Пчеларската фарма „ШУ-МИ“ од Берово е основана во средината на 19 век. Од тогаш, па се до денес, пчеларството во оваа фамилија е носечки бизнис и се пренесува од генерација на генерација. Во меѓувреме со промена на генерациите се менуваат и технологиите за „пчеларење“ како и пристапот кон пчелите од еколошки, социјален и економски аспект. „Постојано вложување во модерни технологии за пчеларство во комбинација со искуство генерирано со генерации е гаранција за квалитет коешто е единствено и неповторливо по своите органолептички карактеристики, вели Борис Шуперлиски, еден од двајцата сопственици и во моментот менаџер на ШУ-МИ“.

Пчеларската фарма „ШУ-МИ“ 

„Пчеларењто е традиција во нашето семејство која се негува повеќе од 100 години, а ја започнал прадедото на татко ми, дедо Миле (Михаил) кој почина 1971 година на возраст од 101 година. Меѓутоа, она по што се разликуваме од другите пчелари е тоа што нашиот пчеларник од самиот почеток, кога семејството започнало да се занимава со оваа дејност, односно од времето на дедо Миле, па до денес се наоѓа на истото место. Пчеларникот е оддалечен од асфалтен пат и населено место во радиус од 29 километри, лоциран во месноста Широк дол, во атарот на село Владимирово во Малешевијата.“

Ова е генерално сликата за пчеларникот „ШУ- МИ“ со којшто стопанисуваат браќата Борис и Јован Шуперлиски. Инаку, одгледувањето на пчелите како правен субјект „ШУ-МИ“ со основна дејност пчеларство, е регистрирано во 1995 година од нивниот татко, кој го именувал според своите иницијали, ШУперлиски МИхаил.

За тоа како оваа семејна традиција се пренесувала од колено на колено и на што конкретно сега се става акцентот во органскиот пчеларник, за Анторис, раскажува Борис Шуперлиски, еден од двајцата сопственици и во моментот менаџер на „ШУ-МИ“.

Пораснавме на пчеларникот

Борис е горд на своите предци, кои започнале, го развиле и ги научиле како со посветеност и љубов да ги одгледуваат пчелите. Затоа приказната за семејниот бизнис и во овој разговор ја раскажа редоследно, забележувајќи ги клучните потези што ги направиле неговите претходници од семејството за развојот на пчеларството. Еден од тие на кој Борис е многу балагодарен е неговиот дедо, Јован Шуперлиски, кој се смета и за основоположник на модерното пчеларство во Македонија, почнувајќи од 1952 година.

 А за тоа што точно во тоа време значело модерно пчеларство, Борис вели:„Модерното пчеларство, што дедо ми го претставувал е еден нов начин на одгледување на пчелите во сандаци, користење опрема, користење на првата центрифуга (направена од дрвена бочва). На почетокот моите ги чувале пчелите во трмки, кошари... Дедо ми, Јован отсекогаш бил во Сојузот на пчелари на Македонија. Во 1986 г. во Солун му била доделена златна плакета за придонес во развојот на модерното пчеларство во тогашна Социјалистичка Република Македонија. Инаку, тој е  првата личност од Малешевијата со високо образование, бил просветен работник (а, подоцна инспектор за образование во Источна Македонија). Меѓутоа, и покрај работните обврски, интензивно се бавел со пчеларство. Традицијата ја продолжи и татко ми Михаил, кој е крстен по дедо ми Миле“, раскажува Борис.

Борис објаснува дека од кога се сеќава за себе, од мали нозе биле покрај пчеларникот, заедно со своите родители и со дедо им. „Ние пораснавме на пчеларникот. Татко ми велеше дека домашната работа за  училиште не е оправдување да не се работи. Според него, време имаше за се. Тој беше градежен инженер, но стожерот на семејството секогаш беше околу пчеларството... И поради неговиот прерано прекинат живот, јас од 17 и брат ми од 18 години започнавме комплетно да се грижиме и да го продолжиме семејниот бизнис со пчелите.“

Во основа семејството Шуперлиски секогаш стопанисувало со 100- тина кошници, но сега Борис и неговиот брат Јован го зголемиле производството на преку триста кошници.

 Безбедност на медот, но и на животната средина

Според Борис, кој е дипломиран економист и магистер на анализа и деловно работење, покрај основните елементи за успешно одгледување на пчелите битен момент претставува безбедноста на производот и заштита на околината, на животната средина.

„Најголемо внимание оддаваме на безбедност на процесот на производство. Тоа значи дека строго се придржуваме кон органскиот начин на пчеларње. А, тоа покрај безбедноста на производот опфаќа и заштита на околината,“ вели Шуперлиски.

И дообјаснува: „Значи безбеден производ можат да направат многу пчелари, но основно што заслужува посебно внимание е заштитата на пчелите од болести. Меѓутоа, дел од заштитните препарати за пчелите кои вообичаено се користат, како ’Амитраз’ (нафтен препарат) и Флуваминад (инсектицид за заштита на овошките од инсекти), се практично основни загадувачи на медот.“

А, зошто токму овие препарати се користат за заштита на пчелите?, како што појаснува Борис, е затоа што пчеларите веруваат дека со нив ќе ги заштитат  пчелите од вароа (еден минијатурен инсект, паразит кој живее на пчелите). Конкретно тој и брат му Јован, своите пчелни семејства ги заштитуваат на органски начин, со употреба на оксална и мравја киселина. Препарати, за кои вели дека природно се наоѓаат, постојат во трагови како соединенија во медот, но воопшто не го загадуваат.

