Во првите шест месеци од оваа година регистрирани се 100 нови винарии. Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство заклучно со 30. јуни во својот вински регистар евидентира 250 винарии од кои 167 се винарии од физички лица, односно семејни винарии, а останатите како комерцијални фирми - винарии.

„ВИНОПЕДИА, винска енциклопедија (анг. VINOPEDIA | wine encyclopedias) во склоп на своите активности за потребата и подготовката на првата македонска винска енциклопедија и винска географска карта изврши геолоцирање и дигитално мапирање на регистрирани винарии со цел да им овозможи на странските гости и винските ентузијасти брзо и едноставно пронаоѓање и лоцирање на винариите за нивно понатамошно истражување,“ вели Здравко Јосифовски, автор и иницијатор на винската енциклопедија.
За помалку од 24 часа од објавувањето на онлајн винската карта, која е само еден дел од Винопедија, повеќе од 1.000 корисници ја посетиле и започнале да ја користат истата.
Како што нагласува авторот, онлајн верзија на картата овозможува малите семејни винарии посебно да се прикажат од останатите комерцијални винарии. Инаку, во подготовка се и англиски печатени верзии на вински карти, коишто ќе бидат издадени наредниот период. Издавањето на винските карти е со цел да ги информират транзитните патници и останати туристи што ќе престојуваат во Македонија за винариите, винските рути и винската понуда од македонските семејни и останати винарии.
Квалитетот и сигурноста на објавените информации е обезбедена со поддршка и соработка со УКИМ Факултетот за земјоделски науки и храна - 75 Години ФЗНХ, Катедра за лозарство и винарство и Институтот за овоштарство, лозарство и винарство со професорите Д-р проф. Михаил Петков и Доц. Златко Прцуловски.
На винската карта покрај винариите во соработка со НУК - Независната угостителска комора мапирани се и значајни туристички и историски дестинации, вински продавници и вински музеи, како и угостителски објекти - хотели и вински ресторани кои нудат специјализирани вински дегустации во комбинација со македонски врвни гастрономски специјалитети за љубителите и истражувачите на винските дестинации.
Онлајн винската карта е бесплатна и достапна преку Google Maps на следниот линк: https://cut.li/mwm.
