Во соработка со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ) и локалните комерцијални банки, ЕИБ Глобал, огранокот на Европската инвестициска банка за активности надвор од Европската Унија, ќе обезбеди 100 милиони евра за поттикнување на развојот и зелената транзиција на малите и средни претпријатија (МСП) и претпријатијата со среден пазарен капитал во земјата. Средствата ќе ги решат потребите за ликвидност и инвестиции на локалните бизниси и ќе финансираат проекти за енергија и зелена транзиција. На овој начин, новото финансирање ќе го поддржи климатски отпорниот раст со ниска емисија на јаглерод во Северна Македонија, во согласност со Економскиот и инвестицискиот план и Зелената агенда за Западен Балкан на Европската Унија.
Ликвидност и инвестиции
Средствата, како што информираат од ЕИБ, ќе бидат наменети за решавање на потребите за ликвидност и инвестиции, со посебен фокус на зелените проекти.
- Средствата ќе ги решат потребите за ликвидност и инвестиции на локалните бизниси и ќе финансираат проекти за енергија и зелена транзиција. На овој начин, новото финансирање ќе го поддржи климатски отпорниот раст со ниска емисија на јаглерод во Македонија, во согласност со Економскиот и инвестицискиот план и Зелената агенда за Западен Балкан на Европската Унија, велат од ЕИБ.
Според заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, одговорна за операциите во Северна Македонија, подобрениот пристап до финансии за МСП и стабилноста на банкарскиот сектор се приоритети за економскиот раст, отворањето работни места и конкурентноста и оттука оваа кредитна линија ги поддржува и климатските цели на земјата и растот на МСП.
- Средствата се дел од групата мерки усвоени од Владата на Македонија во 2022 година за поддршка на домаќинствата и бизнисите во услови на економско забавување и енергетската криза. Во следните месеци ќе биде потпишана дополнителна техничка помош за поддршка на РБСМ, локалните комерцијални банки и македонските компании во нивните зелени финансиски амбиции, се наведува во денешното соопштението од ЕИБ.
Свеж капитал во домашната економија
„Ова се нови 100 милиони евра свеж капитал кој ќе бидат вбризгани во домашната економија и ќе дадат поддршка за ликвидноста на компаниите и инвестиции во обновливи извори на енергија, кои ќе им обезбедат стабилност во работењето и стабилност и снабдување со електрична енергија од сопствени извори. Тоа е процес кој успешно го спроведуваме заедно со Европската инвестициска банка, Развојната банка и комерцијалните банки во земјава”, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Ова е седми договор за соработка помеѓу РБСМ и ЕИБ. Со претходните шест договори за соработка беа доделени 550 милиони евра за поддршка на 2.362 локални компании. Ова е прва заедничка кредитна линија на банките со компонента за климатска акција и еколошка одржливост, чија цел е поддршка на зелената трансформација на локалната економија.
Главниот извршен директор на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, изјави: „Благодарение на активната улога и постојаната поддршка на Европската инвестициска банка, успеавме да продолжиме со реализација на позитивното влијание на финансиските ресурси на ЕУ врз економскиот раст, создавањето нови работни места, зелената и дигиталната транзиција во земјата. Со седмиот договорот за соработка со ЕИБ, РБСМ ќе продолжи да ги поддржува малите и средните претпријатија и да ја зајакнува својата улога во поддршката на зеленото финансирање.”
Според амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, - Оваа кредитна линија ќе ги поддржи инвестициите на приватниот сектор во енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и кружната економија. Поконкретно, оваа зелена кредитна линија, промовирана од ЕУ и ЕИБ заедно, ќе им помогне на македонските мали и средни компании да станат поконкурентни и иновативни во контекст на денешната брза зелена транзиција.“
Од 2019 година, ЕИБ Глобално обезбеди 212 милиони евра за малите бизниси во земјава, придонесувајќи за задржување на повеќе од 46.000 работни места и создавање 1.815 нови позиции.
