Претставници на 45 граѓански организации и институции од секторот животна средина, поднесоа барање до надлежните институции да се гарантираат еколошки параметри во Предлог - Стратегијата за рударство 2025-2045, која е во фаза на усвојување. Барањето е поднесено до МАНУ, Министерството за економија и Владата на Македонија. 

Екологистите тргнуваат од нивната мисија да ја заштитат животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето, поради што бараат внимателно и одржливо трошење на минералните суровини. Тие бараат државата да тргне од врвниот јавен интерес за обезбедување здрав и квалитетен живот за граѓаните. Рударство може да има онаму, кај што не ги загрозува населбите и биодиверзитетот. Тоа значи: НЕ во дворовите на луѓето, НЕ во нивите, НЕ покрај водите, НЕ во заштитени подрачја.

Анализирајќи ја нацрт-стратегијата, екологистите утврдиле дека текстот е во колизија со ред закони и стратегии усогласени со меѓународните регулативи во областа на земјоделството, туризмот и животната средина, кои се водат од зачувување на водите, почвите и воздухот, како одбрана од климатските промени. Поради ова, екологистите бараат Стратегијата за рударство да се темели на конкретни еколошки принципи и начела. Го поздравуваат мотото на документот: Искористување и експлоатација НЕ по секоја цена, кое е во духот на одржливиот развој. 

Еколошките организации се децидни: бараат усогласување со државните стратешки документи за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделство и рурален развој, енергетика, врз база на кои со децении се вложувало во инфраструктура, субвенции и бизниси. Мора да има континуитет и во стратешките документи за индустриската политика усогласени со политиките на ЕУ, т.е. „развој на применети истражувања и производство на одржливи, органски и специјализирани високо технолошки производи и услуги.“ Конкретно, развој на „одржливи и автентични индустрии како: органско вино и храна, еко-челик, еколошко градежништво, креативни индустрии, информатички и комуникациски технологии, медицинска опрема и услуги, автентичен туризам и други индустрии“ (цитати од Индустриска политика на Македонија 2009-2020, изработен со Светска банка).

Екологистите велат НЕ за „рударско-центричен концепт“ и промоција на Македонија како „рударска земја“, зашто е во колизија со сите македонски и европски стратешки документи за зелена енергија, циркуларна економија, зелена инфраструктура, заштита на животната средина и климатска акција! Неконтролирана рударска експанзија би ги загрозила сите други стопански сектори и би ги поништила сите инвестиции во Македонија како туристичка и земјоделска земја со производство на здрава храна и вино. Со оглед на големината на земјата, релјефот и хидролошката мрежа, потенцијалните еколошки хаварии може да се прошират низ цела држава.

Екологистите силно се противат на рудници во заштитени подрачја и подрачја кои се во фаза на заштита (Кожуф, Огражден, Беласица, Јакупица, Јабланица); на рудници на пет километри од населено место или од заштитено подрачје, зашто е забранета загадувачка индустрија на тоа растојание; на обнова на старите рудници и отворање нови во места кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, за кои тоа би значело дополнителни здравствени проблеми за жителите, со ново загадување на воздухот, водата и почвата (Пробиштип, Лојане).

Од институциите бараат конечно да пристапат кон санација и рекултивација на старите рудници, со решавање на еколошките проблеми, заради заштита на здравјето и животната средина, но и заради подигање на довербата во институциите за одговорно однесување во рударството. Исто така, се бара грижа за еколошките мрежи за заштита на биодиверзитетот, посебно на дивиот свет и природните живеалишта, за кои сме зеле обврски како држава (Емералд, НАТУРА 2000). Апелираат на затворање на ископите на јаглен, и конечно усогласување на енергетичарите, рударите и екологистите, од аспект на климатските планови.

Се бара да се донесе најавената законска регулатива што е неопходна за да може да има издржана стратегија за рударство. Тоа е: нов Просторен план на Р.С. Македонија и ажурирани просторни планови по региони, нов Закон за просторно планирање и нов Закон за води.

Се бара и спроведување на препораките од „Ревизијата на успешност во управувањето со минералните суровини 2016-2020“ на Државниот завод за ревизија, комплементарни со барањата на екологистите од кампањата „РазбистриСе“: Институциите да тргнат од јавниот интерес, со стратешки пристап за обемот и начинот на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини, со „одржливо“ искористување, преку јакнење на капацитетите за ефикасни контролни механизми во сите фази на концесијата - од финансиска гаранција во случај на штети по животната средина, преку јавно достапни податоци за постапката по која е склучен договорот, се до надзор над загадувањето на природата, над количеството ископани минерални суровини и над мерките за рекултивација на земјиштето. Особено важна е препораката што се однесува на постојните рудници со отворен коп, кои продолжуваат да работат со цијанид и сулфурна киселина, целосно да си ги усогласат еколошките дозволи со Директивата за индустриски емисии 2010/75/ЕУ, зад која доцнат цели 14 години!

Се бара и запирање на постапките за нови рудници додека не се реформира постапката за оцена на влијанието врз животната средина, што е на линија со извештајот на Европската комисија (2023), и со „Препорака 211“ од Бернската конвенција (2021/2023).

Екологистите бараат да се отвори широка дискусија во општеството за овој важен стратешки документ за Македонија, за да биде донесен низ транспарентна процедура и со вклученост на сите засегнати страни, преку вклучување на сите релевантни забелешки и сугестии.  

Барањето е поднесено од: Зелен институт, Еко Долина - Ново Село, Здрава Котлина – Струмица, Спас за нас – Гевгелија, Зелените од Гази Баба, ИКС Институт за комуникациски студии, О2 иницијатива, СТИГА Е – Ново Село, Струмица и Босилово, Грин.орг – Кочани, Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг и проф. Кирил Сотировски, РАДАР, АРНО, Фронт 21/42, Еко-живот – Кавадарци, Еко звон, ЦИКП, Го сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Национален Рома Центар, Охрид СОС, ЕКО ЛОГИК, Гоу Грин, Геосфера – Битола, Ековита – Неготино, Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип, Рурална коалиција, Куќа на среќата, Институт за биологија при ПМФ - проф. Рената Ќуштеревска и проф. Валентина Стаменковиќ, Институт за демократија, АДИ, Шанса за Центар, МЦМС, МАЦЕФ, Чеинџмејкерс, ЕДЕН, Зелен хуман град, Вила Зора Велес, ДЕМ, Независни од Карпош – За заштита на Карпош, Млади за Македонија, Центар за управување со знаење, Полимат 13 – Богданци, МЕД.