
- „Симчо“ е урбан перифериски роман. Ги следи случувањата во едно наше просечно четиричлено семејство. Таткото е зависник од алкохолот, а тоа е генератор за разградување на семејната симбиоза. Тој и таков товар тежи врз кревките рамена на Симчо, ученик и секојдневен сведок на грди домашни сцени. Но, Симчо е борец! Тој е стожерен лик: мил, тивок, чувствителен. Не откривам повеќе за содржината, тоа им го препуштам на читателите – вели истакнатиот македонски автор Велко Неделковски, кој неодамна го објави своето ново дело „Симчо“, во кое еден шестоодделенец се соочува со сериозен проблем во своето семејство – алкохолизмот на неговиот татко.
Книгата е дел од едицијата „Читанки“ и е наменето за млади читатели, и покрај фактот што разработува горлива тема. „Симчо“ неодамна беше објавен во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Зборувајќи за мотивот за едно вакво дело, Неделковски вели:
- Приказната е слоевита и напишана е со моќен креативен и емотивен набој, до срцевината на горливата тема – алкохолизмот како зло што безочно рие и разорува. Не можев и не сакав авторски да ги затворам очите пред еден ваков предизвик. Мотив плус ми беше надежта дека јас, низ фабулата на романот, ќе понудам своевиден излез од тој безизлез. Приказната завршува со ветувачки надежен „хепиенд“. Малиот, а голем литературен јунак Симчо ги победува сите неволи, пречки и таги.
И во својата 76-та година писателот Велко Неделковски е мошне витален и креативен. И, веќе го најавува своето ново дело, своите следни книги, кои ги пишува и ликовно ги уредува...
- Тукушто завршив еден свој нов краток роман за возрасни. Редактирам и стилизирам збирка мои хаику-песни, заедно со десетина портрет-акварели насликани од мене. Секако, следен мој проект ќе биде книга сказни за најмладите читатели...