СВЕТОТ СЕ МЕНУВА, НО ДАЛИ И НИЕ?!- Светот никогаш не мирува. Во секој момент се видоизменува, не само во еволутивна смисла, туку секојдневно во сите области, како на политичко, економско, биолошко, еколошко, но и научно поле. Светот, со своите неограничено различи форми и појави, сепак се движи кон својата севкупност и закокруженост. За промените, за нивната динамика и за придобивките од тоа зборуваме со д-р Катерина Вељановска Блажевска, тековен стипендист на Бирото за образовни и културни прашања, во рамките на престижната СУСИ програма 2021/22, Институт за научници и истражувачи на САД за експертирање во доменот на надворешната политика на САД.
Во септември 2021 година, учествуваше на програмската рамка за идни лидери во доменот на трансатлантските односи, како стипендист на GMF of the United States in Washington (German Marshall Fund), во организација на Федералното министерство за одбрана (German Bundeswehr) на Германија.
СВЕТОТ СЕ МЕНУВА, НО ДАЛИ И НИЕ?!
- Како би ги нарекле вие промените, кои се вашите согледувања за правецот кон кој се движи денешниот свет?
-Геополитички, геостратешки, влегуваме во нова ера на предизвици. Глобализацијата, во своето поимање, веќе не е истото четиво што беше познато досега и обработувано од низа теоретичари, аналитичари, како и глобални актери кои умешно ги користеа нејзините придобивки за оправдување на своите активности.
- Сепак, што значи сето ова за човекот во своето секојдневно функционирање?
-Ковид-19 пандемијата во голема мера придонесе за размислување „надвор од кутијата“, тежнеејќи кон нови хоризонти на анализа и интерпретација на хумaната димензија на живеењето. Во таа насока, во континуитет се појавуваат нови начини на заштита на личниот, општествениот, глобалниот интерес, пред се на основа на влијанието на различни надворешни акции, a сè во насока на тоа да се надминат одредени граници што пречат при постигнување на поставените цели.
Нов стратешки компас
- Кои се глобалните актери на помените?
-Ако се зборува за глобални актери, несомнено во истиот контекст се споменува и Европската Унија, која, сепак, во овие новонастанати услови е потребно да внесе одредена промена, а притоа не само да иницира на меѓусебна соработка со земјите членки, туку и да работи на поставување нов стратешки компас во своето долгорочно функционирање. Европската унија е потребно да развие своја лична мисија како глобален актер.
- Дали тоа значи дека е потребно да се зајакнат демократските капацитети?
-Секако.
- Дали тоа значи дека треба да иницира поефективна соработка со САД, во однос на справување со постоечките и идни глобални предизвици?
-Несомнено, да. Во институции како НАТО и ЕУ, не може да се повика адвокат за одредени нереализирани прашања. Едноставно, треба да се работи според поставените принципи, да се обезбеди позитивно лобирање во однос на прокламирање на националниот интерес и политика, се до постигнување позитивна практика и промени. Не е лесно, но е особено изводливо, со многу труд, со посветеност и со позитивна афирмација. Тоа што е потребно дополнително да се разгледа и да се разбере е дека во новата глобализациска рамка и поставеност, секој регион промовира различни аспекти на соработка. Наспроти тоа, потребно е уште повисоко ниво на корелација со поставените цели, на основа на потребата од низа суштински промени во рамките на глобалната политичка сцена.
Стратешките цели е потребно особено да изразат фокус на климатските промени, миграцијата како и мултилатерализмот. Во светот моментално се случуваат две паралелни сценарија: раст на популизмот од аспект на поттикнување на национален идентитет, како и раст на бројот на мигрантите и потребата од дополнителнa политика на национално, регионално и глобално ниво.
Развој и креирање на нови улоги
- Каде одиме одовде? Дали можеме да зборуваме за поредок на улоги?
-Поконкретно, станува збор за развој и креирање на нови улоги со поголема партиципација и имагинација, без притоа да се игнорираат глобалните промени, особено од аспект на моќ и прогрес. Прашањата на кои би требало да се посвети време и истражување се: што се случува со тековните формации и алијанси, каква е иднината?
- Во колкава мера е воочлив капацитетот на ЕУ за справување со новонастанатите состојби од демократски, безбедносен и социо-економски аспект? Какво е значењето на сето ова од геополитички аспект?
-Се уште не постои јасен, прецизен одговор за идните формации во рамките на глобалните тектонски движења на политичката светска цена, сепак, сето тоа во голема мера треба да иницира два аспекти за анализа, односно дали се преземаат вистинските активности и дали тоа се одвива на вистински начин. Потребно е подлабоко да се погледне во досега преземените мисии за зачувување на светскиот мир и поредок, грижа за населението, екологијата, како и економските предизвици, за да може да се рече дека лекцијата е научена.
Прашањето до владите би било во колкава мера се насочени и инволвирани во справувањето со политиката на регионите, пред се од аспект на лојалност кон поставените идеали на соживот и соработка. Исто така, позицијата на Кина како голем глобален играч е неминовна и е потребно да се земе предвид при креирањето на глобалната политичка сцена. Да речеме дека секој игра според поставените правила, сепак, не е само до системот, потребни се иницијативи, реформи.. да се покаже политичка заложба и посветеност. Тоа значи дека конкретниот фокус во однос на глобалните актери е потребно да се прошири, не само на држави и региони туку и на компании и корпорации и нивниот придонес, како и на поединци со стекнат интегритет. Во тој случај, веќе може да се говори за додадена вредност, а со тоа да се даде придонес и на економиите на помалите земји... поточно речено, да се увиди колку “додадената вредност“ е реална наспроти тоа што би можело да се постигне со заедничка заложба и конкретни мерки.
Можеби главната поента на сето погоре изнесено е дека веќе е особено тешко да се направи разграничување на областите на делување во меѓународна димензија. За некои обврски, глобалните актери можат само мултилатерално да пристапат, со цел да се очекува позитивен исход. Едноставно, сето тоа е еден процес на учење во чии рамки понекогаш предизвикот е на национално ниво, а неретко има потреба од пошироко, надворешно делување. На крајот, постои јавност која треба да биде убедена во постапките на своите лидери, како и во постигнатите цели.
Бране Стефановски