Финансиските потешкотии во подмирување на основните режиски трошоци во студентските домови траат веќе цела година. Владата во неколку наврати низ текот на цела година носи одлуки со кои одделува пари од државниот буџет за нивно основно функционирање. Министерството за образование и наука разгледува модели за промена на начинот на финансирање.
Ако просечно македонско семејство нема пари за да ги подмири сметките кои стигнуваат на домашна адреса, ќе наталожи долгови. Ако не ги плати, за извесно време ќе остане без греење во зима, вода и струја. Но, во студентските домови во Скопје, каде само во еден колективно живеат и преку 1.500 студенти од другите градови во државата, веќе цела година, сметките ги покрива државата.
„Средствата од оваа одлука, се доделуваат за подмирување на трошоци за тековно работење во однос на режии за греење, електрична енергија и потрошена вода, а кои не можеле да се предвидат и планираат во буџетот“, гласи најчестата формулација во владините одлуки со кои се спасуваат државните домови.
Последна одлука која датира од 20 мај е дека за оваа намена му се доделуваат нецели шест милиони денари на Државниот студентки дом – Скопје, под чија капа е домот „Гоце Делчев“ во скопско Тафталиџе. Но, не е само тој. Во изминатите месеци, во иста состојба се наоѓаат и студентскиот дом „Пелагонија“ во Кисела вода, „Томе Стефановски - Сениќ“, за кои во неколку наврати се издвојувани милионски суми за сметки.
Каде е проблемот за студентските домови да не можат тековно да ги сервисираат своите обврски? Финансиското работење на студентските домови е регулирано во Законот за студентскиот стандард. Во членот 33 став (4), Министерството за образование и наука може да им додели пари за трошоци за тековно работење во доколку настанат непредвидливи ситуации кои ги зголемиле трошоците, а не можеле да се предвидат и планираат во нивните буџети.
Законски, студентските домови се финансираат од партиципацијата од сместените студенти и тоа Министерството за студентите кои се сместени во државен студентски дом партиципира во цената за сместување и исхрана до 50% од утврдената цена, а разликата до вкупната цена ја доплаќа студентот.
Додека за одредена категорија на студенти, во која спаѓаат деца без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на невработени родители, деца на самохрани родители, деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош и деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работниот однос од деловни причини, целосно ја плаќа цената за сместување. Износот на партиципацијата се утврдува со Програмата за остварување и развој на дејноста на студентскиот стандард, која секоја година ја носи Владата.
„За 2025 година износот на партиципацијата е 6.820 денари. Овој износ не е променет повеќе години. Имајќи го предвид покачувањето на цените како на режиските трошоци, така и прехранбените производи, а истовремено и намалениот број на студенти на ниво на државата, се наметнува заклучокот дека средствата кои ги добиваат домовите од Буџетот на Републиката по основ на партиципација не им достасуваат за подмирување на сите трошоци на домот - плати, намирници за исхрана на студентите, режиски и останати трошоци“, одговорија од МОН.
Од Министерството велат дека треба да се измени начинот на финансирање на студентските домови. За таа цел, во ресорот е формирана работна група со претставници од домовите и студентите за измени во Законот за студентски стандард, со кои треба да се опфати и начинот на финансирање на студентските домови.
Буџетите на студентските домови се базираат на бројот на сместени студенти. Максималните капацитети на домовите се утврдени со конкурсот кој го распишува Министерството, но исплата на партиципацијата се базира исклучиво на бројот на сместени студенти. Во академската 2024/25 на ниво на Скопје функционираат 3 дома: „Гоце Делчев“ (сместени 1.224), „Пелагонија“ (сместени 984) и Томе Стфановски Сениќ (сместени 279).