Вториот момент што се запазува во „ШУ-МИ“ е употребата на органски восок, кој се произведува исклучиво од самиот органски сертифициран пчелар. Во основа восокот од пчелите се преработува во сертифицирана фабрика за органско производство (кај нас во Пробиштип) и се враќа назад во пчеларникот. Борис смета дека пчеларите не треба да користат восок од други пчели, бидејќи во процесот на ротација на преработка е можно иако во трагови, преработениот восок да биде загаден со одредени резидуи од заштитните препарати кои навлегуваат во структурата на восокот и медот складиран од пчелите. Тоа се карактеристики по кои органското пчеларење се разликува од конвенционалното“, образложува Борис.

Конкретно тие практикуваат исклучиво преработка на својот восок, како еден од принципите на заштита од загадување од тип што доаѓа од друг восок.

Оддалеченоста на пчеларникот е доволен показател за органското производство

Трет момент многу битен за органскиот начин на пчеларење, вели Борис,- е локацијата, која веќе ја спомнавме. Ако сандаците се во близина на урбани паши, секако дека пчелите ќе ги посетат, па и производите ќе бидат загадени. Оддалеченоста на пчеларникот е доволен показател за органското производство. Инаку по пропис за да нема загадување, пчеларникот треба да биде изолиран од средина и култури кои се третираат со различни средства за одржување, патишта, индустриски објекти, фрекфентна инфраструктура и населени места на најмалку три километри.“

Друг, исто така многу важен сегмент во органското пчеларење, според Борис, е користењето на материјалите за одгледување на пчелите. Тој препорачува сандаци заштитени само со фарба на основа на водена база. Сандаците што тие ги користат во „ШУ- МИ“ воопшто не се заштитени. Не се фарбани. Поради тоа, сандаците во нивниот пчеларник имаат пократок век и почесто ги менуваат. „Тоа всушност е наш дополнителен влог. На пример, фарбата како таква нема да го загади производот, но самиот процес на производство на таа фарба загадува доволно од животната средина. Па овој принцип да не користиме боја за фарбање е еден начин на запазување на општествената одговорност кон животната средина. Практично, мислам дека не е исполнета целта ако имаме здрав производ за чие производство е загадена дел од животната средина.

Нашата девиза е при производство на здрав производ да не ја загадуваме околината, јасно нагласува нашиот соговорник.

Пчеларењето бара повеќе љубов отколку есап

Во начинот на органско пчеларење посебен процес претставува и здравата прихрана на пчелите. Тие се прихрануваат само кога нема доволно паша и тоа исклучиво со шеќер од органско производство. Шуперлиски објаснува дека шеќерот со кој се прихрануваат пчелите, всушност никако не влегува во составот на медот. Но, според него има еден друг проблем: „На македонскиот пазар, органскиот шеќер не е достапен. Затоа пчелите ги прихрануваме само со мед од сопствено производство. Секако во такви ситуации количеството мед е значително намалено. Иако медот може да се замени со шеќер, ние не го правиме тоа, затоа што едноставно етиката на органското производство тоа не го дозволува.“ 

Кога сезоната е благонаклона, Борис вели дека вадат и до седум тони мед. Во пораните години (2002-2007 година) со помалку пчели имавле исто приноси како сега со дупло пчелни семејства. Меѓутоа оваа година ја смета како една од полошите. Практично климатските промени си го сторија своето. Ладната пролет негативно се одрази на пашата на пчелите, на цветниот период на растенијата. „Иако ги запазуваме сите аспекти, во природата некогаш има мед, некогаш не. Без разлика на тоа, ние мора да ја одржуваме промената на матиците и пчелите во кондиција до следната сезона“, појаснува младиот пчелар. 

Просекот за успех, како и за секоја гранка во земјоделството и во пчеларството се брои на пет до седум години. Во основа вложувањето во бизнис со пчели има и финансиска корист- односно од пчеларството може и да се егзистира. Меѓутоа, како што вели Борис, самиот процес бара повеќе љубов отколку есап. Семејниот бизнис има отстапки: издржливост, истрајност, љубов, трпение, без дневница за себе, само варијабилни трошоци, без ограничено време за работа.

„Во моментот располагаме со основни пчелни производи, прополис, матичен млеч и полен во прав, иако, се трудиме брендот на пазарот да го надградиме со нови производи од мед. Но, најмногу сме фокусирани на мед што го дистрибуираме во помали продавници за здрава храна низ цела Македонија.“

 Органско да, ама локално

Нашиот соговорник има интересна теза за пласманот на домашните производи. Тие своите количества на мед ги пласираат во продавници за здави храна во Македонија. „Лимитираното производство го трошиме на нашите пазари. Сметам дека домашен квалитетен производ треба да се пласира само на домашен пазар. Медот на светски пазари е евтин, но не знаеме како е произведен ....Сопствениот, домашен мед во била која земја во светот стандардно се нуди по повисока цена, затоа што се знае од кое поднебје се собира. На пример,  Берово на Германците не им значи ништо. Поради тоа сметам дека особено медот си бара регионален пристап: органско да, ама локално. “

Нашиот соговорник признава дека кога е во прашање медот во Македонија има многу нелојална конкуренција од странски земји. И вели дека на полиците во нашите продавници најчесто се продава мед од сончоглед. Во пракса за извоз на мед –рефус се нуди 4,5 –до шест евра. Што ако ние однесеме еден камион органски производи во Шведска, кога попатно ќе потрошиме 1 200 кг. гориво  со кое ја загадуваме околината.“