Во предградието на Стокхолм никнува град на иднината, и тоа не од челик и бетон, туку од дрво. Шведската компанија „Атриум Љунгберг“ вложува дури 12 милијарди шведски круни (околу 1,25 милијарди долари) во создавањето на најголемиот проект од дрвена градба во светот.

Новиот градски округ Сицкла, сместен јужно од центарот на главниот град, се гради со употреба на вкрстено ламинирано дрво (CLT) и ќе се простира на дури 250.000 квадратни метри. Дрвото се користи во сите делови од градбата, од подови и ѕидови до елементи што носат товар, пишува tportal.
Поранешната индустриска зона Сицкла, позната по производството на дизел мотори, сега се трансформира во модерен округ со дрвени станбени згради, канцеларии, училишта и продавници. Постојните постари згради нема да бидат урнати. Некои од нив веќе се претворени во книжарници и кина, а новите содржини ќе се вклопат во веќе постоечката урбана структура.
Раководителот на одделот за развој на бизнисот во „Атриум Љунгберг“, Хакан Хиленгрен, вели дека проектот има јасна цел да покаже како изгледа одржливата урбана иднина.
Бројни студии ги потврдуваат предностите на дрвената конструкција. Според американска студија од 2024 година, дрвените згради произведуваат 81 отсто помалку емисии на стакленички гасови од бетонските и 76 отсто помалку од челичните конструкции.
Не е случајно што Шведска ја предводи оваа промена, бидејќи дури 70% птоценти од нејзината територија е покриена со шуми, а дрвото се користи во градежништвото со децении. Архитектот Оскар Норелиус од студиото „Вајт Аркитектер“, кој работи на проектот, истакнува дека Швеѓаните имаат длабока културна врска со шумата: „Тоа е наш простор на мир, енергија и идеи, но и основна економска суровина.“
Норелиус веќе има искуство со изградба на големи дрвени конструкции. Тој е автор на „Сар Културхус“, 20-катна зграда во северна Шведска, која содржи галерии, музеј, книжарница и хотел со 200 соби.
Во новиот кварт Сицкла, првиот блок со 80 станови наречен Квартер 7, ќе биде завршен до крајот на 2025 година. Планот е да се изградат околу 2.000 дополнителни станови до 2027 година, а зградите ќе бидат флексибилно дизајнирани. Становите ќе можат да се претворат во канцеларии доколку е потребно, со што ќе им се обезбеди „втор живот“.