По доаѓањето на Доналд Трамп на претседателското место во САД, многумина се прашуваат и анализираат дали американско-македонските односи се на истото ниво на кое беа пред неговото доаѓање. Веднаш можеме да одговориме дека не се, наведувајќи само еден пример на прекунување на претходното ниво на соработката со укинување на американската помош на Македонија под Кратенката УСАИД (американска помош). Освен тоа нашиот стратегиски партнет не не’ исклучи од царините што ги воведе администрацијата за целиот свет, а за укинување на визите, да не станува збор. Впрочем, целата таа атмосфера на заладување на односите се чувствува во воздухот, се помалку ја спомнуваат и највисоките претставници на македонската власт, кои на почетокот на мандатот на Трамп се залетаа во Вашингтон, меѓу првите да му го честитаат изборот, божем тој ќе го почитува редот „прв дојден – прв услужен“, а не по местото, улогата и тежината на фаците и на земјите од кои доажаат тие што носат цвеќе.  Од тоа нема никави резултати до ден денес, што значи дека тоа парче хартија, таканаречен „Договор“ се повеќе бледнее, па и американската амбасадорка си остана истата, без амбиција на Америка да постави нов амбасадор со што би дала на знаење дека го зајакнува курсот во односите со нејзиниот инфериорен партер – Македонија.

Всушност, „договорот“ нема некоја обврзувачка сила, тој не е ни договор, туку е „декларација“, што во малку поширок и во послободен превод би значело – писмо за намери.

Потпишувањето на декларацијата уследи по и поради грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во Април 2008. Поради неуспехот на американскиот претседател Џорџ Буш да издејствува членство на Македонија во алијансата, беше донесен предлог да се потпише декларација со која САД ја гарантира безбедноста на Македонија, но тоа да не може да биде замена за членство во НАТО (Македонија во НАТО беше примена на 27 март, 2020 г. м.з.). Со Декларацијата се потенцира определбата за зајакнати трговски и економски односи, како и можноста да се интензивираат релациите помеѓу Американците и Македонците, преку промоција на културна и образовна размена.

Декларацијата е потпишана на 7 мај 2008 година во Вашингтон, САД од страна на министерот за надворешни работи на Република Македонија Антонио Милошоски и државната секретарка на САД Кондолиза Рајс.

Текст на декларацијата

Соединетите Американски Држави и Република Македонија се решени да го прошират и продлабочат блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности.

Двете земји сакаат да ги зацврстат своите стратешки односи преку интензивирање на консултации и соработка во областите на безбедност, врски помеѓу граѓаните, како и во трговијата.

Соединетите Држави и Македонија ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН, и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постоечки граници.

Македонија и Соединетите Држави забележуваат дека Македонија, како демократска, безбедна и просперитетна земја, со пријателски и конструктивни односи со своите соседи, и како активен учесник во регионалните и меѓународните економски, политички и безбедносни форуми, е витална за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.

 Во оваа смисла, Соединетите Држави продолжуваат да ги поддржуваат безбедноста, стабилноста и економскиот развој на Македонија. Во интерес на едно уште поцврсто партнерство, Соединетите Држави имаат намера веднаш да обезбедат дополнителна поддршка за Македонија за да се помогне во изградбата на просперитет, за да се зајакне безбедноста и за да се поттикнат уште подлабоки врски помеѓу нашите две земји.

....

Како надградба на нашето веќе силно партнерство во борбата против глобалниот тероризам и промовирањето на меѓународната стабилност, што се гледа преку нашите војници кои заедно служат во Ирак и Авганистан, нашите цивилни и воени офицери планираат да ги интензивираат своите билатерални контакти на високо ниво и да бараат можности за повеќе заеднички обуки и вежби за да ја зајакнат интероперабилноста на нашите сили и да го зацврстат нашето партнерство во промовирањето на меѓународната безбедност и борба против производството на оружје за масовно уништување.

