Угостителите преку „токенизација“ на услугите до алтернативни начини за финансирање. Практично тие планираат да се одржуваат во кондиција преку Иницијална објава за издавање на крипто средство (ICO – Initial coin offering) во форма на кориснички токени (utility tokens). Мотив со што фелата од оваа бранша има можност не само за враќање на довербата во нивниот сектор, туку и за дополнителна промоција и можност за финансиска поддршка и инвестиции во угостителската индустрија. Тоа во најмала рака би значело опстанок, одржување и подигање на квалитетот на угостителските услуги.
Угостителите преку „токенизација“ на услугите до алтернативни начини за финансирање.
-Сведоци сме како со новиот милениум не само светот, туку и стандардните и познати навики полека се менуваат. Дополнителниот притисок и ограничувања во начинот на живеење како резултат на пандемијата со Ковид-19 придонесе угостителската индустрија после повеќе стотини години раст и развој да трпи милениумска катастрофа, со која се создава ненадоместлива штета на угостителите. Факти, поради кои наредните години цел овој туристичко угостителски сектор ќе треба да ги помине во рехабилитација и враќање на довербата меѓу угостителските објекти како даватели на услуги, гостите - корисници на овие услуги и тур-операторите и туристичките агенции како посредници.
Факт е и дека и самите влади се финансиски исцедени и генерално во овие услови на пандемија веќе ниту имаат финансиски можности, ниту намера да издвојуваат финансиски средства да ги надоместат штетите и загубите што ги трпи туристичко угостителскиот сектор поради донесените мерки и ограничувања на работењето. Од друга страна банките, фондовите и разни инвеститори се помалку имаат желба да одобруваат и да ја поддржат угостителската индустрија со разни кредитни линии во услови на неизвесноста од прогнозите за времетраењето на пандемијата со Ковид-19.“ -Ова се констатациите, вели Здравко Јосифовски, претседател на Независна угостителска комора, кои беа иницијалната каписла дека треба да се впуштиме во порадикални активности за да можеме достоинствено да опстоиме.
Јосифовски во интервју за Анторис магазин подробно објаснува за предизвиците, иновативните промени, причини, идеи и активности што ги натера угостителите да бараат начини да ја прекинат агонијата на преживување (од пандемијата) и да бараат алтернативни начини за финансирање, инвестирање и поддршка на угостителската индустрија.
Нов виртуелен свет –дигитални валути
*НУК минатиот месец поднесе необично барање до надлежните институции од финансиско законодавна сфера за разгледување на можностите за законска трговија и издавање на криптовалути во согласност со постојната законска регулатива. За што конкретно станува збор? Која е идејата на НУК?
-Барајќи начини и можности како за угостителите и угостителската индустрија да обезбедиме приходи и финансиска поддршка започнавме да ги истражуваме новите алтернативни начини на пристап за извори на финансирање. Голем дел од нив станаа глобално популарни во новиот милениум преку создавање и издавање на крипто средства проследени со т.н. паметни договори.
Изминатите 10-тина години паралелно се роди и развива еден нов виртуелен свет, не само свет на дигитални информатички технологии туку и свет на нови дигитални валути т.н. крипто валути и средства базирани на блокчејн технологии. Тие полека но сигурно ги менуваат логиките, начините и правилата на инвестирање, трошење и живеење.
Анализирајќи ја новата улога на паметни договори и нивната поврзаност со крипто средствата започнавме да ја истражуваме можноста за нивна примена во угостителската индустрија и бенефитите кои би можеле да произлезат за гостите и угостителите со нивната имплементација.
И покрај недостатокот на посебна законска регулатива не само локално, туку и глобално, утврдивме дека и со примена на постојните закони можеме да иницираме креирање на Иницијална понуда за издавање на глобални алтернативни крипто коин. Односно крипто средства базирани на паметни договори темелени на независна блокчејн платформа. Тие се наменети за користење исклучиво во угостителската индустрија со кои би можеле да обезбедиме алтернативни извори и начини за прибирање на средства за користење - плаќање на угостителски услуги, како и инвестирање и финансирање на угостители и угостителски објекти.
Дигитално конвертирање на одредени права
*За каков концепт – модел на крипто средства се залагате?
