Универзитетот во Белград е позициониран во првите 1,8 проценти од универзитетите од вкупно 20.966 рангирани универзитети во светот, според најновата листа на Глобал 2000 на Центарот за рангирање на светски универзитети (Center for World University Rankings), која официјално беше објавена во понеделник, 13 мај.

 „Нашиот универзитет се наоѓа на високото 376 место од вкупно 20.966 рангирани светски универзитети,“ соопштија од Универзитетот во Белград.

Овој Центар го спроведува најсеопфатното академско рангирање на универзитетите во светот, користејќи индикатори групирани во четири области: образование, вработливост, академски достигнувања на наставниот кадар и број и квалитет на објавени научни трудови во високо цитирани и влијателни списанија, пренесува Танјуг.

Она што е дополнително уникатно за оваа листа е што подеднакво значење им се дава на индикаторите кои се однесуваат и на наставниот кадар и на самите студенти.

Како што е наведено, оваа година, Универзитетот во Белград беше рангиран според следните индикатори:

-место на светската ранг листа - 376 од вкупно 20.966 универзитети, 

-процент топ 1,8 отсто во светот,

-рангирање во регионот (Европа) - 153,

-рангирање во земјата – 1.,

-рангирање на образованието - 498,

-рангирање на истражување - 343

-и вкупна оценка - 75,8

По повод овој несекојдневен глобален успех, честитки до ректорот проф. д-р Владан Ѓокиќ, професори, истражувачи и студенти на Универзитетот во Белград им се обрати претседателот на Центарот за светско рангирање на универзитетите, Насим Махасен.

Инаку, Србија покрај Белградскиот универзитет, кој се најде на 376. место, што е пад од 14 позиции во споредба со лани има уште три  високообразовни институции меѓу најдобрите светски универзитети. На листата на најдобри универзитети се и универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

 „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е рангиран на 1.990. место

Според оваа листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2024 година, што ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR)  државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е рангиран на 1.990. место.
УКИМ е на истата позиција од минатогодишното рангирање и е единствениот македонски универзитет кој се наоѓа на ова рангирање.

Според листата, петте најдобро рангирани универзитети во светот се Харвард, МИТ и Стенфорд од Соединетите Американски Држави, Кембриџ и Оксфорд од Велика Британија.