За 30-ти септември во Уметничкиот центар Арт Хаб е закажана промоција на монографија на Тања Балаќ - 30 Years Art Works 

Автори на текст се проф. Кирил Пенушлиски и м-р. Натали Р. Павлеска, а улога на промотор ќе ја има проф. Ана Мартиновска. 

Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година, магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка. 

Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност. Остварила повеќе самостојни изложби: „Просторни дистанци“ во 2020 г. во Галеријата на македонската амбасада во Виена, „Невидлива изложеност“ во галерија „Прогрес“ во Белград во 2019 г., „1800К“ со Омер Калеши во Галерија на македонската амбасада во Париз во 2017 г., „Црвена земја“, „Раѓање на нација“ – проекции на експерименталните филмви и изложба на фотографии во ОКК Галерија - Берлин, Германија, истата година, во 2013 г. „Просторни дистанци“ во галеријата „Љубљански град“, како и многу други самостојни претставувања во Истанбул, Софија, Малме, Марибор, Москва, Париз... 

Учествувала на бројни групни изложби, во Македонија и во странство: Франција, САД, Полска, Бугарија, Србија, Русија, Шведска... Исто така, нејзините експериментални филмови побудуваат голем интерес кај меѓународната јавност. Дел од нив се здобија со меѓународни награди како што е 4та награда за експериментален филм на Биеналето во Фиренца за филмот „Меморабилија“ во 2019 г., во истата година и 1ва награда на Филмскиот фестивал во Вест Вирџинија, САД; во 2020 награда на Anarchy Film Festival во Манчестер, Велика Британија за филмот „Заглавени Заедно“...