Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун денеска преку соопштение изразува сериозна загриженост за вчерашните одлуки на Владата, кои беа соопштени од заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Стопанствениците бараат итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки и да ги земат предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност.

Да потсетиме: Владата донесе одлука за скалесто ограничување на бруто-профитните маржи на над 1.000 прехранбени производи и средства за хигиена и утврдување на највисоката цена за осум најосновни производи што важела на 1-ви февруари. Според тоа, се предвидува поевтинување и до 10 проценти. Одлуката ќе стапи на сила по објавувањето во Службен весник и ќе важи до крајот на април.

На пет отсто се ограничува бруто профитната маржа на основните осум прехранбени производи: млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.

На 10 отсто е ограничена маржата на месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини.

На 15 отсто е ограничена маржата на свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.

Според овие одлуки, како што наведуваат во соопштението од Комората, се предвидува ограничување на маржите на основните прехранбени производи, при што се очекува дека цените на овие производи ќе се намалат во просек за 10 отсто, освен за млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, за кои се предвидува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат.

– Сепак, забележуваме дека во својата изјава заменик-министерот сам се демантира. Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25 отсто, што е причината за ограничувањето на маржата на пет отсто, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е, цените да се намалат за 15-20 отсто, доколку се намали маржата на овој начин. Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања, се вели во соопштението.

Од Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун посочуваат дека иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3000-4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни.

– Целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат достави конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба. Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија. Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност, стои во соопштението.

Со вакви избрзани одлуки, како што наведуваат, се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти кои имаат клучна улога во развојот на економијата. Според нив, овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се испраќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста.

Тие додаваат и дека  во овие компании се вработени 4.700 граѓани и нивното функционирање е од суштинско значење за економската стабилност на државата.