Угостителите бараат регулатива за работење со криптовалути

Угостителите бараат регулатива за работење со криптовалути. За таа цел Независната угостителска комора покрена иницијатива за издавање на глобално крипто-виртуелно средство наменето за користење на угостителски услуги и инвестирање и финансирање во македонски и регионални угостители.

„Следејќи ги светските и глобални трендови кои земаат се поголема популарност и во регионот за тргување и инвестирање во крипто средства, Независната угостителска комора започна иницијатива за креирање на иницијална понуда за издавање на глобален алтернативен крипто коин - крипто средство (анг. ICO1) базирано на паметен договор темелен на независна блокчејн платформа наменети за користење исклучиво во угостителската индустрија. На тој начин се обезбедува алтернативен извор и можност за прибирање на средства за инвестирање и финансирање на македонски и регионални угостители и угостителски објекти, соопштија од НУК.

Оваа иницијатива на угостителите уследи по минатомесечното барање до сите релевантни државни финансиски институции надлежни за регулирање на оваа материја со кое децидно побараа регулатива за законска трговија и издавање на крипто-валути. Односно побараа можности за законски да регистрираат македонска крипто менувачница, да издадат македонски крипто средства – коини односно крипто средства – токени за угостителската индустрија и законски да постават крипто АТМ апарати кај реномирани угостителски објекти низ повеќе градови.

Тие веруват дека: „воведувањето на законска можност за трговија и инвестиција во македонски криптовалути за угостителската индустрија во услови кога угостителите трпат енормни штети и загуби поради пандемијата ќе допринесе за вложувања на свеж надворешен капитал. Можност за директна помош во нивната ревитализација и анимирање на туризмот и угостителството; Привлекување на потенцијални странски гости-туристи, кои ќе можат на лесен и брз начин да инвестираат и плаќаат со криптовалути кај македонските угостители со што ќе може да се зголемат и забрзаат приходите од туризмот, “ појаснуваат од НУК.

Според нив: „ Случувањата со рударењето на крипто средства во минатите недели, за кои пренесуваа медиумите, само ги потврдија информациите достапни на официјалната страна на Народна банка дека кај нас, како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење, којшто го регулира и работењето со странство. Ова значи дека работењето со крипто-средствата не е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано,“ стои во соопштението од НУК.

За сите овие иновативни промени, причини, идеи и активности што ги натера угостителите да  бараат начини да ја прекинат агонијата на преживување (од пандемијата) и да бараат алтернативни начини за финансирање, инвестирање и помош и поддршка на угостителската индустрија, подетално објаснува Здравко Јосифовски, првиот човек на Независна  угостителска комора во интервју што Анторис магазин ќе го објави во наредните денови.

М.Б