И оваа година, вообичаено, како и секоја година, во швајцарскиот град Давос, се оддржа годишната средба на која се собираат водечките деловни луѓе, политичари, интелектуалци... за да расправаат за актуелните светски проблеми.      

Иако светските воспоставени економски текови, „изгазени патеки“, по кои течеше стоковата размена пред точно една година ги поремети руската агресија врз украина, светските лидери и првите луѓе на меѓународните финансиски институции дадоа пооптимистички прогнози за економијата во 2023 година. Сепак, тие повикаа на натамошна внимателност, бидејќи не е се’ завршено, иако германските политичари објавија дека Европа е дефинитивно ослободена од зависноста на рускиот гас.

Обичниот граѓанин најмногу го интересира дали цените на основните продукти ќе растат, или ќе се намалуваат.  

„Фаците“ од Давос се согласија дека се очекува и забавување на инфлацијата, стабилизирање на цените на енергијата, што значи оптимиситчка прогноза, иако за една година веројатно ништо нема да се почувствува, но подобро би било цените барем да се смират и да се елиминира чувството на страв дека инфлацијата ќе не голтне сосе „кондури“. Се разбира дека во Давос имаше и повоздржани прогнози.

Тие повоздржани прогнози се темелат на заклучокот дека алтернативата за рускиот гас не е евтина, односно дека е многу поскапа, што наведува на заклучок дека европскиот инпут во производството нема да биде евтин, односно може да биде и поскап, па така и не треба да се очекува намалување на цените. Европската унија виновникот го апострофира на северноамериканскиот континент, односно во самата Америка.    

Европските економисти тврдат дека Американците својот евтин гас и го продаваат на Европа по висока цена. Американскиот гас во Америка е четири пат поевтин отколку во земјите на Европската унија, поради што некои европски авторитети оценуваат дека цената на американскиот гас во Европи не е „пријателска” и дека  Америка станува „воен профитер” во време на руската агресија врз Украина. Всушност, ова го потврди лично францускиот претседател Емануел Макрон:  

„САД произведуваат ефтин гас што ни го продаваат скапо. Мислим дека тоа не е пријателски“ вели  Макрон.

И официјален Берлин ги повика Соединетите американски  држави да покажат малку поголема „солидарност”.

На информирните граѓани им е јасно дека војанта во Украина ги „измести“ патиштата на снабдување и го поремети пазарот. Летоска гасот во Европа беше десет пати поскап од просекот во последните десет години. Тоа му направи голем проблем на Стариот Континент. Висината на сметките достигнаа небески височини, а и незадоволството на граѓаните, исто така. Скапиот гас на европските  компании им ја намали конкурентноста  во однос на американските производители. Многу компании размислуваат своите седишта и производството од Европа да ги преселат во САД или во Кина поради поевтините енергенси.

Од другата страна на Атлантикот, пак, стигнува одговор  дека виновникот Европјаните треба да го побараат во сопствените редови. Американците одговараат дека ни владата ни американските компании не се виновни за цената на природниот течен гас во Европа и дека виновникот треба да се бара во европските компании кои го препродаваат американскиот и својата услуга ја вградуваат во цената. Прво, за американскиот гас со танкер да стигне до Европа, мора де се префрли во течна состојба, поради што е познат како природен течен гас, па и таа „конверзија“ има своја цена.

На пример податоците кажуваат дека француска компанија „Тоутал енерџис”, најголемиот европски купец на американскиот гас и шпанската компанија „Нетурџи”, од препродавање на американскиот гас имаат заработено  пет пати повеќе пари од предминатата година.

Американските производители тврдат дека нивните  европски купци ја одредуваат цената по која го продаваат  гасот на крајните корисници и дека овие европски  компании можат  танкерите со американскиот гас да ги пренасочат и кон другите делови на светот, на пример кон  Азији, ако со тамошните купувачи договорат подобра цена.

Американската енергетска компанија „Шениер енерџи” лани  продала 70 насто повеќе течен гас во Европа во споредба со  2021. Компанијата 90 проценти гасот го продава преку посредници, а тоа се големите европски компании.

Поради оваа ситуација Европската унија последиве данови  размислува да ја ограничи цената на гасот. Германија, Данска и Холандија предупредуваат тоа да не се прави, зашто снабдувачите ќе се свртат кон други купувачи од   неевропскиот пазар, пренесува „Фајненшел тајмс”.

Информациите од Давос зборуваат дека учесниците во дискусиите и сугестиите повеќе се задржале на глобанлните прашања, а помалку на конкретни мерки.

Како што вели основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, „тешко е одделно да се решаваат проблемите, бидејќи сите тие се меѓусебно поврзани и потребен е сеопфатен пристап за добри резултати“, а тоа е намалување  на глобално високите стапки на инфлација, висок  економски раст и нов систем на инвестиции и трговија во услови на заострена монетарна полтика на речиси сите централни банки.

Позитивни сигнали има од страна на големите американски инвестициони фондови кои очекуваат 2023 година да стане исклучително поволна за нови инвестиции. Следниот инвестиционен циклус, како што се очекува, ќе биде придвижен од иновациите.