-Долгорочно и стратешки гледано логично е угостителската индустрија да има своја т.н. крипто валута (анг. cryptocurrency) изразена преку крипто коин на сопствена блокчејн технологија.
Она што во моментов е пореално и изводливо е издавање на кориснички токен (анг. utility token) со кој би можело да се изврши т.н. токенизација на одредени угостителски услуги кај угостителите, односно во угостителската индустрија.

Со токенизација всушност идејата е да извршиме дигитално конвертирање на одредени права врз средство или услуга во дигитален облик на одредена блокчејн технологија. Тоа во нашиот случај, претставува право на сопственост на идно користење на одредена угостителска услуги. На пример: ноќевање во хотел претставено како дигитален запис изразен во кориснички токен со соодветен паметен договор.
Со други зборови, со поседување на крипто средството - кориснички токен всушност се располага со еден вид на доказ во дигитален формат дека сопственикот на тоа крипто средство поседува право од непроменлива природа на соодветна блокчејн технологија за користење на одредена услуга. Во случајов, угостителска услуга која би можел да ја искористи во кое било време по цена загарантирана кога го стекнал правото на сопственост на крипто средството, корисничкиот токен.
*Кои се угостителски објекти и партнери можат да се приклучат кон иницијативата на Комората и на колкави износи можат да сметаат како поддршка на иницијативата?
Пред сѐ приходите остварени од продажба на крипто средството - корисничкиот токен се наменети за постојните и новите членки на комората кои припаѓаат во една од наведените групи на угостителски објекти или угостителски партнери:

Сите видови категоризирани хотели, мотели, кампови и останати спортско рекреативни сместувачки комплекси
Ресторани, кафетерии, барови, ноќни клубови,
Сместувачки капацитети од мал обем – вили, куќи, апартмани и слично за сезонско или целогодишно издавање,
Тур-оператори, туристички агенции, и рентакар агенции,
Национални паркови, разни музеи, туристички дестинации и локалитети.
Во зависност од големината на угостителите, односно угостителските објекти и обемот на приходи што го остварувале пред и за време на пандемијата можат да користат финансиски средства во висина од 10 до 30 проценти од остварениот просечен годишен приход. Додека новоформираните ќе користат во зависност од процената на капацитет на угостителскиот објект. Финансиските средства се строго наменски и можат да ги искористат еднократно или како загарантирани месечни авансни приходи неопходни за одржување на функционалност на угостителскиот објект.
Средствата можат да бидат и наменски користени за инвестиции во опрема или реновирање на објектот при што истите не влијаат на билансите на состојбата на задолженост кај угостителите, туку напротив истите обезбедуваат загарантирани приходи од понудата на идните услуги.
И она што е најбитно сите постојни и нови членки и основачи на НУК се стекнуваат со правото да бидат веднаш корисници на овие финансиски средства. А, тие можат да изнесуваат од неколку илјади евра, па до неколку десетина или стотина илјади евра. Но, со единствена можност сите добиени средства да имаат обврска да ги враќаат и исплаќаат со реализација и испорака на сопствени угостителски услуги од нови гости инвеститори и корисници на крипто средствата.
Од иницијатива до реализација
*Што значи формирањето на Македонска крипто менувачница и македонски крипто средства?
-Со постојната законска регулатива не се предвидени официјални услови за формирање и регистрација на Македонска крипто менувачница. Но, практично со неа би можело да се олесни и официјализира инвестицијата, продажбата и трговијата со крипто средства. Односно би се овозможило законски на сите заинтересирани физички лица и друштва да можат да се стекнат, односно да вложуваат, купуваат и тргуваат со крипто средства.
Скоро во сите земји на Балканот веќе постојат официјалани крипто менувачници каде може да се врши замена на крипто средствата или нивно купување и продавање.
Нема официјални достапни информации и податоци колку лица има во Македонија и во регионот кои инвестирале во крипто светот, односно се стекнале со некои крипто средства. Но, бројот на лицата од регионот сигурно ја надминува бројката од неколку стотина илјади граѓани и веројатно веќе ја има надминато и бројката од еден милион.
Со оглед дека можноста за издавање на крипто средства е присутна повеќе години во Словенија, истата води и по бројот на издадени крипто средства и по основ на кои се прибрани повеќе стотина милиони евра изминатиот период.
