Ангажирањето на тренер за индивидуален деловен развој од страна на правни субјекти не е тренд туку потреба која ја наметнува се побрзиот технолошки развој, мерките за заштита на животната средина, енергетската и економската криза... Практично трката за иновативност во производството и услугите, за да се биде во чекор со конкуренцијата, неминовно бараат нов начин на комуникација која опфаќа усовршување на процесот на креирање на стратегија, план и маркетинг во работната агенда на секој правен субјект. Токму на ова поле делува и нашата соговорничка Марија Ефтимовска од Преспа, тренер за индивидуален развој, која одблиску се обиде да ни опише која е улогата на оваа професија и зошто е неопходно компаниите да користат тренер за индивидуален деловен развој.

Рамка за деловен развој на секоја компанија

*Што всушност значи тренер за деловен развој. Како правните субјекти гледаат на вашата професија?

-Кога една компанија се соочува со одреден проблем или неповолна состојба  во деловниот развој или во тековната работа, има потреба од одредена стручна помош.

Конкретно, ангажманот, како тренер за индивидуален деловен развој започнува токму тогаш кога треба да се решат овие предизвици. Проблемите се од различен карактер, од решавање на интерни состојби во компанијата, како управување со човечки ресурси, подобрување на работен амбиент, потреба од брз економски раст и развој, оформување на нови производи или полупроизводи, па се до зголемување или збогатување на капацитетот на компанијата преку разни можности за добивање на сертификации, државни и меѓународни награди и признанија, промоции, организирање на разни настани. Во кратки црти, се она што е во рамките на потребата за развој на самата компанија.

*Како се изведува работата по ваков модел?

-Најпрво се прави целосен скен на работата на компанијата за минатите три до пет години. Врз основа на добиените податоци се изготвува план за работа којшто содржи многубројни алатки и методологии по кои се постапува. Се прават сите потребни истражувања (теренски, пазарни, истражување на таргет групи, маркетинг и др.) во зависност од потребата на ангажманот, па потоа се преминува на подготовка на план за работа.

Планот  најчесто е долгорочен, односно најкратко време доколку се работи за мал развоен проблем е 12 месеци, а најчесто се работи од 24 до 48 месеци.

Се зависи од податоците добиени од претходните анализи од дејноста и од потребата. Компаниите кои се заинтересирани да го вклучат во својот начин на работа овој принцип, на почетокот мислат дека имаат само еден проблем, но, во најголем број на случаи, заклучокот покажува дека проблемот бара системско решение и не е едноставен како што изгледа, не може да се реши само со некоја одредена едноставна постапка.

Индивидуално третирање наместо шематско насочување

*Од каде идејата да се вклучите во професија како тренер за деловен развој?

-Пред 20 години како студент на факултетот за биотехнички науки, моите вештини и знаења во делот за менаџмент и маркетинг беа оскудни, а истите не беа составен дел од студиите кои ги одбрав. Во тој период ми се укажа шанса да отворам свој бизнис и како неискусен управител на истиот, ми се наметна потребата да посетувам неформално, но, акредитирано образование во областа на менаџмент и маркетинг. Преку тогашните бизнис инкубатори се стекнав со многубројни сертификати и акредитации во областа на деловни комуникации, менаџмент на интерни кореспонденции, квалитет на работни места, деловен развој на компании, конкурентност и пазарна ориентација и многу други. Како што тогаш беше пракса, додека учевме, работевме на конкретни и реални проблеми, па искуството и знаењето ме донесоа до позицијата проектен менаџер.

Искуството го збогатив и преку неколкугодишен ангажман во невладиниот сектор, каде работев на проекти насочени кон подобрување на конкурентноста на малите и средни претпријатија. Оттука почнува и приказната за мојата денешна позиција. Како добро истакнат проектен координатор добив можност да се стекнам со акредитација за тренер за деловен развој. 

Неколку години работев исклучиво по методологијата на Ериксон Академија. Меѓутоа увидов дека принципот и начинот на работа на деловните субјекти во нашата земја не може да содејствуваат по тој метод. Се разликуваат законските регулативи кај нас, можностите во нашето опкружување не се исти со оние на поразвиените земји, исто така и економската слика кај нас е на многу понезавидно ниво.

Оттука произлезе мојот две годишен труд на создавање на свој концепт и модифицирање на класичната методологија, односно, создадов нов модел по кој се водам во својата работа, а тоа се однесува на индивидуално третирање на секоја компанија наместо шематско насочување.

Ваквиот начин на работа веднаш беше позитивно препознаен од деловниот сектор и резултираше со конструктивен и продуктивен исход.

