Ректорот Дејан Мираковски рече дека на овој начин сакаат да им помогнат на идните нивни студенти и да се подобрат резултатите на државна матура кај средношколците, но и зголемување на интересот за техничките факултети.
Тој посочи дека Универзитетот ја почнува Програмата „Иницијатива за идни научници“, со која на матурантите до мај ќе им помогне да ја совладат материјата и да добијат знаења кои ќе им бидат потребни за нивното понатамошно академско доусовршување. Наставата ќе се одвива на Универзитетот и ќе ја држат универзитетски и професори од средните училишта.
-Идејата е преку предметите како што се математика, биологија, физика и хемија да им овозможуваме поддршка на студентите. Интерес има па ќе се обидеме да направиме услови и идните средношколци да имаат поддршка уште пред запишување на универизитетот, изјави Мираковски.
Доколку има поголем број заинтересирани ученици, ќе се зголеми и бројот на групи за настава. Тој истакна дека високите оценки на државната матура за студентите значи поголема можност за запишување на програмите за кои се одлучиле. Првичната идеја била да се опфатат природните науки, но во пракса се покажало дека интерес има и за македонски и англиски јазик, па, како што вели Мираковски, се прават напори за да се опфатат и тие предмети.

-Треба да покажат само интерес, има две професорки од Факултетот по информатика за контакт. Во зависност од бројот на заинтересирани ученици, ќе се организираат соодветен број на групи за настава, изјави Мираковски.
За да се обезбеди поголема контрола во тестирањето и да нема препишувања, полагањата на државната матура минатата година беа организирани во холовите и спортските сали во училиштата. Штипските матуранти годинава државна матура ќе се полагаат во амфитеатрите и предавалните на Универзитетот „Гоце Делчев“
Освен знаење, и просторни можности за учениците
Директори на средни училишта од Штип, Скопје и Битола од Државниот испитен центар имаат побарано соодветен простор за организирање на државната матура за средношколците во мај и јуни. Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска Михајловска оствари средба со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, Дејан Мираковски со цел да им се излезе во пресрет на штипските средни училишта за организирање на полагањето на државната матура во предавалните и амфитеатрите на Факултети на УГД-Штип, бидејќи училиштата немаат доволно простор согласно утврдените прописи за полагање на државната матура.
- Средните училишта од Општина Штип се изјаснија дека им е потребна поддршка во делот на организирање на просторот, бидејќи согласно правилата за организирање на матурата, просторот треба да биде раздалеченост меѓу учениците од метар и половина, за да можат да работат непречено и да имаме подобра прегледност во полагањето на испитите од екстерниот дел од државната матура. Токму затоа денес сме тука на барање на директорите, се обративме до ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ да ни овозможи и да ни даде поддршка за организирање на екстерните испити, вели Јовчевска Михајловска.
-Верувам дека учениците ќе имаат содветни услови за полагање на матурата, ќе имаат конфор, простор каде што ќе можат непречено да ги реализираат сите активности, како Универзитет веќе имаме и одредени активности, со коишто им помагаме на идните студенти. Се надевам дека ќе бидат што е подобри во реализација на матурските испити и да постигнат што подобар успех, вели Мираковски.
Директорката на Државниот испитен центар, Јовчевска Михајловска истакна дека директорите на средните училишта и од другите градови во земјaва можат да побарат помош од нив за обезбедување на просторни можности за полагање на државната матура. Според податоците на ДИТ во средните училишта во земајва оваа година има околу 15.000 матуранти.