Винската приказна за винаријата „Ерос“, која се наоѓа во село Марена, Кавадарци започнува уште пред три децении, а е меѓу првите официјално регистрирани мали семејни винарии во 2004 година.
Сопственикот на „Ерос“, Сашко Андов, раскажува дека неговиот татко Душко, започнал со производство на ниво како хоби уште пред 30 години во мали количини за семејството и пријателите. Но, со текот на времето, се родил експанзија на мали бути винарии кои се регистрирале, но многу малку преживеале. „Ерос“ како регистрирана винарија започнала со капацитет од 10 000 литри вино, кое е изработено во три сорти.

„Беше многу тешко тогаш, сите бевме на комерцијални вина и индустриско производство. Тешко е да се сменат и навиките на луѓето. Домашното проиводство важеше за производство во нехигиенски услови, но, таа слика се промени во последните три до четири години, со појавата на поголем број семејни винарии“, вели Андов.
Тој ја поддржува појавата на поголем број мали семејни винарии, за кои вели дека претставува ветер во грб за малите производители. Според него, тие не се конкуренција на пазарот, туку на производството, бидејќи сите се стремат да постигнат што поголем квалитет. Со здружен настап почнале да излегуваат на повеќе манифестации, а некои од нив и сами ги организираат за поголема промоција на нивните вина.
„Ние сме дел од здружението Тиквешки семејни винарии , на поголеми манифестации одиме како дел од излагачи и тоа е чест да се претставиме пред винската публика“, објаснува Андов.
Тој ја поздравува промената на Законот за винарство, сметајќи дека се олеснило отворањето на малите семејни винарии.
„Тука е интересно што еден дел од грозјето, производителите имаат начин како да се растеретат од него. Се создава конкуретност на цена. Сега сме околу 100 регистрирани семејни винарии, но, треба да бидат во поголем број. Да успееме да привлечеме туристи кај нас, не се работи само за домашните потрошувачи, треба да овозможиме луѓето од светот да го дегустрираат. Поднебјето ни е иделано. Треба да овозможиме пристап на туристи, да има повеќе сместувачки капацитети, ќе има простор самите земјоделци да се стимулираат што повеќе да отвораат вакви капацитети“, вели Андов.
Мерките на државата и грантовите кои ги добиваат за нив се добредојдени, бидејќи на сите нив им треба дополнителна опрема за да се осовремени производството.

„Технолошки ни треба дополнување на сите, имаме добра насока, но, технолошки сме назад во споредба со сите земји од Балканот. Ни треба напредок бидејќи сме полмал пазар и опремата ни е потешко достапна. Треба да се бавиме со автохтоните сорти, секој турист ќе проба квалитетна светска сорта, но, ние тука ги имаме автохтоните сорти. Станушината ни е позната, Смедеревка, Кратошија, Вранец се веќе регионални. Имавме можност да имаме настап во Болоња, таму беа присутни околу 1000 излагачи, но, сите беа мали семејни винарии. Најголем акцент беше дадено на автохтоните сорти. Тоа е моментот каде може да избегаме од глобализацијата, а зачувување на културното наследство. Сега е моментот да и дадеме вредност на автохтоните сорти. Во однос на винаријата „Ерос“, некои замисли се уште ни се остварени, а во светот носат добри резултати. Посетивме винарии кои некогаш се занимавале со органско производство, сега со биодинамика напреден левел на производство. Гледаме дека и ние одиме во таа насока. Ние сме органска винарија, но, гледаме дека преминуваме и во биодинамика“ смета Андов.
Во поглед на неговата винарија „Ерос“, вели дека имаат стратегија за настап на пазарот. Направиле компетно ребрендирање на вината, ги смениле етикетите, вината добиле нови имиња со своја автентична приказна и тоа дава резултати.
„Секој сака да слушне приказна. Секоја семејна винарија има приказна. Доаѓа и од производителите на грозјето и на виното. Тоа води и до зголемување на приказната. Тоа е стимулација за нас. Секоја етикета е приказна сама за себе“, појаснува Андов.
Љубителите на вината најмногу ја сакаат белата „Станушина“ па се до тешкиот црн „Вранец“. Има преку 10 палети на вино, секое со различни карактеристики, а почнале да експериментираат буквално со секоја сорта на грозје. Македонците најмногу го бараат виното „Темјаника“.
Вината на винаријата „Ерос“ се доставни во продажба на интернет, голем број на винотеки како и ресторани.