В петок се отвора Скопје Ист Гејт. На 29 октомври, в петок, ќе биде отворен најголемиот трговски центар, мол, на територијата на Македонија, Скопје Ист Гејт. Се работи за огромен простор со богата понуда на стока, вели за Анотрис, извршниот директор Игор Давков.

- Неколку дена пред отворањето се чини дека градежните работи се уште не се завршени?
-Градежните рабоит се завршени. Закупците на локалите ги завршуваат своите финални работи. На закупците им е кажано дека новиот трговски центар ќе се отвори на 29 октомври и дека треба да се вклопат во овој термин, за „трговскиот“ да биде што порепрезентативен на денот на отворањето.
- Кој е инвеститор?
-Инвеститор на проектот е компанијата Скопје Ист Гејт која е дел од Групацијата Балфин.
- За колкава инвестиција се работи?
-Се работи за инвестиција од 103 милиони евра реализирана во последните 26 месеци.
- Дали инвеститорот има калкулација за поверат на инвестицијата?
-Секако дека има, пред да се отпочне со проектот имаше студии за исплативост на проектот од две независни консултантски компании. Дополнително проектот беше предмет на детална длабинска анализа од страна на кредиторите кои овој проект го финансираа со 72 милиони евра.
- Колку време се градеше?
-Објектот има бруто развиена површина од 160.000 м2 и е најголемиот комерцијален објект во Македноија. Трговскиот центар се градеше 26 месеци.
- Кој го градеше, дали има македонски фирми?
-Во изградбата на трговскиот центар учествуваа 20-тина компании. Деведесет и осум проценти од градежни работи се извршени од македонски компании, единствено еден дел од мебелот и неговата монтажа е од увоз.

- Економското значење за градот, па и за државата?
-Се работи за трговски центар кој по својата големина е регионален ТЦ, не е само локален. Уште во првичанта идеја е замислен да биде регионален. Нето површината за изнајмување е 58 000 метри квадратни. Во регионот има два поголеми трговски центри од овој, тоа се белградската „Галерија“ и софискиот „Перадајз“. Значи овој ТЦ е трет по големина во овој регион (Србија, Бугарија, Македонија и Албанија). Но, разновидноста на закупците дава поинаков квалитет. Таа разновидност очекуваме да придонесе за привлекување посетители не само од Скопје, туку и од целиот регион.
- Купувачите, можеби најмногу се интересираат дали ќе има нов вид понуда, зашто стоката што се нуди во сегашните молови е многу слична една на друга?
-Да, најавуваме 40-тина нови брендови кои прв пат ќе можат да се најдат на територијата на Македонија. Затоа велам дека сме сигурни дека ќе имаме поинаква понуда на пазарот што ќе ги задоволи барањата, вкусовите и потребите на сите потрошувачи од сите возрасти.
- Ќе има ли нови врабтувања?
-Овој објект ќе „прибере“ околу 2500 редовно нововработени и сервисни лица, што ќе придонесе за намалување на процентот на невработеност во државата.
- Колкав промет очекувате?
-Очекуваниот промет во Скопје Ист Гејт е околу 120 милиони евра годишно. Оваа висина на прометот ја очекуваме со оглед на регионалноста на ТЦ. Близината на рутата Е 75 предвидува голема посетеност. Целна група ни се сите патници што поминуваат по таа траса. Тука годишно има огромен промет на луѓе. Но, се надеваме на постеа на луѓе кои редовно ја посетуваат Македонија, а тоа се граѓаните на Јужна Србија, Косово и тн.
- Каков е распоредот на просторот?
-Има два главни влеза за пешаци, има подземна гаража со четири влеза и три излеза, приземје и кат. На катот има дел за забава. Ќе има 3 500 квадрати за забава, осум кино сали, потоа теретана, фитнес центар на илјада метри квадратни со најнова опрема. За децата ќе има игротека на 700 метри квадратни. На простор од преку три илјади метри квадратни ќе има улица со пет кафетерии со интересни нови концепти што прв пат се појавуваат на скопскиот пазар.
- Како е организиеана безбедноста?
- Овој трговски центар е во осмата безбедносна категорија, проектиран по најсовремените стандарди и по сите нормативи што се однесуваат на противпожарната заштита и евакуација на посетителите. Има осум скалила за евакуација.
- Дали ТЦ на 29 ќе функционира во целост или ќе има празни дуќани?
-Најоглемиот дел ќе бидат полни, останатите ќе се отворат во текот на ноември. Генерлно ТЦ се очекува на 29 октомври да се отвори со околу 90 проценти исполнетост, а до крајот на годината уште пет проценти од закупците би требало да ги отворат своите дуќани. Ист Гејт Мол има 220 продавници и 2.000 места за паркирање.
Бране Стефановски