Високата цена на струјата- погубна за многу компании. Растот на цената на електричната енергија е најголем проблем за македонската економија, алармира Стопанска комора на Македонија. Комората уште пред еден месец испорача барања до Владата за помош на бизнис секторот во однос на енергетската криза. Иако, првично, Владата порача дека барањата на бизнисот биле прифатливи, и по еден месец нема никакви повратни предлози и мерки, како одговор на барањата.

Стопанска комора уште еднаш пред клучната седница во четврток на која ќе се одлучува за пакетот мерки врзани за енергетската криза нагласува: „Напуштање на позицијата на нормалност и обезбедување на поевтина електрична енергија за компаниите, а со тоа спас и на економијата и државата.“
Прашањето за цената на струјата, комората го акцентира во јавноста се почесто затоа што пред себе имаат факти коишто потврдуваат дека бизнисот не може да опстои со овие цени на енергијата. Во овој момент како што нагласува потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски, нема поголем проблем за македонската економија од проблемот со цената на струјата.
Поради тоа, како што вели Јовановски, - Стопанската комора подолг временски период се фокусира токму на ова прашање, организира работни средби со претставници на разни надлежни државни институции, во јавноста предлага повеќе мерки, а сега го чека одговорот на Владата и на државните институции.
Сериозноста на состојбата ја поткрепи и со конкретен пример: „Сметката за струја на една компанија во јули годинава ѝ е речиси шестпати поголема во однос на јули лани, иако сега потрошила помалку струја од минатата година. Лани за јули платила околу еден милион денари, а годинава за јули – шест милиони денари. Дополнително тоа влијае и на цената на производите со кои компаниите не можат да бидат конкурентни во однос на увозните производи. Кој бизнис-сектор ќе го издржи ова и до кога?“ посочи Јовановски.
Тој додаде дека компаниите се сѐ помалку конкурентни, а бројот на затворени компании се зголемува. Лани од регистарот биле избришани околу седум илјади фирми, а годинава, според моментално објавените податоци, веќе се избришани речиси 5.400 правни лица. Од тука и прашањето: Со вакви цени на струјата, уште колку компании ќе го стават катанецот на вратата во периодот што следува доколку Владата не им помогне?
Револтираните стопанственици не отстапуваат, бараат од Владата да се обезбеди поевтина струја за да се спаси економијата од колапс.
Компаниите бараат итна набавка на мазут и јаглен за ТЕЦ Неготино, ТЕ-ТО да работи цела година, како и струјата од обновливи избори да биде наменета исклучиво за индустријата.
За бизнисот препорачаните мерки од Владата за штедење струја се несериозни. Тие се свесни за енергетската криза и никој не треба да им кажува на фирмите како да го сторат тоа, бидејќи сите се труделе да ги сведат трошоците на минимум. Инаку, се очекува Владата во текот на неделава да прогласи кризна состојба во енергетиката.
Овие предлози како што нагласува потпретседателот на комората очекуваат Владата што побргу да ги прифати и да преземе чекори за нивна примена. Потребна е итна реакција затоа што времето минува, а ризиците се зголемуваат. А, како што истакна тој - цената на струјата е најважното економско прашање – во моментов прашање за опстанок на македонскиот бизнис-сектор.