Со години во реката Треска, од страна на селото Крушопек, општина Сарај, се фрла секаков отпад, а најмногу градежен шут. Оваа депонија, пред самиот слив на Треска во Вардар ја загадува водата на двете реки, што значи дека се уништени сите услови за капење, риболов и рекреација. Порано, пред „нападот“ врз реката, ова, како и другите низводно по реката, беа места на кои доаѓаа капачи од целиот град и беше место за одмор и рекреација, пливање, сончање и за сите задоволства што може да ги пружи еден речен амбиент, со чиста вода. Жителите на општините Ѓорче Петров и Сарај, сега го избегнуваат овој дел од СРЦ „Сарај“ и со згрозување зборуваат за него. Нашиов портал, „Анторис“, многу пати постирал слики од депонијата, се јавувал на разни адреси на надлежните институции, барајќи одговор - зошто е тоа така и зошто никој не презема некакви мерки, но одговор нема. За овој текст, се информиравме од неофицијални извори.  

Тие велат дека општината реагирала во рамките на своите можности. Отпадот во Треска се фрлал ноќе. Преку ден, инспекциските органи на општината, секој ден, наводно, патролирале на тој терен и утврдиле дека потеклото на отпадот не бил само од селото Куршопек, туку и од тие што градат и реновираат во Ѓорче Петров, Тафталиџе, и од други населби. Нашите извори проценуваат дека 90 проценти од отпадот не е од селото. Тие што фрлаат  ноќе доаѓале во селото и го истоварале отпадот и затоа не можеле да се фатат.   

На прашањето - зошто ноќе не се постават дежурства, своевидни стражи? Одговорот е дека увидот е во надлежност на комунланата инспекција на општината и најчесто, на терен излегуваат комуналните инспектори. Минатата година, два месеца секоја ноќ до полноќ имало општински патроли заедно со инспекторите од град Скопје, но никој не е фатен. Тие што фрлаат, најверојатно доаѓале  во 3– 4 часот наутро. Познавачите велат дека се’ додека не се стават камери проблемот не може да се реши. Сепак, има изречено 3-4 казни кои биле веднаш платени.

Многумина вината ја префрлаат на организацијата на државата во овој дел. Најмногу се работи за цврст отпад. Ако ги слушнеме оправдувањата на граѓаните, ќе видиме дека тие немаат на располагање организирано одложување на црвстиот отпад. Тие што градат, плаќаат превозник за да го исфрли цврстиот отпад од пред нивната куќа и понатаму не знаат што се случува со тоа ѓубре, превозниците одат на таквите депонии и го фрлаат. Затоа граѓаните велат дека треба сето тоа да се организира. Одамана се зборува за регионални депонии (две – три општини да имаат една депонија), но се’ додека нема институционално решение, ова ќе ни се случува. Што се однесува до овој дел од Скопје, не е само споменатиот проблем од почетокот на текстов.  Кејот на Вардар кај Сарај, кај мостот! Се’ додека не се направи тој кеј со камења, додека не му се даде лик, тоа е слободно место и секој прави и фрла што сака. Освен овие, Јурумлери и Вардариште веројатно се јаголемите депонии во цела Македонија. 

Според тоа, за се’ што се случува виновна е државата, односно нејзините институции, кои, како што се гледа, немаат капацитет да ги спроведуваат законите, или немаат волја, велат нашите извори.

Со донесувањето на Законот за легализација на бесправно изградените објекти почна хаосот. Тоа значи - гради кај сакаш, уривај кај сакаш и фрлај кај сакаш. Затоа нам ова ни се случува последниве 15тина години. Со комуналниот отпад проблемот е решен, имаме јавни претпријатија што  го собираат. Проблемот е со градежниот отпад, со кршените тули, стиропорот, мрежите и случно.

Дали има субјективни причини?

Сигурно дека има и објактивни причини, но не може да нема и субјективни.

Во контакт со локалните жители на Крушопек, за „Анторис“ велат дека не сите жители се однесуваат неодговорно кон реката и кон природата, туку дека има луѓе од селото на кои никој ништо не им може и не смее ништо да им рече, а не да ги попречи во тоа што го прават. Тие велат дека чесните луѓе се срамат од таа глетка што се гледа во реката Треска, а свесни се дека и земјиштето од кое живеат се загадува, а со тоа и нивните земјоделски производи.

Каде е нашата самоиницијативност?

Поразителен е фактот што во нашиот ментален склоп постои навика само за фрлање, загадување, уништување, уривање на општите добра. Нашето, љубоморно го чуваме, а заедничкото воопшто не го цениме и не го сметаме за наше, туку за туѓо, за кое некој друг треба да мисли. Конкретно во ова село, Крушопек, во непосредна близина на познатиот спортско-рекреативен центар „Сарај“, проблемот со отпадот во реката е присутен можеби 20 години. Никогаш не се чуло ни видело некој да се зафати со чистење. Локалните жители веројатно не сакаат да им го чистат ѓубрето на своите соселани кои безобѕирно фрлаат се’ и сешто.

Тогаш кој треба да ни го исчисту ѓубрето?

Државата има слаби институции, што во превод значи дека никој од бирократите не се зафаќа со проблемите, а тоа значи дека џабе земаат плата. Законите не се прецизни, а тие што се прецизни, не се спроведуваат, тоа е општа болка што се однесува на сите закони. Значи, државата го толерира фрлањето на шутот и загадивање.  

Сакаме да влеземе во Европската унија! Со таа идеја и желба живееме и со надежта дека некој од  ЕУ, не се знае кој, ќе дојде и ќе ни го исчисти ова ѓубре. Од друга страна расте процнетот на евроскептицизмот. Во оваа смисла тоа значи дека не сакаме да бидеме европски жители, да се однесуваме како жителите на членките на европскиот сојуз, не сакаме да бидеме чисти, да ни биде чисто околу нас, сакаме да живееме по нашите недораснати навики, а да личиме на европјани, дотерани во тоа што го носиме само на себе, какви сме дома и како ни е на патот по кој одиме – воопшто не е важно.    

П.С. За овој проблем „Анторис“ се обрати до надлежните органи на Град Скопје кои се зачудија од тоа што слушнаа дека ваков пробелм постои во Сарај. Дури не прашаа дали  е ова сегашна ситуација (!?) и ни ветија дека ќе дојдат на самото место да ја видат состојбата. Поминаа неколку дена- ни глас, ни абер. Пред 10-тина дена градоначалничката Данела Арсовска „големото“ откритие на депонија во Ѓорче Петров го претвори во славен триунф над скривањето на демпониите, а сега кога ние и нудиме помош да го види тоа што се гледа од месечината, ја нема никаде!