Вака поставена, развојната стратегија која индивидуално се прави за правниот капацитет, резултира со тренирање на засегнатите работни позиции, најчесто управители, менаџери, раководители и истите после завршувањето на мојот работен ангажман се оспособени, обучени самостојно да продолжат да ја спроведуваат и надградуваат стратегијата за раст и развој на компанијата. Со ова тие стануваат независни од надворешни соработници со што дополнително се олеснува тековното работење.

Метод - погоден за различни дејности

*Во кои сектори се применува методот за индивидуален деловен развој?

-Според моето искуство сѐ зависи од самата компанија нарачател. Сметам дека секоја дејност може да се третира со ваков метод.

 Моментално имам  ангажман  во компанија за управување со отпад, во  компанија од дејноста туризам, компанија која работи образовна дејност и компанија со дејност, градежништво.

Иако сите се различни по дејност и кај сите се третираат различни проблеми, методот секаде е успешно имплементиран и постигнати се големи успеси.

Во самиот договор за работа, дискрецијата е загарантирана и секоја компанија добива авторски права како сопственик на стратегијата, затоа и не е пожелно да ги именувам како пример, но, ќе споделам конкретни успеси кои сме ги постигнале.

Компанијата за управување со отпад, разви иновативен производ, - од отпадна  гума до финален производ- гумена подна плочка која е  100 процентно еколошка и подложна на константно рециклирање. Тоа е единствен производ од ваков тип со производство во нашата држава.

Подната плочка поради квалитетите кои ги поседува, но и поради иновативноста во процесот за производство е добитник на многубројни национални и интернационални награди, признанија, стандардизации и сертификати.

Со компанијата од образовна дејност, моментално развиваме нова програма за лица со над 10 годишна невработеност. Практично за оваа група организираме образование за преквалификација кое очекувам да резултира со околу 30 отсто вработување од вкупно обучените лица.

Со компанијата од туристичката дејност се работи на подготовка на стратегија за развој на рурален туризам во Пелагонискиот регион. Истата досега резултира со единствена понуда за организиран туризам од ваков тип и може да се пофалиме дека таа годинава бележи раст за 20 отсто во нејзиниот развој по пласиран производ.

Ова се само неколку од многубројните примери кои се третирани со методот за индивидуален развој.

*Активни сте и во невладиниот сектор, каде несебично и волонтерски ја  спроведувате методологијата за индивидуален развој?

- Да. Јас сум во основачкиот одбор  и член на здружението за заштита на животната средина „Еко Герила Преспа“, кое работејќи по методологијата за индивидуален развој последните три години бележи нагорна линија. Реализиравме многубројни проекти, од кои дел финансирани од дарители, дел со самофинансирање се со цел да го подобриме квалитетот на животот и животната средина во Преспа и да поттикнеме жителите да станат активни чинители на промените кои ги посакуваат. Тука ќе споменам неколку реализирани проекти

Prespa2Go - Изготвена мобилна апликација и веб страна за промоција на туризмот во Преспа.

Младински Преспа Хаб - отворен првиот Хаб во Преспа каде младите луѓе ќе може да се обучуваат, едуцираат и да творат, посредување при вработување, поттикнување на претприемништво и други активности.

Целосен пакет на услуги

*Како функционира, односно каков е ангажманот на еден личен тренер за деловен развој во одредена компанија?

- Ангажманот во компанијата нарачател е како надворешен соработник. Постојат два вида на понуда, едниот е само изготвување на индивидуалната стратегија за развој, додека другиот е испорака и имплементација на стратегијата. Во делот на имплементација влегува и комплетен тренинг на назначените лица кои подоцна ќе продолжат да ја спроведуваат стратегијата и за други предизвици.

Во самата подготовка на планот за работа се предвидуваат и низа други активности на надворешни соработници, стручни лица и консултантски услуги во зависност од проблемот што се третира. Најчесто тоа се експерти од доменот на финансиите, маркетинг услуги и услуги од ИТ секторот.

Вака се поставени активностите, бидејќи се работи на повеќе решенија истовремено со што се добива целосен пакет на услуги.

На пример, една стандардна стратегија за деловен развој предвидува.

- Процена на капацитетот на компанијата.

- Пренасочување на интерната организираност

- сите видови на истражувања

- креирање на концепт за одржлива економија

- посебни програми и шеми кои зависат од проблемот на компанијата.

- изготвување на интерен документ со конкретни активности за краток, среден и долг рок

- маркетинг и дигитализација на компанијата

- имплементација на горенаведените остварувања.

Во делот на имплементација, најчесто во активностите предвидени на среден рок, се насочуваат компаниите да ги користат фондовите од националните програми, од ЕУ донатори дури и поврзување или партнерства со други инвеститори.