На 10-ти мај белградската издавачка куќа „Лагуна“ ја објавува новата книга на неуморната хрватска писателка Ведрана Рудан, со интересен наслов „Пудинг од ванилије“.

- За мене би било многу подобро да не објаснувам каква е оваа книга. Не би сакала да мислите дека со нејзина помош ќе научите да готвите пудинг од ванила, па кога ќе сфатите дека не е тоа, да се вратите назад во „Лагуна“ и да побарате враќање на парите – на шега вели писателката.

Издавачот, пак, дообјаснува...
- Ведрана Рудан ни зготви необична колекција на колумни, од кои ќе веднаш ќе ви се пријаде. Во нејзиниот препознатлив стил, сочен и зачинет, авторката пишува за лицемерни свештеници, корумпирани политичари, жени кои се обесправени, и за животот во ерата на корона. Што е демократски фашизам, зошто Марија не абортираше, зошто и како е да се биде Европеец во Белград...?, се само дел од прашањата што ги постави Ведрана Рудан во нејзината нова книга.

Издавачот напоменува дека книгата воопшто не е за оние со осетлив желудник...

Книгата, која писателката им ја посвети на своите читатели, е поделена во неколку поглавја: „Предјадења и лесни јадења“, „Главни јадења и прилози“, „Салати“, и „Пудинг од ванилија“ како „Десерт“.

Главно, се пресметува со се и сешто, со секој што ќе и застане на патот. Бескомпромисно и луцидно, како што само таа знае...

- Сите текстови во оваа книга се од блогот www.rudan.info. Ги пишував повеќе од десет години. Ме следат, а денес тоа е многу важно, околу 230.000 читатели, а моите објави се прегледани 20.000.000 пати. И многу е, и малку е. Многу е за жена чии цицки или меѓуножје не вредеа ни трошка со години на пазарот, а малку е во споредба со бројот на прегледи што ги имаат полуголи девојки со микрофон во раката - дообјаснува Ведрана, и поентира:


- Овие текстови беа напишани во миг. На екранот, или во животот, почесто на екранот, вестите постојано осамнуваат, а читателите очекуваат веднаш да реагирате. Или мислите дека некој очекува нешто од вас, иако тоа не е точно. Конкуренцијата е огромна, на сите портали има дежурни „критичари“ или „фалбаџии“ на нашата реалност. Важно е да бидеме, ако не први, тогаш оригинални – заклучува секогаш оригиналната Ведрана Рудан.