Јавната берзанска аукција има успешна завршница. Продаден е големиот пакет од 10.646 акции на Винарската визба „Тиквеш“. Со овој пакет купувачот обезбедува 3,94 проценти од основната главнина на Друштвото.

 

Аукцијата по моделот сѐ или ништо е реализирана по почетната цена од 10.596 денари за акција. Според дневната берзанска листа, вредноста на пакетот е 112.805.020 денари. Тоа, пак, е противвредност на 1,83 милиони евра.

Кој ги купил акциите ќе се знае во понеделник, кога промената ќе биде внесена во Централниот регистар. Според неофицијални информации се работи за главните сопственици, односно таткото и синот Јаневски, Светозар и Јане, кои се и управители на М-6, најголемиот акционер во „Тиквеш“ со 80,08 проценти според состојбата од 31 декември 2024 година. Меѓутоа, не се знае дали тоа го направиле преку М-6 или преку некоја друга фирма.

Во улогата на продавач, пак, било Сава пензиско друштво АД Скопје во име и за сметка на ОЗПФ Сава пензиски фонд и ОДПФ Сава пензија плус. Тие се во редот на малите акционери, кои заедно поседуваат 53.861 акција, односно 19,92 проценти (31.12. 2024). Инаку, акционерскиот капитал на „Тиквеш“ се состои од 270.450 обични акции со номинална вредност од 51,13 евра.

Во пресрет на аукцијата, односно ден претходно биле истргувани два блока акции на компанијата.  Во блок-трансакција се продадени 6.500 акции од винарската визба во вредност од  47,4 милиони денари (771.000 евра). Пакетот претставува 2,40 проценти од основната главина на друштвото. Акциите се продадоа по цена од 7.300 денари за акција. Во втората блок-трансакција вредна 5,1 милиони денари (82.000 евра) се продадоа уште 510 акции коишто претставуваат 0,19 проценти од основната главнина на друштвото. Акциите се продадоа по цена од 10.000 денари по акција.

Кавадаречката винарија, чии производи се продаваат и на домашниот и на странски пазари, минатата година приходувала 60,6 милиони евра, а имала профит од 4,5 милиони евра. Во првата половина од годинава приходите се 27,3 милиони евра, а добивката 2,2 милиони евра.