Повеќе од 30 насто, односно секој трет ученик или средношколец не се чувствува
безбеден во училиштето. Ова го покажуваат последните истражувања на
состојбата со врсничкото насилство меѓу младите на невладината организација
„Коалиција СЕГА“ од Прилеп, која започна 10-годишен проект за врсничкото
насилство и што да се преземе за овој проблем кој ескалира. Проектот опфаќа 50
училишта во земјава, по 25 основни и средни.

Според Зоран Илиески од невладина „Коалиција СЕГА“, го има и психичкото и
физичкото насилство.

„Повеќе од 30 проценти од учениците не се чувствуваат безбедно во училиштата.
Многу сериозно е тоа што 61 процент од учениците  се жртва на психичко
насилство. Податоците покажуваат дека речиси секое психичко насилство потоа
преминало во физичко. Според нашето истражување, околу 10 насто од
учениците, барем еднаш во изминатиот месец, примениле сила во училиштето, а
13 проценти од учениците изминатиот месец веќе биле жртва на насилство. Тоа ја
покажува фактичката состојба дека учениците се подложни на насилство во
училиштето, од една страна врсничко, што е најголем процент, но постои и
насилство на наставниците – професорите врз учениците“, вели Илиески.

Во истражувањето, едно од решенијата на кое учениците укажуваат е дека
веруваат само во ученичката организација која што може да дејствува во
превенција на насилството.

„Тоа беше насока за нас за да ги креираме активностите во училиштата, да
работиме со  ученичките организации и преку нив ќе дејствуваме за превенција на
насилството во училиштето. Во моментов ги поддржуваме ученичките организации
да развијат начин во собирање информации од нивните соученици за како да ги
превенираат состојбите и ги поддржуваме во активностите што ќе ги преземат“,
објаснува Илиески.

Кога станува збор за институциите, неопходно е да се вклучат сите оние кои се
дел од решението за насилството: првично Министерството за образование,
училиштето и сите служби, па психолозите, здравствените институции.

За системски пристап во решавањето на состојбите со булингот, или врсничкото
насислтво се согласува и психологот Ана Алексоска кај која доаѓаат млади на
советување токму за овој проблем.

Потребата од советување се зголемува и за 20 до 30 проценти е зголемен бројот
на психолошките советувања. Алексоска го оформува профилот на насилникот и
корените ги бара во семејството.

„Многу се причините за врсничкото насилство, но најчесто тргнуваме од
семејството како основна клетка на општеството.  Тие што прават булинг, најчесто
се емоционално запоставени од родителите, доживеале некакво насилство или
гледале насилство. Потоа и тие вршат насилство за да се стекнат со поголем
социјален статус, моќ, да се истакнат во групите, бидејќи немаат доволно
социјални вештини како тоа да го направат на здрав начин“, вели Алексоска.
Според Алексоска „пикот“ на булингот е на возраст од 11 до 13 години. На
советување доаѓаат поради повеќе видови булинг: преку социјалните мрежи,
поради психичко насилството, поради константно, секојдневно малтретирање.

Полицијата со критични точки за булинг

Од МВР на дневно ниво преземаат активности согласно Законот за полиција кои
се однесуваат на заштитата на животот, сигурноста и имотот на граѓаните,
спречување на кривични дела и прекршоци, одржување на јавниот ред и мир.
Конкретно во Скопје, како главен град, детектирани се неколку критични места
каде се вршат кривични дела и прекршоци во однос на врсничко насилство – и тоа
во близина на средни училишта, ГТЦ, потоа Трговски центар „Бисер“, Градскиот
парк, плоштадите, парковите, автобуските постојки“.

Кампања против булингот

Под насловот „Стоп за врсничкото насилство“, нафтениот гигант
„Макпетрол“ веќе подолго време спроведува општествено одговорна
кампања токму на оваа тема.

„Ако сите веруваме дека децата и младите се нашата иднина, тогаш бездруго, како
тие растат и се развиваат веројатно ќе биде пресудно и како самите во иднина ќе
се однесуваат. Врсничкото насилство е алармантен проблем за којшто ние во
„Макпетрол“ сметаме дека премногу долго се игнорира. Повеќето од нас или
молчат, или вртат поглед или не слушаат. За штетите од ваквото однесување
дознаваме кога е премногу доцна. Со цел ова да го промениме, за сите заедно – и
родителите, и професорите, и децата – да научиме да реагираме навреме,
одлучивме да ја отпочнеме оваа кампања“, се вели во образложението за
кампањата од ваков вид.

На страницата kreniglas,mk се нудат прирачници за справување со булингот,
анонимно раскажани приказни од деца, квизови за тоа како да се препознае
врсничкото насилство, како и настани организирани за родителите.