
Деновиве излезе од печат монографија “Гордоста на Кавадарци“ која претставува обид на едно место да се претстават работата и делата на најуспешните личности и компании од Кавадарци.
Во градот на грозјето и виното има споменици, мостови, згради, училишта, фабрики, спортски игралишта и сали, објекти кои ќе останат како белег на градот. Но, книгата “Гордоста на Кавадарци e поинаков споменик, со кој се прави обид да се отргнат од заборав успешните граѓани од Општина Кавадарци и нивните дела без разлика дали тие денес живеат во родниот град или на друго место.
Нивните научни трудови, елаборати, докторски дисертаци, романи, уметнички слики, како и музичките инструментлисти и вокални солисти, луѓето кои раководат со највисоките државни институции имаат голем придонес за афирмацијата на Кавадарци и Тиквешијата. Истовремено оваа монографија е можност на најубав и репрезентативен начин на другите да им покаже дека од Кавадарци потекнуваат луѓе и компании од вредности за почит!
Авторот на “Гордоста на Кавадарци“, некогашниот новинар на “Нова Македонија“ и уредник на ревијата “Екран“ - Тимчо Апостолов, ги презентира портрет приказните на преку 130 личности меѓу кои и на Никола Минчев, Ангел Чемерски, Мито Хаџивасилев, Ристо Џунов, Стојан Андов, на ликовните уметници Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов, Владимир Темков, на ректорот на универзитетот во Штип - проф. д-р Блажо Боев, на деканите на Правниот факултет проф. д-р Миодраг Мицајков, на Технолошко металуршкиот факултет - проф. д-р Александар Лазаров, на факултетот за музичка уметност - проф.Гордана Јосифова Неделковска (и проректор на УКИМ), на деканот на Архитектонско градежниот факултет - проф, д-р Диме Лазаров,на амбасадорот Ѓорѓи Филипов, академик Блаже Ристовски, на генерал полковник Тодор Атанасовски...
- Исполнет со љубовта за својот град, за сојот и пријателите на семејството, со желба од себе да ги излее позитивните чувства за своите сограѓани, Тимчо Апостолов ја направи книгата „Гордоста на Кавадарци“ како свој придонес за разбирање и признателност кон луѓето од својот град - вели проф д-р Кирил Темков.
Во “Гордоста на Кавадарци“, на 380 страници е преставен и патот до успехот на генералниот директор на “Алкалоид“ – Трајче Мукаетов, на сопствениците на “ИГМ трејд“ – Илија Гечев, на“КАМ“ маркети - Гоце Камчев, на винаријата “Попова кула“ – Јордан Трајков..., како и историјатот на најуспешните компании, како што се винарската визба “Тиквеш“, “Дрекслмајер“, “Еуро никел индустри“, “Алијанс уан“, “Кожувчанка“, “Градба промет“, “Машино коп“...
Во книгата се наоѓаат и животните приказни за Никола Бадев, Васил и Зафир Хаџиманов, на Љупчо Бубо Каров, на спортистите Тодор Гечевски, Врбица Стефанов, Петар Ангелов - Диви, Вуко Каров, Петар Анѓушев, Блажо Малинков, на Димче Кичевски - југословенски и балкански првак и носител на бронзен медал од Европското првенство во карате, стории за фудбалскиот, кошаркарскиот и ракометниот клуб “Тиквеш“.
Портрети на сите градоначалници на Кавадарци од 1946 до денешен ден - на писателите Томе Арсовски, Петре Бакевски, Васил Мукаетов, Блаже Миневски, на Димитрија Ангелков - проф. доктор по компјутерски науки, иноватор, креатор на “паметните“ канти за ѓубре и интерактивни табли, на Анче Наневска -сомелиер, доцент за храна и вино, независен консултант на интернационални компании во Рим и Лондон, Костадин Камчев сопственик на престижното музичко студио “Моzart“ во САД...
- Карактеристика на оваа книга е едноставниот јазик и разбирлив стил, селективниот принцип што главно се согледува во обемот на приказот и документарноста која на делото му дава допонителен квалитет и предизвик за љубопитството на читателите – изјави за книгата писателот Гоце Ристовски.