Како одговор на заедничката желба за проширување на трговијата и инвестициите, Соединетите Држави и Македонија ќе бараат начини за зајакнување на економските врски и ќе преземат дополнителни мерки да ја зајакнат конкурентноста на македонската економија и да ги прошират можностите за американските и македонските бизниси.

Соединетите Држави ги поддржуваат континуираните напори на Македонија да изгради поволна клима за бизнис што е привлечна за Соединетите Држави и за други странски инвестиции. Македонија изразува благодарност за можноста да го искористи Генерализираниот систем на преференци (ГСП) за да ја зајакне билатералната трговска размена. И двете земји го поддржуваат понатамошното проширување на трговските односи.

Македонија изразува задоволство од успешната имплементација на програмите за техничка помош на УСАИД во областите на демократија, економски раст и образование, и потврдува дека сака соработката во овие области да продолжи.

Двете земји исто така бараат можности да изградат поблиски и поцврсти врски помеѓу нивните граѓани и ќе преземат практични чекори за промовирање на размената во областите на образованието и културата.

Декларацијата од Самитот на НАТО во Букурешт јасно стави до знаење дека Република Македонија ги исполни демократските, економските и одбранбените стандарди на НАТО преку своето ригорозно учество во Акциониот план за членство.

Соединетите Држави продолжуваат да работат со нашите сојузници во НАТО за да ја одржат цврстата соработка на Македонија со НАТО во рамките на постоечките механизми додека земјата чека на покана за членство.

И двете земји очекуваат Македонија да се приклучи на НАТО што е можно побргу. Нашата интензивирана соработка во овој момент дополнително ќе ја зацврсти подготвеноста на Македонија во блиска иднина да ги преземе обврските и одговорностите во Алијансата.

Како што се гледа, декларацијата е потпишана пред Македонија да биде примена во НАТО, па така нашите обврски кон алијансата се префрлаат на тој терен, па голем дел од текстот на декларацијата сега изгледа анахрон. Освен тоа, во оваа декларација не остои никава задолжителност во обврските, нема членови според кои таа ќе се реализира, ниту некакви казнени одредби, во случај да не се реализира. Иако е така, Америка на Македонија и помогна со финасиска помош од над 1,5 милијарда долари за зајакнување на демократијата, правото, но и за конкретни проекти на малите стопанственци и др. Но, за 2025 година, финансиската поддршка од USAID е значително намалена или преформулирана. Според извори од граѓански организации — околу 37 милиони долари, планирани за периодот 2025–2028, се повлечени или ревидирани, особено за поддршка на невладините активности.

Сепак, не треба да се занемари стратегискиот, геополитички интерс на Америкиа, односно гаографската позиција на нашава земја. Што се однесува до споредбата – кој и е поважен партнер на Америка на Балканот, излегува дека тоа е Косово, со тоа што Америка на нејзината територија има голема воена база – „Бондстил“. Таа е една од најважните воени бази на САД во Европа и стратешки центар за одржување мировни операции по косовскиот конфликт во 1999 година. Затоа и косоварите се гордеат со тој партнерски однос со Америка, си дозволуваат манифестации на туѓа територија – Македонија, со назнаки на тие што излегоа со оружје против уставниот поредок во 2001 година, а за тие манифестации не се слушна никава рекација или осуда на нашиот стратегиски партнер – Америка.  

Македонските активностите за зајакнување на односите и освежување на довербата со најмоќната сила, од која се тресе целиот свет и на економски и на воен план, се бледи  и нејаки. Досега нема никакви резултати токму по основа на потпишаната декалрација за зголемување на соработката, или за олеснување на визниот режим.

Песната за однсите со Европа и условот за вистински почеток на преговорите за членство во Унијата, ја знаат веќе и врапците. Единствено останува непознат одговорот на прашањето - каде ќе се движи Македонија, дали ќе има скорешено олеснување на животот на обичниот граѓанин, кој нема можност да избега од оваа земја и дали некогаш ќе дочекаме мирен и достоинствен живот. Ако има некој што може да одговори на ова прашање - нека одговори