Од самитите на ОБСЕ и на неврзаните, преку состаноците на ММФ и, според многумина, пресвртната точка на распадот на Југославија - 14-тиот конгрес на Сојузот на комунистите во 1990 година - Плавата дворана е сведок на една ера која беше создадена во него. Тоа беше и место за ФЕСТ, Бемус, Битеф и Белградскиот џез фестивал. Благодарение на реконструкцијата ќе бидат испишани нови страници од историјата, пишува РТС.
„Таа е круна на нашата тригодишна работа. Ќе видите дека нејзината боја останува препознатлива, но сега со зголемен капацитет од 4.050 седишта, што е за 400 седишта повеќе од претходно. Го подобривме аудио-визуелното искуство и таа сега го има најголемиот 3Д кино екран“, вели Анџелина Некиќ, потпретседател на „Делта холдинг“.
„Плава двoрана“ е најголемата концертна, конгресна, театарска и киносала, вели Некиќева и додава дека со задоволство ја враќаат на Белград и на белграѓани.
Посебно внимание беше посветено на удобноста, сценските и аудио ефектите. За акустиката на салата беше заслужна познатата француска куќа „L-acoustic“, а осветлувањето е приспособливо во зависност од настанот. Важна улога има и фоајето на салата, кое може да биде домаќин на 3.000 посетители.
„Некои од настаните, што ќе се случуваат до крајот на годината, се: Хозе Карерас ни се враќа по 40 години, театарот Балшој, тука е и Лондонската кралска филхармонија и многу други и, се разбира, бројни изведувачи и ѕвезди, по што е познат Сава Центар“, вели Некиќева.
Србија според бројот на меѓународни конференции и конгреси е рангирана меѓу 50 земји. Отворањето на плавата дворана ги исполнува условите за организирање на големи конференции и конгреси и дополнителен раст на таа гранка од туризмот.
„Конгресниот туризам е од големо значење, бидејќи има значително влијание врз вкупниот девизен прилив од туризмот, бидејќи деловните посетители трошат многу повеќе додека се на дестинацијата и во тој контекст е важно дополнително да инвестираме во конгресниот туризам“, вели Марија Лабовиќ, директорка на ТОС.
Се проценува дека вложувањата во Центарот „Сава“ќе се исплатат за 18 години, а отворањето е утре, 3. септември. После тоа - започнуваат првите концерти.