Од своите почетоци во септември 2003 година, со само неколку статии, денес оваа платформа нуди обемна база на податоци која опфаќа најразлични теми – од историја, географија, наука, уметност, култура, па сè до современи настани и технолошки достигнувања. Прагот од 150.000 статии на македонски јазик е достигнат и заедницата се стреми кон поголеми успеси, изјави за МИА, Бојан Велковски менаџер за комуникации и маркетинг од Викимедија МКД.
Од таму потенцираат дека достигнувањето на 150.000 статии е голем успех за Википедија на македонски јазик, но и за македонското дигитално општество во целина. Оваа платформа претставува доказ дека македонскиот јазик има свое значајно место во светската мрежа на информации. Воедно, најавија дека со постојан труд, посветеност и ентузијазам, Википедија на македонски јазик ќе продолжи да се развива и да биде скапоцен извор на знаење за сегашните и идните генерации.
Додаваат дека во ера на дигитализација, пристапот до релевантни и точни информации на македонски јазик е клучен. Википедија овозможува слободен пристап до знаење за секого, без оглед на возраста, локацијата или образованието. Со тоа, таа игра важна улога во образованието, научните истражувања, новинарството и секојдневното информирање на македонските граѓани.
-Википедија на македонски јазик придонесува за зачувување и промовирање на македонскиот јазик во дигиталниот простор. Преку статии за историјата, јазикот, културата и обичаите на Македонија, оваа енциклопедија служи како дигитална архива на националното наследство.Со 150.000 статии зад себе, Википедија на македонски јазик не застанува тука. Предизвикот е да се подобри квалитетот на постоечките статии, да се збогати содржината со релевантни извори, фотографии и мултимедијални материјали, како и да се привлечат нови уредници кои ќе помогнат во нејзиниот понатамошен развој. Секој поединец може да стане дел од овој проект – Википедија е отворена за сите кои сакаат да придонесат кон глобалната заедница на знаење. Со поголема ангажираност од образовните институции, медиумите и истражувачките центри, македонската Википедија може да продолжи да расте и да стане уште поквалитетен извор на информации, најави Велковски.

Од Викимедија МКД информираат дека Википедија овозможува бесплатен пристап до енциклопедиски содржини на 340 јазици. Првата јазична верзија е Википедија на англиски јазик и основана е на 15 јануари 2001 година. Основачи на најпозната енциклопедија и креатори на идејата се Џими Велс и Лери Сангер, кои со здружени сили ја започнале работата, првично само на англиски јазик. Македонската јазична верзија на Википедија е основана во септември 2003 година и е во постојан раст, квантитативно и квалитативно.
Најчитани за 2024 година
Статиите за македонските претседателски и парламентарни избори, за Македонија, молитвата Оче наш и Свети Кирил и Методиј се првите пет најчитани текстови за 2024 година на Википедија на македонски јазик.
Истовремено, на интернет енциклопедијата на македонски јазик лани се пребарувало и за главниот град Скопје, каталонскиот политичар Карлес Пуџдемон и претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Се читало и за Гоце Делчев, за државните празници во земјава, но и за Денот на востанието на Македонија.
Листата на најчитани статии на Википедија на македонски јазик хронолошки изгледа вака:
Македонски претседателски избори (2024) – 100.111 прегледи;
Македонски парламентарни избори (2024) – 100.057 прегледи;
Македонија – 93.557 прегледи;
Оче наш – 73.926 прегледи;
Свети Кирил и Методиј – 66.919 прегледи;
Скопје – 61.100 прегледи;
Карлес Пуџдемон – 60.118 прегледи;
Мочуриште – 54.644 прегледи;
Гордана Силјановска-Давкова – 48.719 прегледи;
Гоце Делчев – 46.859 прегледи;
Државни празници во Македонија – 45.699 прегледи;
Македонски парламентарни избори (2020) – 42.964 прегледи;
Ден на востанието на Македонија – 41.248 прегледи;
Министерство за животна средина и просторно планирање – 40.005 прегледи;
Свети Климент Охридски – 39.532 прегледи;
Кочо Рацин – 35.391 прегледи;
Автомобилски регистарски таблички во Македонија – 33.425 прегледи;
Хороскопски знаци – 33.166 прегледи;
Список на градови во Македонија – 31.919 прегледи;
Влада на Македонија – 30.990 прегледи;
Втора светска војна – 29.694 прегледи;
Список на македонски народни поговорки – 29.592 прегледи;
Список на повикувачки броеви на земјите – 28.424 прегледи;
Европа – 26.784 прегледи;
Поштенски броеви во Македонија – 26.490 прегледи.