Прогнозите на туристичките компании – собрани од податоците од анкетите, од однесувањето на корисниците и резервациите – претставуваат годишен приказ од кој се црпат нови идеи во индустријата, од идентификување на потенцијалните жаришта во светот до размислување како и зошто ќе го истражуваме светот во наредната година.
„Луѓето ги привлекуваат трендовите затоа што им нудат чувство за структура и разбирање во сè посложениот и побрз свет“, објаснува Џени Саутан, извршен директор на Globetrender, светска водечка агенција за прогнозирање на тренд-патувањата. „Кога станува збор за патување, трендовите даваат јасност и патоказ за тоа како да се движиме низ светот околу нас.“
За Јасмина Бина, извршен директор на Concept Bureau, искусен аналитичар за однесување на потрошувачите, трендовите се знак на најдлабоките копнежи. „Трендовите во патувањето се прозорец кон она што луѓето навистина го сакаат кога правилата на секојдневниот живот се хаотични“, вели Бина. „Денес она што луѓето го сакаат е да се чувствуваат целосно преродено.
Додека туристичката индустрија во голема мера се врати на нивоата пред пандемијата, економската несигурност, тековните војни во Украина и на Блискиот Исток ја прават 2025 година сè, освен предвидлива.
„Може да се каже дека можеби бараме нови упоришта“, додава Бина. „Во тренд се патувањата како гледање ѕвезди, празнична романса, туризам со носталгија, туризам со ноќен живот, дигитална детоксикација и така натаму, кои ни покажуваат дека луѓето бараат повторно да се поврзат со нешто што им дава подлабоко значење“.
Каде ќе патуваме оваа година?
Саутан се согласува. „Трендовите создаваат заеднички наратив – чувство на колективно откритие – дека сите ние сме учесници во глобален дијалог за она што е важно“.
„Без разлика дали се работи за привлечноста на дестинации кои не се вообичаени или желбата да се „патува со цел“, трендовите ни даваат сидро, што го олеснува разбирањето каде се вклопуваме во поширокиот глобален пејзаж за патување“, вели Џени Саутан.
Еве некои од главните трендови за 2025 година, како што предвидуваат некои од водечките светски туристички брендови и тур-оператори.
„Ноктуризам“
„Ноктуризам“– ноќен туризам – опфаќа ноќно патување, од музеи што се отвораат ноќе, биолуминисцентни плажи до набљудување на северната светлина. Сончевата активност по повеќе децении, ќе биде највисока оваа 2025 година, така што многу поголем број наелектризирани честички од Сонцето ќе комуницираат со Земјината атмосфера, обезбедувајќи единствена можност за набљудување на поларната светлина.
Една од престижните туристички агенции советува патување во Финска, Лапонија и норвешките острови Лофотен, како и Свалбард и Исланд, како главни дестинации за уживање во северната светлина.
„Калмкејшнс“
Спокојството (Calmcations) – одморите фокусирани исклучиво на постигнување чувство на мир и спокојство – ќе продолжат да бидат популарни во 2025 година. Посебен акцент е ставен на бегството од бучавата, особено затоа што Светската здравствена организација процени дека загадувањето со бучава, особено од сообраќајот, е втора најважна причина за лошо здравје во Западна Европа.
Ноќен туризам и уживање во поларната светлина
Бројни агенции нудат различни дестинации за „бегања во тишина“: Престој долж норвешкиот брег кој на гостите им нуди можност да побегнат од вревата на секојдневниот живот, бунгалови без технологија низ Европа чија мисија е „да му помогнат на секогаш вклучените да се исклучат“; сосема ново засолниште Maiamaja во хелсиншкиот архипелаг, коешто се состои од низа кабини без интернет кои им овозможуваат на гостите повторно да се поврзат со природата. Во наши услови тоа е секако селски (рурален) туризам.
Сè сугерира дека овој вид на патувања всушност подразбира бегство од технологијата.
Патувања со вештачката интелигенција
Можеме да очекуваме дека технологијата ќе почне да игра сè поголема улога во планирањето на патувањето. Истражувањата покажуваат дека речиси 50 отсто од луѓето планираат генеративната вештачка интелигенција да им помогне да изберат дестинација.
