Виена со години е на листата на најпосакувани градови за живеење. Иновативните решенија кои се применуваат во областа на јавниот транспорт, образованието, здравството, управувањето со енергијата и јавната администрација го прават главниот град на Австрија паметен град, пренесува РТС.

„Иновациите се важни“, велат жителите на Виена, но водата и воздухот сепак имаат одлучувачко влијание врз квалитетот на животот. Половина од градската површина е под зелени површини, а градот со два милиони жители се снабдува со вода од Алпите. Стратегијата на Виена е да ги заштити водните патишта со цел да се избегне хемиски третман на водата, освен дезинфекција.
„Заедно со Министерството за шумарство ја заштитуваме областа на извори на вода, а Виена поседува земјиште речиси со иста големина како и самиот град. Тоа се заштитени зони во планинската област“, објаснува Волфганг Грубер од Градскиот виенски водовод.
„Отпадната вода се прочистува преку најсовремена технологија: таа се внесува во големи гасни мотори (изградени под земја) од каде доаѓа гас што се користи за создавање енергија“, вели Карл Вегерер од Централната виенска станица за третман на отпадни води.
Поради добрата стратегија за селектирање и собирање ѓубре, дури и отпадот се смета за вреден во Виена. Годишно во печката „Шпителау“ се согорува 280.000 тони отпад од домаќинството и се произведува електрична енергија за околу 60.000 домаќинства.
„Во оваа печка се согорува само ѓубре од домаќинствата, а сѐ друго, како хартија или пластика, се одвојува на други места и се подготвува за рециклирање. Најголем дел од јавните објекти во градот се загреваат со енергија токму од овој мотор каде се гори отпадот од домаќинствата,“ прецизира Георг Бареш од горилникот „Шпителау“.
Новите технологии ги користат и виенските хирурзи. Тие вршат три операции дневно со помош на роботскиот систем „Да Винчи“, кои со задоволство би ги споделиле своите искуства со лекари од нашиот Балкан.
„Досега направивме повеќе од 150 операции со тим од три лица. Станува збор за операции од областа на торакална и абдоменална хирургија. Најмногу ни помага роботот поради три-де и ха-де проекцијата - целосно се потопуваме во телото на пациентот“, објаснува хирургот Филип Патри.
Изградбата на нови метро линии во центарот на градот е најголемиот инвестициски проект во Виена. Надлежните се обидуваат да ги поттикнат граѓаните што повеќе да користат јавен превоз, да пешачат и да возат велосипед. Според истражувањето, минатата година 32 отсто од жителите на Виена пешачеле на работа секој ден. Само во текот на 2023 година се вложени 21 милион евра во пешачка инфраструктура.
„ Од пред три години во Виена постои и Национален мастерплан за пешачење. Во него е опишано како општините се поддржани на федерално ниво преку подобрување на пешачката инфраструктура. За 11 години многу од тоа е сменето. Сега луѓето прашуваат колку има нови садници на дрвја, а претходно прашуваа колку паркинг места ќе се создадат“, нагласува Петра Јенс од Агенцијата за мобилност и пешачки сообраќај во Виена.
Одвојување на стратегијата од политиката – по тоа се водеа експертите при креирањето на планот за развој на градот до 2050 година. Стратегијата е обврзувачка и нејзините клучни цели не можат да се менуваат, без разлика кој е на власт. А целите се амбициозни. На пример, планот е уделот на автомобили со внатрешно согорување во градот да се намали на 15 проценти до 2030 година.