Над 84 отсто од студентите се запознаени со алатките за вештачка интелигенција, а повеќе од 71 отсто користат АИ при студирањето, покажала анкетата спроведена за потребите на второто истражување кое беше презентирано денеска, со наслов „Користењето на вештачката интелигенција во образовниот процес на студентите во високото образование“.
Автори на истражувањето се Алмир Фасљии, Ангела Поповска, Деница Ангеловска и Димитар Атанасовски.
Според резултатите од анкетата, најголем дел од студентите (речиси 30 отсто) многу често користеле алатки за АИ, додека најчесто користена алатка била „ChatGPT“ (39,1%), за генеративна вештачка интелигенција.
Веднаш по неа следуваат „Grammarly“ (16,4%) и GitHub Copilot (13,6%), а студентите како често користени алатки ги навеле и „Google Bard“ и „Bing“.
Овие алатки студентите најмногу ги користеле за учење на дополнителни образовни содржини, за подготовка за колоквиуми и испити, за семинарски работи и други писмени трудови.
Во истражувањето се нотирани и позитивни ставови за воведување на АИ во образованието, кои доминирале над негативните. Над 87 отсто од студентите кои се запознаени со АИ алатките имале позитивен став по однос на ова прашање, додека околу 12 отсто имале неутрален.
„Отсуството на негативни мислења меѓу корисниците за алатките за вештачка интелигенција укажува на општ позитивен став за воведување на вештачка интелигенција во образованието меѓу оваа група испитаници. Малиот број испитаници кои навеле неутрален став како нивно мислење, сугерира на извесна несигурност или недостаток на информации за влијанието на вештачката интелигенциjа во образованието“, се вели во истражувањето.
Определувањето на студентите од која земја се најподготвени да прифатат вештачка интелигенција во образовниот процес може да варира врз основа на неколку фактори, вклучувајќи пристап до технологија, образовни политики, културни ставови кон иновациите и интеграција на вештачката интелигенција во постоечките наставни програми.
Земјите како САД, Кина и разни нордиски земји (како Финска и Шведска) често се забележани по нивната отвореност кон технологијата во образованието, вклучително и вештачката интелигенција. Овие земји обично имаат робусна технолошка инфраструктура, високо ниво на дигитална писменост кај учениците и образовни системи кои поттикнуваат иновации.