Меѓутоа, истражувањето исто така забележа дека многу туристички агенции сè уште не се сосема сигурни како да ја користат оваа технологија.
Што подалеку од градската врева
TripAdvisor, од друга страна, користи генеративна вештачка интелигенција за да им помогне да креираат маршути за патување. Во синџирот на хотелите „Хајат“ веќе има кревети со вештачка интелигенција кои ги следат движењата на отчукувањата на срцето и крвниот притисок за да обезбедат поголема удобност и подобар сон.
Меѓутоа, според истражувањето на Здружението на туристички агенти и тур-оператори ABTA, припадниците на Gen Z сакаат да листаат брошури во потрага по инспирација за патување колку што бараат и идеи на Интернет, што значи дека трендот кон технологијата не е универзален.
Враќање кон летните љубови
Одејќи рака под рака со порастот на дигитализацијата, забележан е пораст на таканареченото „дигитално исцрпување“, особено кога станува збор за меѓучовечките односи. Според истражувањето на Forbes Health од 2024 година, 79 отсто од членовите на генерацијата Z велат дека се чувствуваат исцрпени од онлајн запознавања.
Потребата за „аналогно“ дружење
Како да се реши тој проблем? Агенциите веќе предвидуваат дека еден од петте клучни трендови оваа година ќе биде запознавање на нови луѓе во реалниот живот – така што има се поголем број на проширени понуди за соло патници кои, покрај истражувањето на нови дестинации, сакаат и да се дружат.
Неразгазените патеки стануваат мејнстрим
По значителните проблеми со прекумерниот туризам во 2024 година, понудата на неистражени дестинации е во пораст. Луѓето сакаат да патуваат таму каде што ќе бидат добредојдени со цело срце. Компаниите нудат локации за одмор кои се слични на популарните жаришта. Така на списокот се наоѓаат Узбекистан, островите во Источна Африка - Занзибар и Мадагаскар и нови искуства на оддалечените острови Алдабра, како и Србија.
Србија – помеѓу руралниот шарм и урбаното наследство
Сепак, списокот на Airbnb извлечен од податоците од пребарувањето и списокот со желби на страницата повторно ги содржи Рим, Токио и Милано, градови кои страдаа од прекумерен туризам во 2024 година, што покажува дека ова прашање е далеку од решено.
„Кулкејшенс“ и сафари надвор од сезоната
За оние кои се навикнати на одмор во јужна Европа, прашањето се помести од „каде е топло?“ до „каде што нема топлина“. Бидејќи температурите продолжуваат да уриваат рекорди низ Медитеранот за време на традиционалната сезона на летни одмори, климатските промени имаат се поголемо влијание врз местото каде што патуваме.
Затоа Финска и Норвешка, бележат зголемување на резервациите за 26 проценти во однос на претходната година, и се очекува дека се повеќе туристи ќе се упатат кон северна Европа, каде просечните летни температури се околу 20 степени.
Климатските промени не влијаеа само на љубителите на плажа, туку има и влијание на ние кои ги посетуваат националните паркови. Патувањето на сафари се префрли од декември во март, благодарение на променливите климатски модели и попристапните цени.
Климатските промени се реалност, а индустријата и патниците ја следат.
Носталгични патувања
Поп-ѕвездата Тејлор Свифт е заслужна за поттикнување на патувањето и туризмот низ светот за време на нејзината турнеја Ерас, која заврши во декември 2024 година. Додека музичкиот туризам е тренд во пораст, предстојните турнеи на Еминем и Оејзис исто така зборуваат за нешто друго: пораст на носталгичниот туризам.
Како што милениумците влегуваат во средна возраст, одморите што ги сакале како деца повторно ќе станат популарни. Се очекува зголемување на бројот на летни кампови, пораст на интересот за кампување во континентална Европа и сите видови на ретро поп-ап.
Тоа може да биде показател дека сакаме малку одмор од неизвесноста и бараме утеха во поудобен свет.