Македонска берза утре, на 13.септември оваа година, по четврти пат го организира настанот „Инвеститорски ден“. Оваа иницијатива е прифатена и во неа активно учествуваат Централниот депозитар за хартии од вредност, сите десет членки на Берзата и ЦДХВ, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.
Настанот се организира со цел да се промовираат и уште поактивно да се вклучат домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност, а исто така и анимирање на населението за вложување во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонска берза. Практично со ваквата иницијатива се влијае на запознавањето и зголемувањето на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава.
Инвеститорскиот ден ќе се одржи на 13 септември (среда) 2023 година.
Одржувањето на Инвеститорскиот ден значи дека на тој ден на тргување на Берзата сите домашни физички лица можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници. Поконкретно, на Инвеститорскиот ден сите домашни физички лица ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива, при што ќе треба да бидат исполнети следните услови:
- Инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од подолу наведените членки на Берзата;
- Износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен;
- Трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.
Сите десет членки на Берзата го поддржуваат Инвеститорскиот ден: Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка а.д.Скопје, ТТК Банка, Шпаркасе банка и брокерските куќи: Еурохаус, Илирика, Инвестброкер, Иново брокер и Фершпед брокер.