Во вториот квартал од годинава рапиден скок на тргување на странски пазари. Имено во второто тримесечје од 2024 година на странските пазари е реализиран промет во износ од над 1, 58 милијарди денари ( односно над 25,7 милиони евра), што претставува рапиден раст од 89 проценти во однос на вториот квартал од минатата година. Тогаш прометот на странските пазари преку домашни овластени учесници изнесуваше над 837 милиони денари, покажува кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност.

Во извештајниот период, прометот реализиран на странските пазари преку домашните овластени правни лица во однос на вкупниот промет (остварен на домашен и на странски пазари) учествува со 45 проценти.

Во вториот квартал е речиси изедначено вложувањето во акции (50 отсто) со вложувањето во обврзници (48 отсто) на странските пазари. Состојба што е речиси идентична со истиот период од минатата година кога вложувањето во акции исто така изнесуваше 50 отсто.

Прометот на странските пазари е реализиран преку пет овластени учесници: Шпаркасе банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Инвестброкер АД Скопје, и Стопанска банка АД Скопје.

Стопанска банка доминантно ориентирана кон странските пазари

Стопанска банка АД Скопје во вториот квартал има реализирано најголем дел од прометот на странските пазари, односно околу 685 милиони денари што претставува 43,18 отсто од вкупно реализираниот промет на странските пазари. Втора по ред е Шпаркасе Банка, која реализирала промет во износ од над 512 милиони денари, со учество од 32,30 отсто. Потоа следува Комерцијална банка со   204.104.862 денари или 12, 87 отсто, па НЛБ Банка со 103.740.848 денари, односно 6,54 отсто и со најмало учество од 80.989.483 денари или 5,11 отсто од прометот учествува Инвестброкер.

 Доколку се анализира прометот на учесниците кои тргуваат на странските пазари, наспрема реализираниот промет на домашниот пазар, може да се заклучи дека дел од нив првенствено се насочени кон тргување на странските пазари.

Имено, Стопанска банка АД Скопје, во вториот квартал од годинава  доминантно била ориентирана на тргување на странските пазари со 43 отсто учество за разлика од првиот квартал кога била изложена со 28 отсто. Оваа банка 89,65 проценти од прометот го реализирала на странските пазари. Минатата година иако банката била насочена кон тргувањето на странските пазари, сепак процентуалното учество не било толку високо како во овој квартал, кога изнесувало 76,42 отсто. Кумулативно за шест месеци оваа банка 86 отсто од прометот го реализирала на странските пазари.

Според анализите објавени во Кварталниот извештај од Комисијата за хартии од вредност, може да се заклучи дека Шпаркасе Банка АД Скопје, во вториот квартал од оваа година традиционално првенствено е ориентирана на странските пазари. Кај оваа банка од вкупно реализираниот промет во второто тримесечје од годинава, 66,67 отсто отпаѓа на тргувањата на странските пазари. Уште подоминантно било тргувањето на странските пазари кај овој учесник во истиот квартал лани кога 95,33 отсто од тргувањето било реализирано на странските пазари.

Инвестброкер АД Скопје, иако во овој квартал доминантно тргувала на странските пазари со 51,12 отсто од вкупниот промет, брокерската куќа кумулативно во првите шест месеци од годинава првенствено со 61,65 отсто од прометот била насочена кон домашниот пазар.

Останатите овластени учесници кои тргуваат освен на домашниот и на странските пазари, првенствено се ориентирани кон домашниот пазар.

Па така Комерцијална Банка АД Скопје, во вториот квартал од годинава 63,75 отсто го има остварено на домашниот пазар за разлика од истиот период лани кога повоедначено било тргувањето на странските пазари 48,64 проценти во однос на тргувањето на домашниот пазар 51,36 отсто.

НЛБ Банка во овој квартал 70,45 проценти од прометот го реализирала на домашниот пазар. Овој тренд е речиси  идентичен со вториот квартал од минатата година кога 71,34 проценти од прометот бил реализиран на домашниот пазар.