Приказната е женска, но не и помалку важна. Напротив...

Наташа Ц. Тодосовска е Личност на неделата во која (од 1-ви до 7-ми август) во светот се чествуваат Деновите на доењето.

Наташа, која со својот ангажман им помогна на многу македонски мајки го има создадено Инстаграм-профилот doenje_so_ljubov, ги учи мајките и семејствата за се што треба да знаат во врска со доењето.

Наташа е сертифициран специјалист за доење и неделава го подарува својот, веќе антологиски онлајн Џебен прирачник за доење.

Прирачникот го напиша заедно со Јасна Апостолски – Николов (сертифициран лактациски консултант).

Оние што имаа мака во првите чекори на мајчинството, ќе кажат:

- Овој профил е вистинско освежување меѓу македонските профили, затоа што знаењето и пораките се пренесуваат на различни интересни начини за публиката и се што се споделува е корисно за сите (нови) родители.

Таму Наташа споделува различни факти и термини кои треба да се знаат и се поврзани со доењето, ги учи родителите што се спаѓа во нормално однесување на бебињата, а исто така споделува и различни митови поврзани за доењето - па конечно може многу работи да се разјаснат и да се знае што е правилно, а што не.


Покрај корисните водичи кои ги споделува овој профил, можете да се пријавите и на курсевите и целосно да се подготвите за животот со новороденче.

На овој профил впрочем може да се научи многу повеќе од доење - Наташа организира интерактивни кафепиења со интересни гости, зборува на теми како спиење на деца и бебиња, дохрана, живот со новороденче, а нејзината публика секоја недела има можност да постави прашања на различни теми и да добие одговор.

Во Светска недела на доењето 2021 програмата ќе ја опфати скоро целата недела, со тоа што на 1 и на 7 активностите ќе се на социјалните мрежи, а официјалната програма е веќе во тек, и тоа поделена во три дена онлајн дружење и едукација, и два дена дружба лице в лице.

- Последните два дена се гледаме во живо, со тоа што едниот ден е резервиран за најискреното и најемотивното во цела програма - а тоа е споделување на реални приказни и лични борби на семејства; а другиот ден е резервиран за свеченото затворање со ексклузивно прикажување на документарен филм.

Чест ми е што годинава ќе сме и на мапата на WABA со нашите активности, а наскоро на нивната страница ќе го има и официјалното годинешно лого преведено и  на Македонски јазик.

Се надевам на одлична дружба, и најголемата желба ми е да успееме да ја покренеме уште повеќе свеста во поглед на ова прашање, комплетно во согласност со годинашната тема, која гласи: "заштита на доењето - наша заедничка одговорност"! – вели Наташа во поканата за учество.