податоците од НБРМ, просечните денарски (безвалутни) каматни стапки се намалени од 3,74 проценти во февруари 2020 на 3,59 проценти во февруари 2021 година. Додека пак просечните каматни стапки за станбените кредити со девизна клаузула за истиот месец се намалени од 4, 23 отсто во 2020 на 4,12 отсто во 2021година“ - велат од Cushman &Wakefield ФОРТОНМКА.
Според анализата на ФОРТОНМКА, просечните цени со вклучен ДДВ за метар квадратен во 2020 година во Скопје биле највисоки во Општина Центар. Се движелеоколу 1.150 евра за метар квадратен. Како втора по висина на цената за квадратен метар се позиционира Општина Карпош – 1.106 евра за м2. Потоа, редоследно следуваат, Аеродром со 983 евра за м2, Кисела Вода - 957 евра за м2,. Додека помали се во Чаир - 849 евра за м2 и Ѓорче Петров со просек од 836 евра за м2.
Од компанијата објаснуваат дека цената на становите се формира под влијание на два подеднакво важни фактори:
- Цената на градежните материјали, и
- Соодносот помеѓу понудата и побарувачката.
Пандемијата предизвика намалено производство, ограничени количини на градежни материјали и отежнат транспорт. Фактори коишто влијаеа на зголемување на цените на дел од градежните материјали, и директно влијаеа на цената на станбениот простор по метар квадратен. Кумулативното зголемување на цената за целосната градба се очекува во наредниот период да се движи до осум проценти. Сепак, кон овој фактор треба да се пристапи со резерва затоа што порастот на крајната цена по метар квадратен може во одредена мера да се урамнотежи преку компромиси во изборот на материјали за градба.
По укинувањето на мораториумот за градба во Скопје- поголема понуда
Од аспект на понудата, се очекува истата да се зголеми заради укинување на мораториумот за градба во Скопје. Зголемувањето на понудата при иста линија на побарувачка, ќе го амортизира зголемувањето на цените по метар квадратен.

Истовремено, се очекува дека општината Центар после укинувањето на мораториумот ќе се издвои како ексклузивна зона. Зона со позабележителен пораст на цените по метар квадратен. Истото важи и за новите ексклузивни станови на ексклузивни локации во главниот град. Ексклузивни локации во кои се вклучени и становите во новите атрактивни повеќенаменски комлекси од типот на Скопје Ист Гејт (Skopje East Gate).
Според Cushman&Wakefield ФОРТОНМКА, пандемијата на два начина влијаеше на развојот на пазарот на недвижен имот во Р.С. Македонија.
„Првенствено, интересот за нови станови е зголемен бидејќи при инвестициска одлука, поседувањето на недвижен имот за еден поединец или семејство се уште претставува традиционален и најсигурен облик на инвестиција.
Дополнително, отежнатите можности за патување надвор од државата и промената на начинот на живот и организација на слободното време, доведоа до зголемена продажба на куќи, викендици и станови во викенд дестинаците. Во 2020 година овој тренд е забележан во општините во околината на Скопје, како и во Охрид, Дојран и Маврово“ - изјави Влатко Богоевски, извршен директор на Cushman&Wakefield ФОРТОНМКА.
М.Б