Турција го отвора најдолгиот мост меѓу Европа и Азија. Турската јавност ги одбројува деновите до отварањето на мостот „Чанакале 1915“, бидејќи сега се завршени завршните работи и асфалтирањето.

Импозантниот мост, кој ги поврзува Европа и Азија преку Дарданелите, треба да биде пуштен за сообраќај на 26 февруари, пред официјалната церемонија на отворање на 18 март, на 107-годишнината од битката на турскиот полуостров Галиполи во Првата светска војна.
Мостот ќе го скрати времето на патување меѓу Азија и Европа на само шест минути, пишува Дејли Сабах, додавајќи дека возењето со ферибот помеѓу европската и анадолската (азиска) страна на Дарданелите трае околу 30 минути, а фериботот понекогаш се откажува поради невреме. Затоа за време на празниците луѓето со часови чекаат ред за качување, пренесува Танјуг.
Мостот „Чанакале 1915“ ќе биде најдолгиот висечки мост во светот, со вкупна должина од 4.608 метри, со распон меѓу носечките столбови од 2.023 метри, должина што ја симболизира 2023 година, одбележувајќи ја 100-годишнината од основањето на Република Турција, чии темели ги постави „таткото на нацијата“ Кемал Ататурк.
Пилоните, во форма на артилериски гранати во чест на битката кај Галиполи, се високи 318 метри и обоени црвено-бело, во боите на турското знаме.
Изградбата на мостот започна во март 2018 година, а проектот чинеше вкупно 3,1 милијарди евра, 100 милиони евра повеќе од планираното, поради влијанието на пандемијата и зголемените цени на материјалите.
Се проценува дека завршувањето на овој проект ќе го намали сообраќајот на фериботите, особено за време на летните месеци и државните празници, и ќе стане алтернативна рута за превоз од Истанбул и Тракија до регионот Мармара и Егејското Море.
Покрај намалувањето на времето на патување, проектот ќе обезбеди интеграција на пристаништата во регионите на Мармара и Егејското Море во сите транспортни системи.
Овој мегапроект, кој го спроведува конзорциум од јужнокорејски и турски компании, ќе биде четврти мост во Турција и петта сообраќајница што ги поврзува Азија и Европа, по мостот на мачениците „15 јули“, мостот Фатих Султан Мехмет, мостот Јавуз Султан Селим, потоа Железничкиот тунел Мармарај и Евроазискиот тунел, наведува Дејли Сабах.