Над две третини од македонските компании се во потрага по работници со стручни вештини, но, такви на пазарот на трудот нема. Половина од новите работни места изискуваат стручни образовни вештини. Секој десетти работник е потребен во компаниите со вештини кои се стекнати низ формалното високо државно образование. 

Четирите центри за за дуално образование, за преквалификација и доквалификација,  за берза на труд и за тренинг и обуки кои функционираат во рамките на Стопанската комора ќе им помага на компаниите да добијат соодветен кадар. Преку овој веќе посточеки концепт ќе им даваат директна поддршка на фирмите. 

Како што вели Михајло Донев, кој е в.д. оперативен директор за развој, иновации и знаење во Стопанската комора на Северна Македонија, проблемот со образованието е еден од најголемите приоритети на Стопанската комора подолг период, во услови на недостиг на работници. 

„Во таа насока, а имајќи го предвид фактот дека човечкиот капитал има клучна улога за успешно работење на компаниите, за зголемување на нивната додадена вредност и за раст на извозниот потенцијал невозможно е да се биде конкурентен, во отсуство на соодветна инфраструктура, стабилни и ефикасни институции и образована и квалификувана работна сила. За таа цел преку Советот за развој на тренингот и обуките, Комората ќе даде придонес во обезбедување кадар за потребите на бизнисот преку четири форми“, вели Донев. 

Како функционираат и која е целта на центрите? 

Центарот за дуално образование е посветен на системска имплементација на дуалното образование како најефикасен начин за подготовка на млад стручен кадар со структурирано знаење и стручни вештини. Со фокус на реализација на практичната обука на реално работно место во самите компании преку искусни ментори и градење на култура на одржлива соработка на компаниите со средните стручните училишта, за да се воспостави рамнотежа на тоа што го бара бизнисот и кадрите што ќе се подготвуваат во училиштата. 53% од новите работни места бараат вештини со стручно образование, додека само 10% бараат вештини стекнати низ системот на високото образовние.

Центарот за преквалификација и доквалификација во соработка со компаниите се става во улога на обезбедување стручен и квалификуван кадар со 2, 3 и 4 ниво на квалификации во согласност со нивните потреби, врз основа на квалитетни и структурни анализи, подготовка на соодветни програми за обуки и обуки за преквалификација и доквалификација на лица за потребните вештини за работа во компаниите. На овој начин компаниите ќе можат да ги планираат своите идни вложувања во нови инвестиции и проширувања затоа што знаат дека имаат кадар кој ќе се вклучи во нивните нови работни процеси. 65% од компаниите побаруваат стручен кадар кој пазарот на труд не го обезбедува заради повеќе децениска неусогласеност на вештините со барањата на реалниот сектор.

Берзата на труд преку Веб порталот на Комората ќе претставува спој на понудата и побарувачката за кадар со соодветни квалификации, вештини и практично искуство согласно потребите на работодавачите, со опис на кадри и нивни вештини, а невработените лица ќе може да видат каков кадар им е потребен на компаниите.

Центарот за тренинг и обуки се става во улога на реализација на обуки и работилници за унапредување на специфичните вештини на вработените во компаниите и за стручно оспособување и унапредување на знаењата на стручните кадри.

„Со услугите кои ги нуди Комората на компаниите во различна форма имаат за цел подигнување на капацитетите на бизнисите во насока на поттикнување на конкурентноста и продуктивноста, што треба позитивно да се одрази на вкупната економска активност“, вели Донев.