Да немаш е мака, ама да имаш многу – маката е уште поголема. Тоа го знае нашиот човек, научен да биде задоволен со еден скромен живот, иако секој заслужува таков живот, никој, освен некои, не бара преку леб погача, сите би биле задоволни со еден пристоен стан со можеби една мала куќичка во родниот крај, со еден одмор од неколку дена на некое блиско море, да му се здрави и живи децата и внучињата и толку.    

Кога на обичен  човека ќе му се понудат многу пари, тој се плаши! Така и сега обичниот македонски граѓанин е уплашен нaместо да се радува со ветените милијарди, зашто тоа се многу пари што ние не можеме да ги вратиме, не наскоро, можеби никогаш. Секој би се прашал од каде и зошто се задолжуваме со толку пари. Инстинктот не предупредува да бидеме крајно внимателни, зашто ниедно ропство не е во интерес на обврзниците.

Во атмосферата се чувствува недоверба, сомнежите се дека сето ова се прави и се дува во пресрет на „великиот октомври“, кога македонскиот народ теба да стане во борба за основуање на општинските канцеларии и на новите пари од унгарскиот заем, ако стане!

Од друга страна, се поставува прашањето, од каде ние, вакви какви што сме, одеднаш стануваме голем партнер на една империја во која „сонцето никогаш не заоѓа“, која во својот состав има 54 независни држави (Комонвелтот) со вкупно околу 2 милијарди жители, со 16 земји на „Кралскиот комонвелт“ што го признаваат кралот како претседател на државата. Од каде, земја што имаше храброст и сила да ја напушти Европската унија, можеби затоа што не и требаше или за да ги задржи преференцијалите што ги има со членките на Комонвелтот, ја одбра токму Македонија да биде ортак со неа. На сите ови пашања, цела ноќ човек да не спие, нема да може да си најде одговор. Море, ни бајки ни приказни, ни легенди ни митови, не бре брате, ниедна поента не е применлива.

За каква размена се зборува со земја чиј годишен домашен бруто производ надминува 5 илјади милијарди американски долари, а номиналниот БДП по глава на жител изнесува околу 50 илјади долари годишно! Како сега и одеднаш и’ текна да се фати под рака со најсиромашната држава во Европа чиј годишен БДП изнесува околу 15 милијарди евра (2024)? Има една англиска поговорка која гласи: „Britain produces everything – from a pin to railway engine!“ Демек: „Британија произведува се’, од игла до локомотива“, па човек да се чуди што ортак најде Британија во една држава за која нема чуено ниту кралот Чарлс, ниту мајка му Елизабета, бога да ја прости, ниту Трамп, ниту Путин? Да имаа чуено ќе се јавеа да прашаат - да не ви треба нешто бре браќа, а не ние да одиме таму да го бараме центарот на периметарот, да се редиме на некоја врата, па да не ни отоврат, па сега да се фаќаме со помалите империјалистички сили во време кога Трамп се откажува од нив.    

Од друга страна, како што рековме, стравот не’ тара да размислиме, како ќе ги трошиме тие пари и за што, па ние не можеме да најдеме начин да ги потрошиме нашите мизерни средства одвоени од буџетот за капитални инвестиции, затоа што не знаеме како. Во првите три месеци од оваа година, од предвидените капитални расходи се реализирани само 9 проценти. Причината била – ладното време. Смрзнавме! Немаме идеи, немаме стручни луѓе, си отидоа, секоја година туку ги префрламе парите од една во друга буџетска ставка! Да знаевме како и да бевме чесни, ќе мрдневме малку.

Најприемчива и најсигурна ставка за трошење, во која сме сигурни дека ќе ги потрошиме парите и повеќе отколку што треба, се платите на чиновниците, на високите функционери, за патни трошоци, чија оправданост сите сложно и солидарно ја бранат, сплотени како еден, секаде чепкај само во патните трошоци немој! Да ти е страв текст да напишеш. Ќе те исечат на парчиња. Ама сега ова што се ветува, навистина се големи пари, колку еден буџет македонски за 2025 година во кој дефицитот е 4 проценти од БДП или 672 мил. евра. Значи, толку ни требаат за да ги задоволиме сите потреби, ама бидејќи ги немаме – се задолжуваме, ама со многу повеќе пари, па така испаднаа многу долгови: милијарда од Унгарија, 6 од Британија, многу се, џабе сите образложенија и ветувања дека тие ќе не спасат и ќе не’ извлечат од сирмаштијава. Тоа сме го чуле и виделе уште одамна, ни после милијардата на Цилета не мрднавме, ни после милијардата за „Скопје 2014“ не мрднавме, ни Субрата Рој не не’ „опраи“, а толку се трудеше човекот.    

Дури сега пошироката јавност дознава од британската страна дека сме имале потпишан трговски договор уште пред 5 години. Зошто досега никој не го спомнал овој стратешки договор, ние знеме дека сме „стратешки“ само со Америка, па затоа и таму го баравме епицентарот, да знаевме можеби ќе го побаравме во Лондон, а не во далечниот Вашингтон. Ако сме имале договор, зошто потпишуваме нов и што значи тоа „стратешки“, за кого и од кои интереси е „стратешки“? Дали бараме политички партнер, или економски, ако има рзлика во тоа, со земја која не е членка на ЕУ. Се откажавме ли од европските пари и грантови за поддршка на растот на Западниот Балкан?  Власта вели дека не сме се откажале, но изгледа не и’ се доволни тие пари, значи и’ се малку за одредените цели кои и досега имаше обврска да ги исполни со сопствени средства, во таа мерка и со тие можности што ги ветуваше пред да биде избрана да ја води домаќински државава.

Што и да се случува, најавените 6 миијарди се земаат како кредит! Значи не е гранд, туку парите имаат цена што треба да се плати, за што можеме слободно да рчеме дека ќе биде нова обврска под услови што уште никој не ги знае.

Но, можеби постои некоја можност во Договорот, како компензација на толкавиот заем, како бонус да добиеме статус на „дописна“ членка на Комонвелтот, ама треба да се внимава да не си навлечеме обрска за колонијален данок!