На најголем саем за безжични комуникации во светот „Mobile World Congress“ (MWC) во Барселона ( од 27 февруар до 2. март), каде е собрана светската технолошка елита, годинава гостин  е и  Мартин Купер, таткото на првиот мобилен телефон, кој ја доби награда за животно дело.  Држејќи го во раце прототипот на првиот мобилен телефон наречен „цигла“ што го пронашол пред 50 години, во 1973 година, Купер со оптимизам говереше за иднината на мобилната технологија.

Денес, според Купер паметниот телефон е премногу сложен со бројни апликации и екран кој не одговара на заобленоста на човечкото лице.

Купер е убеден дека еден ден телефоните ќе станат уреди интегрирани во нашата кожа, наместо црните правоаголни плочи на кои сме навикнати.

„Следната генерација ќе има телефон вграден под кожата на ушите“, рече Купер, додавајќи дека таквите уреди нема да треба да се полнат бидејќи „вашето тело е совршен полнач“, пренесува CNBC.

 „Кога јадете храна, вашето тело создава енергија, нели? Вие внесувате храна, вашето тело создава енергија. Потребна е малку енергија за да се вклучи оваа слушалка“, додаде тој.

Неговата визија навестува можна идна фаза на човештвото во која нашите тела ќе бидат зголемени со моќни микрочипови и сензори.

Неколку стартапи развиваат технологии кои сакаат да ги комбинираат компјутерите со човечкиот мозок, на пример, како што е Neuralink на Илон Маск.

Најдобрите денови се пред нас

Купер вели дека паметниот телефон денес стана премногу сложен со бројни апликации и екран кој не одговара на заобленоста на човечкото лице.

„Секогаш кога сум на телефон и немам слушалка, морам да го држам ова рамно парче материјал на мојата закривена глава да ја подигнам раката во непријатна положба“, рече тој.

Тој истакнува дека приватноста станала многу сериозен проблем, но и зависност.

Покрај „ерозијата на приватноста“, Купер изрази загриженост и поради „споредните последици“ што ги имаат паметните телефони врз корисниците на интернет-просторот, како што е зависноста од интернет и полесен пристап за децата до штетни содржини.

Сепак, тој е оптимист за иднината, сугерирајќи дека претстојат најдобрите денови, бидејќи напредокот во технологијата за мобилна телефонија има потенцијал да ги револуционизира полињата како што се образованието и здравствената заштита.

„Сега луѓето се подобри и живеат подолго. Тие се побогати, поздрави отколку што некогаш биле. Имаме подеми и падови. Но, генерално, човештвото напредува“.

 На 3. април 1973 година беше направен првиот мобилен телефонски повик. Мартин Купер, инженер во Motorola, шетајќи низ улиците на Њујорк, му се јавил на својот колега-ривал од AT&T. Телефонот со кој Купер го остварил првиот повик тежел нешто повеќе од еден килограм и бил наречен „кутија за чевли“ бидејќи бил сличен по формата и големината. Само по 10 години Моторола го објави првиот комерцијален телефон кој чинеше околу 4.000 долари.