-НЛБ Банка успешно ја заврши 2024 година, покажува анализата на финансиските резултати на Банката за  работењето во текот на минатата година. Работејќи согласно својата Деловна политика за 2024 година, во услови на бројни предизвици, НЛБ Банка обезбеди финансиска поддршка на населението и бизнис секторот, давајќи придонес во локалната економија. Истовремено, преку бојни општествено одговорни проекти, Банката во континуитет вложуваше во заедницата и покажа силна посветеност кон одржливо работење, стои во соопштението од НЛБ банка.  

Деловната стратегија вроди позитивни резултати

За анализираниот целогодишен период НЛБ Банка информира дека е остварена  нето добивка во износ од 3.294.993 илјади денари, што претставува зголемување за 2,4 отсто во однос на остварената нето добивка во претходната година. Ваквиот резултат како што информираат од банката се должи на успешно спроведената деловна стратегија во сите сегменти од работењето на Банката.

Вкупните кредити кај небанкарскиот сектор на крајт на 2024 година изнесуваат 84.148.602 илјади денари и бележат зголемување од 13,6 проценти во однос на крајот од 2023 година. Зголемувањето произлегува од постигнатиот значаен раст на кредитната активност од 9,7 отсто во сите сегменти од кредитирањето на населението. Паралелно е зголемено кредитирањето и на компаниите каде е остварен раст од високи 18,8 проценти.

На крајот на 2024 година, вкупните депозити на Банката изнесуваат 107.284.147 илјади денари, што претставува зголемување за 15,5 проценти споредено со крајот на 2023 година.   

 Општествената одговорност одбележана со низа признанија

Во текот на годината, благодарение на своите континуирани активности на полето на општествената одговорност, НЛБ Банка е добитник на низа признанија и награди, меѓу кои: плакета за особен придонес и поддршка на Специјална олимпијада на Северна Македонија; признание за добри ESG практики од Македонска берза и Американска стопанска комора – AmCham; признание „Лидери на донирањето“ од организацијата „Конект“ и USAID Северна Македонија; признание за „Најдобри практики во корпоративна филантропија“ oд Американска стопанска комора AmCham, USAID Северна Македонија и организацијата „Конект“; две значајни признанија од организацијата на Црвениот крст –„Оскар на хуманоста“ од Црвениот крст на Град Скопје и признание „Златен поддржувач“ на активностите на Црвениот крст на Република Северна Македонија, како и признание од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за придонес во успехот на „Green Economy Financing Facility“.    

Во фокус зелени проекти

Клиентите и нивното задоволство остануваат во фокусот на работењето на НЛБ Банка. Банката ќе продолжи со кредитирање на населението и стопанството со акцент на зелените проекти, но и со дигиталната трансформација, унапредување на дигиталните канали со фокус на мобилното банкарство и имплементација на иновативни и дигитални финансиски решенија за унапредено корисничко искуство. Исто така ќе продолжи со проширување на своето портфолио со нови банкарски и небанкарски продукти.

Воедно, НЛБ Банка и натаму останува силно посветена на своите заложби за одржлив раст, одговорно банкарство и сеопфатна грижа за своите вработени и заедницата во целост.