Венеција ќе стане првиот голем град во светот кој ќе воведе „билет“ од пет евра за влез на туристите во градот. Градоначалникот на Венеција, Луиџи Брунјаро својат храбра одлука за воведување такса ја спореди  со легендарниот венецијански морепловец Марко Поло.

Според Градоначалникот на Венеција, целта на влезната такса не е да се наполни градската каса, туку да се заштити историскиот град, кој привлекува 40.000 посетители дневно, и да се направи попогоден за живеење.

 Билетите по цена од пет евра веќе може да се купат или резервираат онлајн и важат за периодот од 25 април до 14 јули- период кога во градот доаѓаат најмногу посетители. Градските власти размислуваат за пробен период од два и пол месеци.

„Ние имаме должност да ги зачуваме величествените историски центри ширум светот. Низ историјата, никој не ризикувал да проба вакво нешто. Ниту еден политичар не би го направил тоа што јас ќе го направам. Ако успее, сите ќе кажат дека е банално, а ако не успее ќе критикуваат“, изјави градоначалникот на новинарите, пренесува Guardian.

Размислувајќи за храбрите луѓе кои се подготвени да ризикуваат, Брунијаро вели дека мислел на Марко Поло, кој во 1271 година, на само 17 години, испловил од Венеција и патувал сè до Азија.

„Не знаеше каде оди, немаше џипови... и пристигна во Кина. А потоа се врати во Венеција со важно знаење“, истакна Бруњаро.

Оние кои ќе одлучат да ја посетат Венеција, кога ќе го резервираат и платат билетот, ќе добијат QR код што ќе им биде неопходен за да го обиколат историскиот центар. Контролорите ќе вршат проверки, а оние кои немаат билет ризикуваат казна и до 300 евра.

Жителите, патниците, студентите и децата под 14 години се ослободени, како и туристите кои преноќуваат.

Многумина ја критикуваа одлуката, велејќи дека мерката е неуставна и ја ограничува слободата на движење, додека други тврдат дека може да ги одврати туристите да ја посетат Венеција.