*Колку тоа ќе биде во интерес на работењето на угостителската индустрија, односно колку ќе може да помогне во процесот на стопанисување, имајќи ги предвид и последиците од пандемијата?
-Доколку иницијативата ја преточиме во реализација верувам дека интересот не само што ќе се дупицира туку повеќе од половината угостители и угостителски објекти ќе се обратат во комората со надеж дека ќе можат да се приклучат со своите услуги. Секако со цел да обезбедат дополнителни инвестиции и финансиска помош со кои ќе можат да ги надминат проблемите со кои се соочуваат заради пандемијата со Ковид 19.
Факт е дека на овој начин со обезбедени финансиски средства како приходи по основ на идни услуги, угостителската индустрија би претрпела помали штети и загуби како резултат на последиците од пандемијата. Угостителите ќе ги сервисираат своите обврски со што ќе ги одржат во кондиција своите угостителски објекти подготвени да ги сервисираат гостите во наредните периоди.
Лидерство во имплементација на модерните технологии во угостителството
*Што конкретно би значело издавањето на токени за угостителите и следењето на пазарот на криптовалутите?
Со издавањето на крипто средство - кориснички токен односно т.н. токенизација на одредени угостителски услуги се обезбедуваат алтернативни начини за финансирање, инвестирање и помош и поддршка на угостителската индустрија не само на локално, туку и на регионално и глобално ниво.
Со токенизација всушност идејата е да извршиме дигитално конвертирање на одредени права врз средство или услуга во дигитален облик на одредена блокчејн технологија кое во нашиот случај, претставува право на сопственост на идно користење на одредена угостителска услуги
Издавање не едно глобално крипто средство базирано на паметни договори како една нова модерна можност за прибирање на финансиски средства и промоција на македонскиот и балканскиот туристичко-угостителски сектор може да не доведе до лидерство во имплементација на модерните технологии во угостителскиот сектор. На овој начин со промоција на т.н. македонска и балканска крипто дестинација: индивидуалци од целиот свет кои сакаат да ги планираат и да инвестираат во своите годишни патувања и одмори (летувања и зимувања во Македонија и Балканот); стопанственици што континуирано патуваат; разни тур-оператори и туристички агенции кои имаат потреба да закупат и резервираат повеќе различни угостителски капацитети; популарните номади и разни инвестициски фондови и инвеститори ќе можат да инвестираат. Односно, ќе можат да купат крипто средството по загарантирани повластени цени, важечки на денот на купување со што ќе се стекнат со правото да ги користат услугите на угостителите кога било или да тргуваат со крипто средствата по актуелни цени во кој било момент од наредниот период.
Специјализираната платформа за резервации и реализации
За реализација и евиденција каде можат да ги користат или тргуваат со крипто средства со кои располагаат, сопствениците и инвеститорите целосен увид во понудата на угостителските услуги кои ќе можат да ги користат од листата на членки - угостителски објекти ќе имаат преку специјализираната платформа за резервации и реализации, која веќе е во развој.
*Какво е искуството од соседството на ова поле?
-Во повеќето балкански држави може официјално без никакви проблеми да се издаваат крипто средства и да се инвестира и тргува со истите преку официјални менувачници. Не треба да не чуди дека Хрватскa пошта е толку длабоко навлезена во крипто светот што не само што може да се купуваат и разменуваат крипто средства на шалтерите од поштата, туку поштата издаде и трета серија од својата т.н. NTF крипто марка.
* Какво е расположението кај надлежните институции за воведувањето на законска можност за трговија и вложување во македонски крипто валути за угостителската индустрија?
-И покрај недостатокот од конкретни одговори на надлежните институции очекуваме крајно поддршка на предложената иницијатива за можности на разни имплементации за издавање и работење со крипто средство со угостителите и во угостителската индустрија.
Не смееме да дозволиме на ниеден начин да ја игнорираме оваа можност и опција преку која угостителите можат да се стекнат со дополнителни и авансни финансиски приходи по основ на инвестиција, продажба и промоција на своите угостителски услуги и да ја искористат за унапредување на модерна промоција на туристичко угостителската дестинација.
Македонка Балдазарска